Децата несомнено се плод на заедничка љубовна приказна меѓу двајцата родители, и секако една нова фаза во  љубовниот  соживот меѓу нив. Меѓутоа,новите членови во семејството носат и нови обврски и окупација, особено на мајката, па не ретко љубовта и страста позната претходно почува да се менува, а неретко и да исчезнува. И сето ова може да е во ред, барем на почетокот, додека родителите се запознаат подобро со новиот член и со новите улоги, дури и по цена да се жртвуваат дел од досегашните задоволства. Но, она што никако не смее да се жртвува е љубовта меѓу партнерите родители. 
 
Многу често се случува заради оптовареност со обврски да не ви остане време за себе, а уште помалку за партнерот. Во секојдневната преокупација од обрски, се случува да заборавите дека пред да станете родители, сте биле љубовници, и тогаш основна цел ви била како да го направите партнерот среќен и задоволен, а со тоа и двајцата да бидете среќни. 
Доколку заради премногу обврски кои ги носи родителството сте заборавиле на себе и партнерот, првиот чекор кон враќање во нормала е да ја прифатите реалната ситуација во која се наоѓате и да се потсетите каков ви бил заедничкиот живот пред да се приклучат децата. Емоциите сигурно се некаде длабоко во вас, едноставно  треба да ги разбудите.
Како се однесувате кон партнерот и кои емоции ги покажувате, влијае и врз развојот на децата и како тие понатаму ќе ги искажуваат своите емоции кон своите животни партнери.
 
Отворена комуникација – клучен фактор

Многу е важно да комуницирате отворено, дури и за најмалите детали, затоа што ако нешто е неважно за вас, можеби е важно за партнерот и обратно. Општо е познато дека со зголемување на бројот на членови во семејството, се зголемува и бројот на обврски за партнерите. И кога обврските не се рамномерно поделени или се потценува нечија работа, тогаш се зголемува и бројот на кавги и конфликтни ситуации во домот. Во отворен разговор со партнерот, кога и двајцата сте релаксирани и без итни обврски што ви тежат над главата, пробајте да се договорите и да ги поделите соодветно обврските околу децата и домот. Подобро се работи на романтиката кога знаете дека ги имате поддршката и разбирањето од партнерот. 
 
15-годишна студија направена во САД открива дека клучот за задоволство и среќа во бракот е заедничкото носење на одлуки. Кавги има во секое семејство, но дали бракот ќе се одржи или разниша зависи од способноста на партнерите за соработка и почит. 
 
Сигурно секој од вас има по еден пар пријатели кои зборуваат само за децата на секоја дружба. Најверојатно и меѓусебно само за тоа разговараат. Што јаделе децата, што направиле во градинка или училиште, колку се добри во спорт итн... И сигурно не сакате да бидете еден од тие парови. Да комуницирате меѓусебно, значи да си одвоите по неколку минути во текот на денот да се прашате меѓусебно како сте, како го поминавте денот на работа, да се потсетите на омилената песна или филм и на тоа дека постои и живот надвор од тој што го диктира грижата за децата.
Пробајте барем еднаш месечно да организирате романтичен состанок само за вас двајца. За чување на децата договорете баба, дедо, тетка или изнајмете бебиситерка на неколку часа. А вие изберете ресторан, некој спа центар или, пак, мирна вечера дома. Во прилог на заедничката дружба е да имате и заедничко хоби. 
 
Одвојте слободно време
Добра идеја е повремено да го разгалите партнерот, на што таа/тој треба да ви врати со иста мера. Дајте и/му слободен ден од родителските обврски, ден што ќе може да си го посвети само на себе, додека вие тој ден ќе ги завршите и нејзините/неговите обврски. Сигурно ќе ви биде малку тешко, ама нека ве води мислата дека и вашиот ден ќе дојде набрзо.
Покрај заедничкиот одмор со децата, добро е да имате барем еден викенд за себе, без деца. Изберете некоја блиска локација со набиен распоред за уживање, а децата оставете ги кај баба и дедо. Најверојатно ќе ве гризе совеста првите неколку часа или првиот ден, но дома ќе се вратите релаксирани со полни батерии за справување со родителските одговорности.  
 
Делете комплименти

Ако порано комплиментите се однесувале повеќе на физичкиот изглед, сега потрудете се да не ги изоставите тие, но обрнете повеќе внимание на тоа како партнерот се справува со грижата за бебето, но внимава и на останатите членови на семејството. Пожелно е да го опсипувате партнерот со комплименти секојдневно. 
 
Одржувајте здрав сексуален живот.

Да, постојано сте исцрпени, немате време, низ глава ви поминуваат разни ситуации на кои треба да одговорите, но сето тоа се само изговори за да избегнете да бидете интимни со партнерот. Ова најмногу се менува како приоритет кај жените. Точно, тешко е да се вратите на тоа веднаш по породувањето, кога и самите не можете да се препознаете ни физички ни психички, а врз тоа треба да се прифатите и во новата улога на мајка. Но, тоа не значи дека и после неколку месеци сèуште треба да го избегнувате партнерот. Сексот е и ваша биолошка потреба, а не само барање од партнерот. За многу жени, сексот е рефлексија на моменталната фаза во која се наоѓа врската меѓу партнерите. Ако се чувствуваат неразбрани или повредени, влијае на тоа како го доживуваат партнерот и како мислат дека партнерот ги доживува нив. 
 
 
Вашата љубов и хармонија е важна за развојот на вашите деца

Децата веднаш насетуваат кога нешто не е во ред, како на пример доколку нивните родители не се среќни во бракот, иако пред нив никогаш не избувнале еден спрема друг или имале расправија. И за децата е добро да видат дека родителите се блиски и дека споделуваат нежности, како гушкање додека се гледа филм, некое попатно милување или бакнеж. Така и децата учат дека одредени емоции треба да се покажат во јавност, а од друга страна, тоа ќе ве опушти вас како родители и полесен ќе биде транзитот кон нешто поинтимно што треба да се одвива зад затворени врати. И бидете снаодливи, украдете по некоја минута во текот на денот, не мора тоа секогаш да биде доцна навечер откако ќе заспијат децата, кога и вие сте на половина пат до длабок сон.  
 
