Александра Јанева

Александра Јанева

Дамата на која ѝ се ветени ѕвездите

Млада, убава, културна, топла, сосем природна пејачка со извонреден глас кој душа стоплува, тоа е нашата дама од насловна која периодов е актуелна со својот нов сингл „Денот што ни носи“. После две години пауза, Александра одново си ја отвори душата пред македонската публика создавајќи со својот тим уште една заносна балада. Но, тука не застанува! Како и за многумина, така и за Александра принудната пауза подразбираше река од творештво во кое доправа ќе уживаме. Александра е двократна победничка на „Макфест“, победи во 2013 и 2016 година. Во 2019-та ѝ беше пратечки вокал на Тамара Тодевска која успешно се пласираше на 7 место во големото финале. Нејзиното музичко портфолио до сега брои многу успешни хитови и интересни видео записи. А штом ја чуете како пее во живо, несомнено ќе се согласите дека на оваа девојка ѝ се ветени ѕвездите.

По некое непишано правило, уметниците создаваат врвни дела после кризи како пандемијата со која сѐ уште се бориме. Твојата последна песна го најавува истото, па дали ни подготвуваш нешто маестрално?

Песната „Денот што ни носи“ е само почетокот од она што јас си го нарекувам нова етапа во мојата музичка кариера. Повеќе од две години се подготвуваме за она што ќе следува, а следуваат уште многу песни во кои композиторскиот тим даде огромна љубов и јасен фокус кон тоа да создадеме музика која мене ми пее во срцето и мене ме отсликува.

Сите проекти што ќе следуваат ми се лично многу драги и секој чекор од нивното создавање ми е посебен. Заради тоа сум уште понестрплива да ја споделам радоста со публиката, па таа да одлучи кое следно дело ќе биде она маестралното.

Како лично ја поднесе целата оваа ситуација на неизвесност и изолација, што научи?

Се уверив дека годините летаат. Но, од нас зависи дали ќе остане нешто значајно од нив или ќе пројдат онака стихијно, нечујно. За поголемиот дел од нас оваа неизвесност беше огромна лекција и потсетување дека треба најпрво да промениме нешто кај себе за да животот стане подобар и поквалитетен од секој аспект.

Забележуваме нов бран на исклучително талентирани изведувачи кои водат сметка за сѐ, добра песна, добар изглед, стајлинг, видео запис. Конкуренција е здраво да се има, но дали нашата публика се менува и станува порасположена да консумира македонска музика?

Кога нешто постојано се пласира на пазарот, во континуитет и притоа е добро и различно, не може да остане незабележано и да не предизвика внимание и интерес. Јас секогаш се радувам на нова македонска музика која ќе ги освои моите симпатии затоа што тогаш и јас сум помотивирана да работам повеќе, а и публиката е спремна да очекува повеќе. Имам чувство дека сите сфаќаме дека нема лош или добар јазик за песна, туку има само лоша или добра песна. А, добрата песна звучи светски на било кој јазик!

„Естетските корекции се докажале како мошне ефикасна алатка во подобрувањето на целокупниот ментален склоп и самодовербата кај многу луѓе и затоа подржувам сѐ што може да те направи посреќен и посамоуверен“

На кој начин се создава една песна, од каде црпиш инспирација, сама ли тргнуваш да напишеш текст…како оди сиот тој процес?

Најлесно се инспирирам кога ќе си ја олеснам душата и ќе споделам радост, тага со близок човек. Тогаш се ослободувам, зборовите ми се редат во глава како некоја исповед и добивам идеи и за музиката и за текстот. Но, не секогаш имам инспирација. Многу ми помага тоа што соработувам со луѓе со кои постојано се надополнуваме со идеи и тогаш кога се чувствувам исцрпено и непродуктивно, нивната љубов и страст кон музиката ме мотивира, ги победува моите моменти на несигурност и неочекувано се раѓа некоја нова интересна идеја.

Дали стасавме до моментот кога една млада девојка како тебе може да живее од музика и само од музика?

Јас живеам од музика и само од музика, но секогаш може подобро и така очекувам да биде. Се вложувам максимално во професијата која ми е најголема љубов и имам уште многу да дадам и добијам.

Твоите вокални способности се очигледни, но очигледна е зрелоста во твоето пеење. Дали стасуваш да работиш на својот глас?

