Сподели со пријателите

Семејниот одмор – важна алка за физичкото и менталното здравје на целото семејство

Секој од нас доживува стрес секојдневно, без разлика дали е вработен или не, дали е на раководна позиција или не. Ден за ден, стресот станува хроничен и тогаш веќе почнува да влијае на имунитетот, на сонот, на здравјето... Затоа, одморот, дури и еднаш годишно, ни е потребен на сите нас. Особено кога одморот станува и елемент за заедничко дружење со семејството.
 
Семејна вредност
Покрај период за релаксација и оттргнување од секојдневните обврски, одморот станува и време за семејно поврзување. Со оглед на стресното секојдневие што го живееме, и статистичките податоци од истражувањата ширум светот, покажуваат дека семејниот одмор  (и тоа пожелно повеќе пати од еднаш годишно) е неопходен за идни физички и психички здрави генерации:
·       две третини од разговорите помеѓу родител и дете се однесуваат само на дневната рутина;
·       65% од родителите велат дека само повремено играат со децата;
·       1 на секои 6 татковци вели дека не знае како да игра со сопственото дете, а третина од татковците едноставно немаат време да играат со децата;
·       само четвртина од децата разговараат со родителите повеќе од еднаш неделно за нешто важно.
Најчестата грижа на родителите е физичкото здравјена децата, но подеднакво внимание треба да се посвети и на односите помеѓу родителите и децата и како тоа влијае на менталното здравје на децата. 
 
Важен за когнитивен и ментален развој на децата
Многу невролози и детски психолози и психијатри повикуваат на активни семејни одмори заради ефектот што го имаат тие врз развојот на мозокот на децата. Активните семејни одмори се оние во кои децата и родителите заедно играат и истражуваат. Средината во која го поминувате одморот, било да е плажа или планина, овозможува услови за активација и за развој на делови од мозокотшто од раѓање ги имаме, но секојдневната рутина не ни дозволува да ги развиваме.Затоа, правете замоци од песок, скокајте на бранови, истражувајте ја плажата за школки или шумата за најразлични растенија. Навидум банални игри, но овие искуства кај вас и кај вашите деца предизвикуваат излачување хормони и невротрансмитери што го намалуваат стресот и создаваат чувство на топлина и сигурност. Со овие активности го вежбате мозокот и ја развивате социјалната интелигенција, за во иднина, детските игри да се заменат со игра со идеи и истражување, што од вашите деца може да направи успешни претприемачи или раководители.
 

Играта во природа ги подобрува концентрацијата и вниманието кај децата. Опкружувањето со зелена средина делува подобро и од лековите кај децата со АДХД (нарушување со намалување на вниманието и хиперактивност). Имајќи го ова предвид, во некои од скандинавските земји има и отворени градинки (градинки во природа) во кои децата скоро и да не поминуваат време во затворен простор. 
Прошетката во природа е добра и за родителите и за бабите и дедовците. Го смирува телото, го намалува притисокот, па дури и холестеролот. Јапонија уште во далечната 1982 година го вовела „капењето во шума“ како терапија во националната програма за здравје. 
Некои истражувања одат дотаму што тврдат дека активниот одмор со децата го зголемува и нивниот IQ коефициент, како резултат на активацијата на гореспоменатите делови од мозокот што вообичаено во секојдневието дома не ги развиваме. Студии покажуваат дека децата кои патуваат имаат повисоки оценки во училиште од оние кои не патуваат. На ова, сигурно многу влијае и потребата да се организира и искористи времето за учење подобро и поефикасно.
 
 
Забава за сите
Семејниот одмор може да биде многу забавен и без стрес за родителите, доколку:
 
- Планирате однапред – разгледајте повеќе локации за одмор, дајте им задача и на децата да истражуваат и заеднички донесете ја одлуката каде ќе се оди на одмор, потоа истражете го местото каде што ќе престојувате уште додека сте дома и заеднички договорете се што ќе посетите и кои забавни активности ќе ги имате. Така, нема да имате преговори и негодувања секое утро, што воедно е и губење време од и онака малкуте денови за одмор. 
 
- Не чувствувајте грижа на совест затоа што можете да си дозволите одмор, а вашиот колега или пријател не може, или, пак, затоа што сакате да ја проверите електронската пошта. За некои луѓе, подобро е да ја проверуваат редовно поштата отколку првиот ден на работа по одморот да започне со огромно ниво на стрес поради стотиците непрочитани пораки. 
 
- Направете го одморот авантура – излезете од комфорната зона и истражувајте, така ќе создадете искуства што се паметат долго потоа и се прераскажуваат. Ова е особено важно за децата, за развивање на нивната љубопитност и затоа што тие учат преку тоа што самите ќе го направат или лично ќе го доживеат. За децата е особено важно да запознаат нови култури, јазици, храна, дека постои и поинаков свет од нивниот, и преку новите активности да ги тестираат своите граници и подобро да се запознаат себеси.
 
 - Фотографирајте се – и тоа многу, затоа што само преку фотографиите ќе можете да ја освежите меморијата повремено, а со тоа да предизвикате пријатни чувства кај себе и кај своето семејство, особено кога сте тажни или кога сте изложени на стрес.
 

За добар одмор, најчесто не е важна локацијата, колку е скап и ексклузивен одморот и колку денови трае, туку спомените што заеднички ќе ги создадете во текот на одморот.


За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.