Семејството е силно колку што е силен бракот, едното без другото не може да опстане. Гледајте на бракот и семејството како на тим, простувајте си, не бидете злопамтила и фокусирајте се на љубовта!
Како што е неопходно да им пружиме љубов на децата, да ги научиме на здрава исхрана, да им овозможиме здрав физички и ментален развој за да имаат здраво и среќно детство, но и за да имаат понатамошен здрав развој во среќни возрасни личности, така е неопходно и да ги дисциплинираме. Дисциплината воспоставена на вистински начин, ќе го научи детето како самото да го контролира своето однесување и како возрасна личност ќе сака да биде внимателен и грижлив член на семејството и општествено примерен граѓанин. 
 
Преку дисциплинирањето, децата ќе научат како да ги создаваат и да ги одржуваат врските со другите луѓе и како да се соочат со предизвиците во животот преку примена на само-дисциплина.
 
За и против

Постојат поделени мислења меѓу родителите поврзани со потребата за дисциплинирање на децата. Многумина не сакаат да ги дисциплинираат своите деца затоа што имаат лоши спомени од сопственото детство поврзани со дисциплинирањето, други сметаат дека така ќе влезат во конфликт со децата и ќе предизвикаат гнев и лутина кај нив, а трети пак не можат или не сакаат да посветат време и енергија на дисциплинирањето на децата. И сите овие грешат. 
 
Дисциплинирањето на децата не е казнување затоа што направиле нешто погрешно! 
Напротив, да се дисциплинира детето значи да се постават јасни граници и правила, и да му се објаснат последиците од непочитување на правилата за да научи што е правилно, а што не, и за да знае во иднина како да се однесува и како самото да го корегира своето однесување. 
 
Многу често родителите и не знаат како вистински да го дисциплинираат детето, па дисциплинирањето како постапка го мешаат со казнувањето.
 
За казнувањето
Потребата за казнување се јавува кај недоволно едуцирани родители кои во состојба на очај и неможност да се справат со однесувањето на детето, народски кажано ги “лекуваат”своите фрустрации врз детето.  
Казнувањето, без разлика дали е викање, именување на детето со погрдни имиња, плескање по газето или посериозен ќотек, јавно омаловажување или отстранување на привилегиите на детето засекогаш, е постапка со која родителите ги контролираат децата, наместо да ги научат децата како да се контролираат самите во иднина. Со казнувањето детето треба да “плати”за направената грешка, без притоа да научи зошто не треба тоа да го прави или така да се однесува во иднина. Казната што родителите ја применуваат го менува начинот на кој детето се гледа себе си. Тоа предизвикува детето да помисли за себе дека е лошо, кога всушност поуката што треба да ја извлече е дека во моментот донело само лоша одлука што не треба да ја повтори. Казнувањето ги учи децата дека не можат сами да го контролираат своето однесување и затоа треба постојано да зависат од родителите. 
 
За дисциплината
 
Од друга страна дисциплинирањето, и многуте техники за дисциплинирање, овозможува децата да учат од своите грешки и како во иднина да се справуваат со своите емоции и потреби на социјално прифатливи начини. На овој начин се развива позитивен однос меѓу родителите и децата, и се намалува негативното однесување кај децата заради барање на дополнително внимание од родителите. Детето треба да почувствува вина за направената грешка, но не и срам поради што ќе се чувствува лошо за на крај да ја изгуби самодовербата. Позитивните техники на воспитување на децата во основа треба да ја градат самодовербата кај децата. Само децата кои се сигурни во себе можат да го освојат светот. 
 
Пофалбите и наградите се само некои од позитивните техники за дисциплинирање на децата. Ако сакате да создадете умни и разбрани човечки суштества, а не мали послушни роботи, продолжете да читате. 
 
Една наша стара поговорка вели:Убавиот збор, железни врати отвора. Па така фалењето на нашите деца кога ќе направат нешто добро или само затоа што ги измиле забите без да ги потсетите мал милион пати го стимулира доброто однесување за во иднина. Во нашата култура на воспитување родителите најчесто го потенцираат лошото однесување на децата, кога всушност треба да се потенцира и пофали доброто однесување кое скоро никогаш не го ни забележуваат. Родителите се свесни за присуството на децата кога тие прават нешто несоодветно или лошо, на пример викаат, растураат, трчаат кога не треба итн. Тогаш следува “ПРЕСТАНИ”, ”ТИ КАЖАВ ТАКА ДА НЕ ПРАВИШ”..., што е многу погрешно затоа што за децата тоа значи потврда дека со тоа што го прават во моментот, иако е несоодветно, го добиваат вниманието на родителите. И во иднина ќе продолжат така да се однесуваат, пораката е таа. Но, кога родителите би ги ловеле добрите реакции и однесувања и за тоа би ги фалеле своите деца, на пр. “Леле, колку убаво и мирно си играте”, децата ќе добијат порака дека таквиот начин на игра е во ред, и во иднина ќе продолжат да си играат мирно. Дури и ако имате ситуација во која едното дете игра мирно, а другото скока наоколу и прави хаос, пофалете го детето што си игра мирно пред другото дете, и ќе видите како и другото дете ќе се смири и ќе ја промените ситуацијата во насока на добро однесување, без непотребно викање. Фалете ги децата кога се учтиви во комуникацијата со другите, кога ги следат вашите инструкции добро, кога се трудат да научат нешто ново, особено кога се трудат да ги напишат домашните задачи. Ако го пофалите детето затоа што покажува желба да научи нешто ново или заради неговата трпеливост додека учи, тогаш ќе го мотивирате да продолжи да се обидува и во иднина. 
 