Секој пејач мора да работи на својот глас. Тој што зборува дека пеењето природно само излегува од него, ве лаже. Всушност, неодговорно е и недозволиво е да имаш инструмент во себе и да очекуваш дека ќе те служи ако не го негуваш. Работам веќе долги години и на техника на пеење, но и на она што е можеби најважната и најтешката задача во пеењето, самодовербата. Да се убедиш себеси дека можеш да и го дадеш на публиката она што го носиш во себе!

Интересно е тоа што никогаш не си здодевна кога станува збор за твојот изглед. Менуваш боја на коса, речиси сѐ ти прилега и тоа навистина е одлично, нѐ анимира. Дали сама одлучуваш за овие промени или сѐ е дел од стратегија?

Низ годиниве научив дека треба само да си искрен кон себе и кон публиката. Прави го само она што сакаш да го направиш, а не она што другите мислат дека е добро за твојата кариера. Менувањето на бојата на косата го правам само тогаш кога сакам, без никакви други намери и цели. Обично ми здосадува истата боја по подолго време и сакам промена, па мојот фризер се труди да ме разубеди со коментарот: „А, има ли жена што знае што сака?“

Се храниш ли здраво, следиш ли некои трендови во однос на исхраната?

Лошата, брза храна многу деструктивно ми влијае на хормоналната рамнотежа и на кожата на лицето. Тоа е главната причина заради која се трудам да се хранам поздраво, иако имам свои слабости. На пример, најтешко ми е да им одолеам на десертите. Јадам многу протеини кога сум редовна со вежбање и пред настапи, затоа што после мускулен замор адекватно доаѓа мускулен одмор и регенерација.

Janeva

„Неодговорно е и недозволиво е да имаш инструмент во себе и да очекуваш дека ќе те служи ако не го негуваш“

На кој начин се грижиш за себе, за своето тело и кожа? Дали можеби имаш присвоено некој свој проверен ритуал? Она што ни се допаѓа е твојата природност во оваа ера на клонови, дали свесно се исклучуваш од она што како тренд го наметнуваат социјалните медиуми. Би прифатила ли естетска корекција и од кои мотиви?

Ужасно многу ми смета и ме нервира клонирањето, копирањето и ѕиркањето во туѓите кариери. Секоја јавна личност мора да следи одредени трендови за да ја зачува и одржува врската со луѓето кои се негова публика/следбеници/истомисленици, но не по цена на губење на сопствениот идентитет и идентификувањето во другите.

Го сакам природниот изглед кај себе и тоа ме идентификува мене. Апсолутно сум за естетски корекции и кога јас би се одлучила за таков чекор, тогаш тоа би било во граници во кои јас се чувствувам комфорна и едноставно јас сум јас. Естетските корекции се докажале како мошне ефикасна алатка во подобрувањето на целокупниот ментален склоп и подигнување на самодовербата кај многу луѓе и затоа подржувам сѐ што може да те направи посреќен и посамоуверен.

Опиши ни го емотивниот ролеркостер со кој се соочуваш пред, во текот и после еден настап?

Многу фактори се вмешани овде, но скоро и да не постои настап кој не го диригира публиката. И ако сте насмеани и среќни, или пак тажни и уморни пред да настапите, публиката е таа која ќе ја почувствува вашата енергија и ќе одлучи дали ќе ви возврати со насмевка или пак со незаинтересираност. Најчесто добиваме онолку колку што даваме, но има и моменти кога не ни е денот, па даваме помалку одошто добиваме или пак она најтешкото за прифаќање и процесирање – даваме сѐ од нас, а добиваме многу малку за возврат.

Александра, имаше ли нормално детство поминато на улица? Колку си свесна за лошиот ефект што го имаат социјалните медиуми врз младите и начинот на кој се доживуваат себеси, дали ти знаеш да се исклучиш од нив и да се исклучиш од лошите коментари што денес лесно допираат до секого?

Јас пораснав со парче леб намачкано со ајвар и сирење во рака, играјќи си до вечерните часови во моето маало. Толку ми беше интересно што скоро секогаш со молење се прибирав дома. До ден денес со задоволство се присетувам на сите убави спомени од детството. Сепак свесна сум дека времињата пребрзо се менуваат и она што некогаш мене ми било интересно сега е веќе незамисливо и досадно. Социјалните мрежи во голема мера влијаат на нашето секојдневие и мислам дека е скоро невозможно да се исклучиш од тој свет. Можеби може само да контролираш во колкава мера тоа влијание ќе го обликува твојот свет, твојата индивидуа.

Која е твојата формула за здрав живот и ведар дух што би го споделила со нашите читатели?

Споделувајте и разменувајте чувства, искуства и енергија со луѓето околу себе и бидете искрени притоа.