Многу е важно пофалбата да ја дадете веднаш кога ќе забележите добро однесување кај детето. Само така детето ќе може да ја поврзе пофалбата со тоа што го прави и ќе запомни што треба да прави во иднина. Фалете често, позитивно, и фалете го трудот, не резултатот, затоа што така ја градите самодовербата кај детето. Наместо да го пофалите детето затоа што добило петка на тестот во училиште, пофалете ја неговата желба и труд да учи за тестот. Следниот пат можеби нема да биде петка, но важно е да се задржи кај детето желбата да учи и да биде подобар. Кога велиме позитивна пофалба, тоа значи со пофалбата да го потенцирате однесувањето што сакате повеќе да го гледате кај детето, а не да го критикувате однесувањето што сакате да го искорените кај детето. 
 
Систем за награди
 
Кога станува збор за наградување, тогаш не е лошо да направите систем на наградување. На детето му следува ѕвездичка за добро завршената работа. Со собирање на доволен број ѕвездички (родителите одлучуваат за бројот), на детето му следува материјална награда по негов избор. Овој е принципот, а ѕвездичките може да ги замените со денарчиња, камчиња, џамлии...., а за нивно чување детето може да си одбере кутија што ќе стои во неговата соба. Така ќе може да ги брои од време на време и ќе биде мотивирано да следи инструкции или прави добри дела за да заработи повеќе. Овој систем на наградување е добар кога сакате целно да промените некое однесување. И запомнете, дека ѕвездичката треба да ја дадете веднаш по завршената работа. 
Доколку брзо не ги постигнете посакуваните промени, не очајувајте. Продолжете да се обидувате. Можеби ѕвездичките се лесни за заработка, или наградите што ги нудите не се доволно интересни, па детето не е заинтересирано. 
 
Наградувањето не мора и не треба секогаш да е материјално. Ако ги прашате децата какви награди сакаат, сигурно многу често ќе слушнете дека едно гушкање е сосема доволно. Нематеријалните награди можат да бидат прошетка во парк, гледање филм, ексклузивно хранење на кучето или полевање на цвеќето, една приказна повеќе пред спиење... Потрудете се повеќе да наградувате нематеријално отколку материјално. 
Овој систем на пофалби и награди многу добро функционира кај децата што одат на училиште. Понудете пофалба и симболична награда после секоја завршена домашна задача. Ако е домашната задача пообемна, можете и да ја поделите заедно со детето на неколку помали делови, и повторно да следува награда после завршувањето на секој дел. Наградата може да биде сладолед, гушкање, или нешто друго по избор на детето. 
 
Родители бидете позитивни, помалку критикувајте и забележувајте ги повеќе позитивните реакции на вашите деца, промени на подобро сигурно ќе има. 
Конгениталните срцеви дефекти преставуваат проблеми со срцевата структура кои се присустни уште од раѓање. Тие го менуваат нормалниот проток на крвта низ срцето. Ова настанува како последица на недоволно развиени делови на срцето пред раѓање.
Има многу типови на конгенитални срцеви дефекти, кои можат да бидат едноставни дефекти без симптоми до комплексни дефекти со тешки, живото загрозувачки симптоми.
Постојат вродени и стекнати срцеви мани.Вродените срцеви манинастануваат во текот на ембрионалниот развој на срцето ( во првите три месеци одбременоста ) заради дејство на различни етиолошки фактори: наследни фактории фактори на средината т. е. тератогени агенси кои делуваат во текот на интраутериниотживот на плодот. 

Кои се најчестите срцеви маани кај децата?

Преваленца на конгениталните срцеви маани  при раѓање се движи од 6 до 13 на 1000 живородени деца. Варијацијата  во честотата првенствено се должи на употребата на различни методи за откривање.
Најчестиот вроден дефект на срцето е бикуспидната аортна валвула, со преваленца помеѓу 0,5 и 2 проценти, но како изолирана маана таа ретко се дијагностицира во детството. Следните најчести дефекти се вентрикуларните септални дефекти (VSDs -4 на 100) и атријални септални дефекти (ASDs- 2 на 1000 новородени , потоапулмонална валвуларна стеноза  Тетралогија на Фало (ТОФ) е најчестата цијанотична срцева маана 0,5 на 1000 раѓања. Со најмала застапеност се најтешките кардиопатии како што е хипоплазија на лев вентрикул/лево срце.

Конгениталните срцеви маани се  водечка причина за перинатална и доенечка смрт поради вродени дефект при раѓање. Смртноста бележи тренд на намалување во тек на последните години, поради  се поуспешните корективни или палијативни интервенции. 
Поделба на конгенитеалните срцеви маани :

-  Цијаногени конфенитални срцеви маани се тие кај кои постои циркулација на неоксигенирана крв во системската циркулација, односно имаме видлива цијаноза кај пациентите
-  Дуктус зависни конгенитални срцеви маани – тоа се маани кај кои е неопходно да има отворен ductus arteriosus (PDA) за да може да се опскрбува пулмоналниот или симстемскиот проток. Пример за тоа се маани како транспозиција на големите артерии. Многу,но не сите, цијаногени маани се дуктус зависни.  
-  Критичн когенитални срцеви маани се тие кај кои што е нопходна катетерска или хируршка интервенција во првата година од животот.
 
Вродените срцеви маани се најчестите вродени аномалии кај новороденчињата. На 1000 новородени 6-8 од нив имаат некаков тип на вродена срцева маана. Од овие новороденчиња кај 25 проценти, кои се дефинираат како деца со критични конгенитални срцеви маани, има потреба од интервенција от типот на операција на срце или инервентна катетерска процедура. Многу новороденчиња со критични конгенитални срцеви маани се симптоматски и се идентификуваат веднаш по раѓањето. Но, се уште има и такви кај кои дијагнозата е отежната и се поставува подоцна односно по излегувањето од болницата. Во овој фрагилен период од животот, морталитетот  е најголем кај критичните вродени срцеви маани,  а тоа се маани кај кои е потребна интервенција во првата година од животот. Ризикот од морбидитет и морталитет се зголемува кога постои задоцнување во дијагностицирањето и навременото упатување во терциен центар, кој е остручен за лекувањето на овие пациенти. 
Ризикот од  вродени срцеви маани е поголем кај доенчиња кои имаат а медицинска историја/анамнеза за пренатални состојби кај  мајката кои се асоцирани со овие маани, односно има позитивна семејна историја за срцеви болеси и екстракардијални аномалии. Сомнението за можноста за вродени срцеви маани кај  новороденчето е поголемо кога овие фактори се присутни.

Кај пациенти  кои имаат дуктус-зависни маани , затворањето на ductus arteriosus во првите неколку дена од животот може да предизвика брзо клиничко влошување кое е со потенцијално опасни  последици по  живот.  Давањето на терапија со простагландин Е1 за повторно отворање или одржување на ductus arteriosus може да биде животоспасувачко. Тоа треба да се започне веднаш штом се појави сомнение за конгенитални срцеви маани кај  симптоматски новороденчиња. 
Клиничката презентација на новороденчињата кои имаат критична конгенитална срцева маана,  може да биде многу изразена и опасна по живот како што е шок, цијаноза или респираторен дистрес. Меѓутоа, некои доенчиња со критична конгенитална срцева маана, особено оние кои имаат дуктус зависни маани,  може да изгледаат нормално, да имаат многу суптилни знаци и симптоми за болест или да се без знаци за болест. 
Дијагностика и евалуација

Новороденчињата кои имаат симптоми во правец на конгенитална срцева маана им се прави преглед, пулсна оксиметрија, рентгенграфија на граден кош, електрокардиограм (ЕКГ) и ехокардиографија. 
Кај асимптоматски доенчиња, физикалниот  наод кој оди во прилог на конгенитална срцева маана се одликува со отстапки во однос на здравите деца. Децата со маани имаат  абнормален срцев ритам, прекордијална активност или срцеви шумови, патолошки шум, намалени / отсутни периферни пулсирања или крвен притисок ≥ 10 mmHg повисок на рацете од нозете

Пулс-оксиметрија  е соодветен скрининг метод за критични  конгенитални срцеви маани кај сите новороденчиња. Сепак,  со скринингот не ги идентификуваме сите критични конгенитални срцеви маани, може да ги пропуштиме нецијанотичните маани и некои маани на опстуктција на лево срце. Кога едно доенче ќе биде селектиранно дека е рзиично, со користењето на пулсна оксиметрија,  кај него треба понатаму да се евалуира и идентификува причината за хипоксемијата.  Кога препознавањето и дијагностиката на конгениталната срцева маана е направена со ехокардиографија, понатаму е потребна итна консултација со педијатриски кардиолог и / или пренос во медицинска установа со детска кардиологија и детска кардиохирургија
Кога имаме едно бебе што има  шок што не реагира на ресусцитација со волумен, кардиомегалија, цијаноза, пулмонален едем или на необјаснети респираторни симптоми, тоа треба веднаш да се прати за консултација на детски кардиолог во терциерна установа која има детска кардиохирургија.  При прегледот на детето наогаме знаци и симптоми кои сугерираат дека се работи за конгенитална срцева маана, како што се  абнормални срцеви звуци (на пример, трет срцев звук, галоп ритам, клик или единечен втор срцев звук,  патолошки шум (гласен, холистоистолен, дијастолен најгласен во врвот или горната лева или десна стернална граница), намалени или отсутни импулси на долните екстремитети, крвен притисок ≥10 mmHg повисок  на рацете од  тој на нозете. 
Бидејќи дијагностиката на критичните конгенитални срцеви маани може да се пропушти за време на хоспитализацијата при раѓање, клиничарите треба да бидат свесни и да бараат клинички манифестации за време на првиот преглед кај педијатар  кога бебето е 3-5 дена старо. Симптомите се неспецифични и вклучуваат потешкотии во исхраната, слабо напредување во телесна тежина, цијаноза, респираторни наоди, намалена активност, раздразливост и прекумерно потење. Рутинското испитување треба да вклучува општа проценка на состојбата на детето (вклучувајќи тежина); мерење пулсот,  мерење на крвниот притисок на горните и долните екстремитети; детален кардијален преглед (вклучувајќи аускултација за шум и / или абнормални срцеви звуци); палпација на црниот дроб; и проценка на периферните импулси.
 
 
Летото е сезона на цревни инфекции. Високите температури придонесуваат за размножување на вируси, бактерии и цревни паразити. Ризикот од патувачка дијареја е поголем при патување и годишен одмор.

Што претставува патувачката дијареја?

Патувачката дијареја претставува појава на повеќе од три течни столици во рок од 24 часа.  Важна e конзистенцијата, а не само бројот на столици.Се појавува како последица набактериски инфекции (Escherichia coli, Salmonella, Shigella, Campylobacter), вирусни инфекции(Rota virus) и инфекциисо паразити (Giardia lamlia, Entaneba mistolitica).Најчеста причина за појавување на патувачката дијареја е консумирањето различни видови храна, којашто содржи видови организми на коишто човечкиот организам не е навикнат.


Симптоми на патувачка дијареја

Убаво е да се патува,но тоа често води допоголемризик од патувачка дијарејa.Ризиците од патувачкадијареја се најголеми при патување во Јужна Азија, Екваторијална Африка и поголем дел од Јужна Америка.Најчестите и најтешките симптоми доаѓаат при инфекција со инвазивните бактерии и преносот на инфекцијата најчесто епреку: внесувањезагадена храна и вода, директно преку аерокапков пат, преку загадени раце или предмети.Најчести симптоми кои се појавуваат при патувачката дијареја се:
 
-       Висока температура, особено при инфекција со Salmonella;
-       Повраќање и стомачна болка;
-       Kрвави столици при инфекција со Salmonella, Shigella и Escherichia coli;
-       Тешки водени столици при инфекција со вируси.

Доенчињата и малите деца имаат мала телесна тежина,и честите течни проливи имаат поголем ризик од сериозни нарушувања во водено-електролитната рамнотежа, односно дехидритацијата.

Превенција и третман на патувачката дијареја

Основно во превенцијатана патувачкатадијареја,е избегнувањетоконтакт со заболени лица. Особено важно е одржувањетона личната хигиена,што подразбира често и редовно миење раце со сапун и со топла вода, и користење средства за дезинфекција. Темелно миење на зеленчукот и овошјето пред консумирање, термичка обработка на местото. Чистење и дезинфекција на површините,особено детските играчки, користење флаширана и превриена вода.
 Во третманот на патувачкатадијареја,примарно е рехидратација и користење пробиотици, кои помагаат брзо и ефикасно да се регулира цревната микрофлора.

Хигиено-диететски режим

За време на летниот период, треба да се консумира полесна храна. Кога детето има дијареја,  не треба да му се даваат овошни сокови и засладени чаеви,поради големата содржина на шеќер штојазголемува дијарејатаи го пролонгира нејзинототраење. Покрај симптоматскиот третман со пробиотици, се препорачува:
-Kаша од гриз, банана, ориз и морков, варен компир, леб и пилешко месо;
-Храна со висока нутритивна и енергетска вредност (тестенини, пченкарен гриз, житарки, сирење, мали количествапутер).
 
  Што да понесете во вашата патувачка аптека?

          Внатрешната рамнотежа на микрофлората на човекот е од исклучителнаважност за здравјето на човековиоторганизам. Дијарејата е одбранбен механизам за чистење на инфективните агенси,но доведува до нарушување на рамнотежата на пробиотските култури кои го населуваат гастроинтестиналниот тракт. Затоа,современиот медицински пристап во третман на патувачката дијареја препорачува:
-       Клинички испитани пробиотици; 
-       Средства зарехидратација.

Со земањето пробиотици „добрите“ бактерии создаваат неповолни услови за развој на патогените микроорганизми. Пробиотиците можат да бидат ефикасни во третман на патувачката дијареја, бидејќи ја обновуваат цревната микрофлора и ја засилуваат одбраната на организмот.


   Д-р Специјалист педијатар
 Славица Филевa

 
 
 
 
 
Рахитисот е болест во детската доба, состојба која води до слаби и меки коски кај децатаНајчесто е предизвикан од недостаток на витамин Д, во времето кога е најпотребен за правилен раст и развој на децата. 

На што се должи?

Појавата на рахитис може да биде резултат на недоволно внесување витамин Д3  преку храната, премала изложеност на сончеви зраци, ексклузивно доење без суплементација на витамин Д3,целијачна болест или одредени генетски состојби. 

Други фактори што доведуваат до рахитис се недоволно внесување калциум или фосфор. Рахитисот e состојба кај која постои растројство на минерализација (инкорпорирање на калциум и фосфор) во коските кои растат. Дијагнозата за рахитис се поставува на основа на биохемиски тестирања како низок калциум, низок фосфор, ниско ниво на витамин Д3, висока алкална фосфатаза во комбинација со клиничката презентација на симптоми типични за рахитис. 

За нормален раст на коските и за нивната минерализација,потребно е доволно калциум и фосфати, двата најголеми конституенти на коскениотматрикс. Дефициентната минерализација може да доведе до рахитис и/или остеомалација. Рахитисот се однесува на дефициентна минерализација на зоната на растење, како и на нарушување на архитектониката и структурата на коските. Основниот механизам вклучува инсуфициентна калцификација на коските. Остеомалацијата означува нарушување на минерализацијата на коскениот матрикс. Рахитисот и остеомалацијата највообичаено се случуваат заедно, сè додека се активни зоните на раст во коските, додека само остеомалација се појавува кога растот е веќе завршен. Витаминот Д има улога на „контролор“на количеството калциум и фосфор кои преку храната, преку цревата доаѓаат до телото. Како последица на недостаток на витамин Д, се смалува и вкупното количество на калциум и фосфор, па телото реагира со активација на хормони кои ги надоместуваат овие минерали од телесните резервоари, односно коските. 

Витаминот Д – клучен фактор за правилен раст и развој на коските


Растот и развојот се специфични категории кои се својствени за децата. Најинтензивен раст бележат децата до 1 година, во рана претшколска возраст и во адолесценцијата. Овие три периоди се најчувствителни во однос на појавата на рахитис. Витаминот Д е прохормон, кој се синтетизира во кожата по нејзино изложување на ултравиолетови зраци или може да се апсорбира од храната или суплементите. Овој прохормон потоа поминува, се конвертира, во активна форма во црниот дроб и последователно во бубрезите. Во овие 3 чувствителни периоди од детскиот раст и развој, ако нередовно се суплементира витаминот Д, може да дојде до појава на рахитис.

Mногу малку од прехранбените продукти имаат доволни количества витамин Д. Најголем извор на витамин Д се масните/сините риби, како лосос, харинга, скуша, сардина. Го има и во месото и во жолчката. Само мал дел од овие продукти се консумираат секојдневно. Секако, кога се доенчиња, децата се исхрануваат со мајчино млеко, кое содржи многу мало количество на витамин Д. Синтезата која се одвива во кожата е главен извор на витамин Д. 

Што се случува кај децата ако не се внесува доволно витамин Д? 

Клиничкитезнаци и симптомите на рахитис може да вклучуваат чувствителност, болки во коските, подложност на фрактури на коските, особено на фрактури green stick, замор при одење. Кајдоенчињата,може да се појават рани скелетни симптоми,како што се меки черепни коски - состојба позната како краниотабес,што е прв знак на рахитис, четвртеста глава и одложување на затворањето на фонтанелите, промени во кичмениот столб. Поради нарушувањетово растот, ако скелетот не се формира правилно, ќе нема добар линеарен раст и детето ќе биде пониско од просекот. 

Останати чести знаци и симптоми се: здебелување на метафизите на долгите коски, рахитична бројаница, Харисонова бразда, рахитична кифоза во време на проодување. Малите деца може да имаатдеформација на нозете во облик на буква „О“или „X“, постарите деца – проблем со колената. Често, бебињата имаат дискретнахипотонија – слабост на мускулатурата, а сезабележува и невровегетатитвна лабилносткако раздразливост, несоница, интензивно потење.Хипокалцемија, ниско ниво на калциум во крвта, може да резултира со тетанија – неконтролирани мускулни спазми. Исто така, може да се појават и проблеми со забалото. Манифестниот рахитис, кој е соодветно дијагностициран, успешно се лекува со витамин Д во тераписки дози. 

Најважен начин да се спречи развој на рахитис е превенцијата 


Неопходно е да се превенира сè додека млекото е главната исхрана на детото, односно до 1 година. Затоа, по препораките на светските педијатриски здруженија, за правилен развој на коските потребна е суплементација со 400 интернационални единици на витамин Д3. Исто така, по првата година од животот се продолжува со редовна суплементација од 400  интернационални единици во текот на зимските месеци, сèдодека не се заврши растот. 
 
 
 
 
 
Секој од нас доживува стрес секојдневно, без разлика дали е вработен или не, дали е на раководна позиција или не. Ден за ден, стресот станува хроничен и тогаш веќе почнува да влијае на имунитетот, на сонот, на здравјето... Затоа, одморот, дури и еднаш годишно, ни е потребен на сите нас. Особено кога одморот станува и елемент за заедничко дружење со семејството.
 
Семејна вредност
Покрај период за релаксација и оттргнување од секојдневните обврски, одморот станува и време за семејно поврзување. Со оглед на стресното секојдневие што го живееме, и статистичките податоци од истражувањата ширум светот, покажуваат дека семејниот одмор  (и тоа пожелно повеќе пати од еднаш годишно) е неопходен за идни физички и психички здрави генерации:
·       две третини од разговорите помеѓу родител и дете се однесуваат само на дневната рутина;
·       65% од родителите велат дека само повремено играат со децата;
·       1 на секои 6 татковци вели дека не знае како да игра со сопственото дете, а третина од татковците едноставно немаат време да играат со децата;
·       само четвртина од децата разговараат со родителите повеќе од еднаш неделно за нешто важно.
Најчестата грижа на родителите е физичкото здравјена децата, но подеднакво внимание треба да се посвети и на односите помеѓу родителите и децата и како тоа влијае на менталното здравје на децата. 
 
Важен за когнитивен и ментален развој на децата
Многу невролози и детски психолози и психијатри повикуваат на активни семејни одмори заради ефектот што го имаат тие врз развојот на мозокот на децата. Активните семејни одмори се оние во кои децата и родителите заедно играат и истражуваат. Средината во која го поминувате одморот, било да е плажа или планина, овозможува услови за активација и за развој на делови од мозокотшто од раѓање ги имаме, но секојдневната рутина не ни дозволува да ги развиваме.Затоа, правете замоци од песок, скокајте на бранови, истражувајте ја плажата за школки или шумата за најразлични растенија. Навидум банални игри, но овие искуства кај вас и кај вашите деца предизвикуваат излачување хормони и невротрансмитери што го намалуваат стресот и создаваат чувство на топлина и сигурност. Со овие активности го вежбате мозокот и ја развивате социјалната интелигенција, за во иднина, детските игри да се заменат со игра со идеи и истражување, што од вашите деца може да направи успешни претприемачи или раководители.
 

Играта во природа ги подобрува концентрацијата и вниманието кај децата. Опкружувањето со зелена средина делува подобро и од лековите кај децата со АДХД (нарушување со намалување на вниманието и хиперактивност). Имајќи го ова предвид, во некои од скандинавските земји има и отворени градинки (градинки во природа) во кои децата скоро и да не поминуваат време во затворен простор. 
Прошетката во природа е добра и за родителите и за бабите и дедовците. Го смирува телото, го намалува притисокот, па дури и холестеролот. Јапонија уште во далечната 1982 година го вовела „капењето во шума“ како терапија во националната програма за здравје. 
Некои истражувања одат дотаму што тврдат дека активниот одмор со децата го зголемува и нивниот IQ коефициент, како резултат на активацијата на гореспоменатите делови од мозокот што вообичаено во секојдневието дома не ги развиваме. Студии покажуваат дека децата кои патуваат имаат повисоки оценки во училиште од оние кои не патуваат. На ова, сигурно многу влијае и потребата да се организира и искористи времето за учење подобро и поефикасно.
 
 
Забава за сите
Семејниот одмор може да биде многу забавен и без стрес за родителите, доколку:
 
- Планирате однапред – разгледајте повеќе локации за одмор, дајте им задача и на децата да истражуваат и заеднички донесете ја одлуката каде ќе се оди на одмор, потоа истражете го местото каде што ќе престојувате уште додека сте дома и заеднички договорете се што ќе посетите и кои забавни активности ќе ги имате. Така, нема да имате преговори и негодувања секое утро, што воедно е и губење време од и онака малкуте денови за одмор. 
 
- Не чувствувајте грижа на совест затоа што можете да си дозволите одмор, а вашиот колега или пријател не може, или, пак, затоа што сакате да ја проверите електронската пошта. За некои луѓе, подобро е да ја проверуваат редовно поштата отколку првиот ден на работа по одморот да започне со огромно ниво на стрес поради стотиците непрочитани пораки. 
 
- Направете го одморот авантура – излезете од комфорната зона и истражувајте, така ќе создадете искуства што се паметат долго потоа и се прераскажуваат. Ова е особено важно за децата, за развивање на нивната љубопитност и затоа што тие учат преку тоа што самите ќе го направат или лично ќе го доживеат. За децата е особено важно да запознаат нови култури, јазици, храна, дека постои и поинаков свет од нивниот, и преку новите активности да ги тестираат своите граници и подобро да се запознаат себеси.
 
 - Фотографирајте се – и тоа многу, затоа што само преку фотографиите ќе можете да ја освежите меморијата повремено, а со тоа да предизвикате пријатни чувства кај себе и кај своето семејство, особено кога сте тажни или кога сте изложени на стрес.
 

За добар одмор, најчесто не е важна локацијата, колку е скап и ексклузивен одморот и колку денови трае, туку спомените што заеднички ќе ги создадете во текот на одморот.


Со доаѓањето на есента и зимата, падот на температури зачестена е и појавата на  респираторните инфекции.Поврзаноста помеѓу сезонските промени и честата појава на респираторни инфекции е сосема разбирлива со оглед на тоа дека природната отпорност на организмот при ниски температури е значително намалена,а склоноста кон акутни инфекции се зголемува.

Причини за појава на сезонски настинки 
Престојот во школите, градинките и големи колективи кај детската популација ги зголемуваат шансите за пренос на инфекти, најчесто вируси. Подолгиот престој во таквите затворени простории, сувиот и топол воздух во истите, недоволно проветрените простории доведуваат до лесно ширење на инфектите. Акутните инфекции на горните патишта се меѓу најчестите болести кај човекот. Во просек едно дете е нормално да заболува почесто 4-8 пати годишно, додека кај возрасните се заболува во просек 2 - 4 пати на годишно ниво. Просекот кај децата е поголем, бидејки кај нив имунолошкиот систем е сеуште недоволно развиен.
         
 Горните репираторни инфекции во 90% од случаите се предизвикани од вируси, и тоа најчесто Риновирус (30%-80%), Коронавирус (10%-15%), Инфлуенца, Параинфлуенца, Аденовирус итн. Поретко причинители можат да бидат и бактерии (Стрептококукус, Хемофилус, Мораксела).
         
Преносот на вирусот се врши со вдишување или голтање на капки кои болниот ги испушта во воздухот, а го содржат вирусот, допир со загадени раце или допир со предмети кои се контаминирани (загадени) од вирусот. Инфекциите на дишните патишта се делат на инфекции на горни респираторни патишта:настинка, фебрилен респираторен катар, тонзилит, фарингит и инфекции на долни респираторни патишта:бронхит, пневмонија. Вирусите се одговорни за предизвикување на настинка, фебрилен респираторен катар, додека бактериите предизвукуваат воспаление на увото, синусите, грлото и долните дишни патишта.

Симптоми на сезонски настинки
          
Настинката најчесто поминува без покачена телесна температура со чувство на треска, омалаксаност. Тука ретко може да има комплицирање на состојбата, а терапијата треба да е симптоматска. Настинката предизвикана од Риновирусот е најзаразна во првите три дена од појавувањето на симптомите, потоа нејзиниот интензитет опаѓа.
        
 Фебрилниот респираторен катар се карактеризира со низа симптоми кои го отежнуваат квалитетот на живот кај овие пациенти. Дел од нив се:покачена телесна температура, слабост, омалаксаност, болка во мускулите, ринореа (зголемена секреција од нос), затнат нос, болка во грлото, засипнат глас, кашлица, отсуство на апетит.

Каков треба да е третманот доколку се работи за вирусна инфекција?
         
Треба да се знае дека пристапот кај вирусните инфекции треба да е стриктно симптоматска терапија, во ниту еден услов антибиотска. Под симптоматска терапија се подразбира треман со  аналгетици (лекови за намалување на болката), антипиретици (лекови за намалување на температурата), деконгестиви, пастили/спреј за ублажување на болката од болното грло. Деконгестивот има за цел да го намали отокот на слузницата и секрецијата од носот - со тоа се олеснува дишењето преку нос. 


         Затнат нос и болно грло

           
Деконгестив кој во својот состав содржи оксиметазолин го одзатнува носот во првите минути и дејството трае до 12 часа. Оксиметазолин во состав на деконгестивите, покрај главното деконгестивно дејство поседува антинфламаторно и антивирусно дејство и спречува ширење на вирусите. Кај болното грло пастилите вршат обезболување (аналгетско дејство), и антисептичко дејство – се спречува развојот на ширење на инфектите во усната празнина. Спреј и пасили кои во својот состав содржат лидокаин како аналгетик брзо ја смируваат болката. Хлорхексидин е златен стандард за антисептик бидејќи делува на вируси, бактерии и габи. Покрај ова потребно е внесување на доволен внес на течности во вид на чаеви, сокови, раствори за рехидратација, витамини, пробиотски култури.
          
Кај дел од пациентите може да дојде до компликација на состојбата на настинка/грип, па тогаш се јавува воспаление на синусите (синузит), или на увото (отит). Во овој случај треба да се премине на антибиотска терапија за третман на истите.
          
Мора да се запомни дека антибиотиците лекуваат исклучиво бактериски инфекции не делуваат на вирусите, а токму вирусите се предизвикувачи на горните респираторни инфекции.Внимателно во изборот на терапија!                                                                                                                                                                                                                        

 

                                                                                                                           Др.Аднан Сулејмани 
                                                                                                    Специјалист педијатар – ЈЗУ ОБ Куманово

 
„Тодлери“ се деца на возраст од 12 до 36 месеци, а на оваа возраст тешко дека може да се зборува за каква било навика кај децата, вклучително и навиката за јадење. Па така, има денови кога количински јадат многу малку, а некои денови ви се чини како постојано да „грицкаат“ нешто по цел ден. Понекогаш се случува да бараат еден ист оброк или намирница секој ден во текот на неколку недели, за потоа одеднаш да престанат и со месеци да не го побараат истото тоа. 

Секое дете е приказна за себе, и затоа е многу важно да не ги споредувате децата во изеденото количество, без разлика дали се работи за браќа или сестри, или за најблиското другарче.  
 
Специфично за тодлерите е тоа што се пребирливи, па така, некоја од следниве реакции е сосема нормална за нив:
-       Да одбијат храна/намирница само затоа што не им се допаѓа бојата, текстурата или мирисот
-       Да консумираат само неколку (2-3) различни намирници или оброци со месеци
-       Да одбијат да пробаат ново
-       Да изгубат интерес за храна што дотогаш ја обожавале
-       Да сакаат да јадат само со лажица или само со виљушка.
Со овие реакции, детето сака да покаже контрола и да вежба независност. Ако и покрај овие реакции, детето напредува во растот и развојот, тогаш немате причина за загриженост. Ви останува само да му обезбедите лесно достапна, здрава храна и да го научите на навиките за здрава исхрана.
 
Децата не треба и не можете да ги храните со сила. Но, можете да им пружите забавни оброци и да ги научите на здрави навики за јадење.
 
Здрави навики за јадење

-       Оставете го детето да одбере колку ќе изеде. Подобро е да му понудите мала порција со што  ќе оставите простор детето само да побара повеќе.
 
-       Бидете трпеливи. Нудете нови намирници почесто. Најверојатно, по 15-тото одбивање, детето конечно ќе го проба тоа што му се нуди. А, може да се послужите и со неколку „бели“ лаги. Искористете ја приказната за Попај морнарот и спанаќот, но Попај заменете го со неговиот/нејзиниот омилен јунак, а спанаќот со проблематичниот зеленчук. Вообичаено, дава одлични резултати.
 
-       Бидете забавни. Исечете ја храната во различна невообичаена форма (можете да користите калапи за колачи). Направете мини-верзии на вообичаените оброци. Креирајте приказна во чинијата на детето. Заедно можете да смислите и посебни имиња за овошјето и за зеленчукот (на пример, поединечните цветови брокола се бебешки дрвја), со што ќе го зближите детето со храната што треба да ја изеде, а и ќе го направите оброкот позабавен.
 
-       Понудете избор. Наместо само да инсистирате да јаде зеленчук, оставете го да избере, на пример: „Дали сакаш брокола или карфиол за ручек?“
 
-       Мешајте старо со ново. Ако сакате да воведете нова намирница, не нудете ја само неа, туку направете комбинација во оброк со намирница што веќе ја сака. Вака, новото може да помине незабележано.
 
-       Користете здрави сосови. Хумус, салца, павлака, густи сосови за салата се одличен избор за „мацкање“ на парчињата овошје или зеленчук.
 
-       Бидете пример. Децата се одраз на однесувањето на родителите. Доколку вие се храните здраво, и вашето дете полесно и побрзо ќе ги прифати здравите навики. 


Пријатни оброци

-       Најавете му на детето околу 15 минути порано пред да биде готов оброкот за да може да заврши со играта навреме, да ги измие рацете, но и за да сфати дека оброкот е важен настан кој не смее да го пропушти.
-       Децата обожаваат рутина, и, всушност, само така и можат да функционираат. Рутината е потребна заради дисциплина, но и за да се превенира глад што ќе направи „кенкави“ деца. Затоа, зададете термини за главните оброци во текот на денот, и одредете место за седење околу масата за секој член на семејството. 
-       Оброците се време за дружење со семејството. Тогаш не треба да се гледа телевизија, да се сурфа или да се игра на мобилниот телефон, да се игра со играчки на масата. Тоа е време да се праша како поминал денот, да се направи план за забавни активности по оброкот. Пожелно е децата и возрасните да останат покрај масата додека не заврши со јадење и последниот член на семејството. 
-       На оваа возраст не наметнувајте правила околу користењето на приборот. Децата повеќе ја сакаат лажицата отколку виљушката, па и да не е соодветен избор, оставете, и фокусирајте се на тоа што ќе го изеде детето.
 
Воспоставете ред во оброците
 
Тодлерите треба да јадат на секои 3-4 часа, а тоа значи 3 оброци, 2 ужини и многу течности (најмногу вода, а минимално сокови и млеко) во текот на денот. Колку многу и да ви се чини дека изеле за време на главниот оброк, всушност, не е така, и тоа нема да ги остави полни мешињата до следниот главен оброк. Затоа, пожелно е да му понудите здрава ужина како овошен јогурт, парчиња јаболко или интегрални грицки. Но, важно е ужината да биде неколку часа пред оброкот, за да може повторно да огладни до главниот оброк.
Ако детето не сака да го изеде главниот оброк, тогаш понудете му здрава хранлива ужина неколку часа подоцна. Ако не сака да ја изеде ужината, понудете му повторно храна на следниот оброк. Вообичаено, децата попуштаат на вториот оброк.
 
Што не смеете да правите
 
Не присилувајте ги децата да ја испразнат чинијата, ниту да јадат кога сте вие гладни. И децата, иако мали и сè уште во развој, имаат внатрешни показатели кои им кажуваат кога се гладни или кога им е доволно. Почитувајте го тоа и верувајте на тоа. Дополнително, тоа влијае и на нивната самодоверба и пребирливост. 
Не гответе повеќе различни оброци истовремено исполнувајќи ги желбите на секој член на семејството, вашиот дом не е ресторан. Децата може и треба да учествуваат во изборот на менито за ручек, и преговарањето завршува тука. Тоа што е одбрано да се зготви, треба и да се изеде. Доколку некој се премислил, може да ја почека ужината или следниот оброк, но не и да добие друга опција за ручек. 

Многу е важно да не ја покажувате вашата загриженост и вознемиреност за одбивањето да јаде пред детето. Ниту, пак, да правите индиректен притисок врз него. Детето чувствува притисок и кога не е директен, како: „Мораш да го изедеш спанаќот!“Детето и онака постојано бара внимание, ова само ќе му помогне полесно да дојде до тоа, а ќе се обиде да го искористи и за други потреби во иднина. 
  

 
 
 
 
 
 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.