Сподели со пријателите

ФОБИЈА - реален страв или ирационално однесување?

Сите ние се плашиме од нешто, но постои разлика помеѓу привремена парализираност или основан страв, и парализирачки и неконтролирани емоции.



СТРАВ ИЛИ ФОБИЈА

Стравот е една од основните човекови емоции и претставува нормална и очекувана реакција во случаи на закана од околината. Важен е за преживувањето, бидејќи нè предупредува за состојби кои може да бидат физички или психички опасни по нашето здравје или опстанок.
За разлика од стравот, фобијата е состојба со интензитет многу поголем од очекуваниот, траењето и прилагоденоста. Фобиите, како појава, се надвор од нашата контрола и од нашата волја.Фобијата, во основа, е нерационален и неоснован страв од објект, идеја или од ситуација. Лицето со фобичен страв, најчесто, нема рационални и разбирливи причини поради кои се плаши од одредени работи или појави. Најчесто, и самата фобична личност забележува дека тој страв е невтемелен. Чувството на непријатност или несигурност, во одредени ситуации или во контактот со некој објект, може да биде сосема нормална реакција. Меѓутоа, доколку стравот стане ирационален и неконтролиран до таа мера што влијае на интеракцијата со други луѓе, или на извршувањето на работните задачи, станува збор за нарушување за кое може да е потребно медицинско и психолошко лекување. Поради ова, многу е важно да се направи јасна дистинкција помеѓу реален страв и фобија.

Светот станува „чудно место“ за живеење
Последните статистички податоци покажуваат дека секој трет човек од светската популација се чувствува вознемирено кога влегува во авион, а дури 10% од луѓето имаат фобија од летање. Стравот од одењето на забар и вадењето крв можеби за некој звучи како детска болест. Сепак, секој петти човек се плаши од овие интервенции, а секој шести човек е пред паничен напад на помислата да се вози во лифт. Интересно е дека за голем дел од фобиите на модерниот човек, речиси и да не сме слушнале, затоа што секој ден се појавува некој нов вид фобија. Статистиката проценува дека ги има над 500. Во однос на полот, поголема склоност кон фобии се развива кај понежниот пол и тоа најчесто до 30-тата година од животот.
Сепак, сведоци сме на сèпочести и поневообичаени реакции, кои укажуваат на тоа дека фобиите повеќе не може да се доведуваат во врска ниту со годините ниту со полот.
 


Симптоми
Симптомите кои ги има фобичното лице, кога е соочено со изворот на својата фобија, а честопати и при самата помисла, се: паника, желба за бегство, привиди, страв од губење контрола, немоќ на контролирање на стравот, забрзување на пулсот, болка во градите, грозница, вртоглавица, желудочна мачнина, обилно потење, чувство на несвестица, па дури и губење свест.

Видови фобии
Во основа, фобиите се класифицирани на:
*     Агорафобија – интензивен фобичен страв од јавни места, како што се: мостови, плоштади или, пак, големи затворени простории како што се: трговски куќи, продавници, театри, киносали итн. Стравот речиси секогаш има димензии на паника.
*     Социјални фобии – нерационален страв од луѓе и од какви било социјални ситуации и настани на јавни места, испити или на средби со авторитети. Се работи за страв од настап при кој симптомите многу посилно се изразени отколку кога станува збор за нормална трема или за нервоза пред настап на јавна сцена. Социјалните фобии може да бидат толку силни што лицата не се ужаснуваат само од директните контакти, туку и од телефонските разговори, па во поново време и од виртуелните комуникации.
*     Специфични фобии –ирационален страв од специфични предмети, објекти или од ситуации. Специфичните фобии, како група, се меѓу најчестите фобични реакции и нивниот број од ден на ден е сè поголем.

Најчести видови фобии

Многу од нас имаат арханофобија – страв од пајаци, или офидофобија – страв од змии. Листата на фобии е навистина долга. Еве, само мал дел од најчестите фобии што се среќаваат кај луѓето:

Акрофобија или страв од височини. Акрофобијата е многу честа и повеќето луѓе, општо земено, чувствуваат страв од височини, повеќе или помалку.

Клаустрофобија или страв од затворен простор. Луѓето со ова нарушување, особено ако тоа е поизразено, избегнуваат да одат во затворени простори, како пештери, тунели, па дури и лифтови.

Аерофобијаили страв од летање. Многу луѓе страдаат од ова нарушување и поради тоа тешко се одлучуваат на патување со авион. Аерофобијата предизвикува силно чувство на нервоза и паника. Самото влегување во авион може да биде доволно некои луѓе да добијат напади на паника.

Некрофобијаили постојан страв од умирање или, пак, од мртви луѓе. Помислата на смртта е неудобна речиси за секој од нас, но луѓето погодени од ова нарушување развиваат вистинска опсесија со смртта.

Никтофобија или страв од темнина, познат и по името скотофобија. Стравот од темнина може негативно да се одрази на навиките за спиење кај личноста, како и врз социјалните навики, воопшто.

Страв од забар. Сите ние се чувствуваме непријатно при посета на забар, но некои добиваат вистински напади на паника при помислата на забарското столче и прават сè што можат за да не отидат на забар, дури и кога навистина имаат потреба од такво нешто.

Кинофобија. Кинофобијата е страв од кучиња. Овој страв речиси секогаш се појавува како последица на непријатно искуство со некое куче во минатото, како, на пример, ако личноста како дете била нападната од куче.

Мурифобија (Мусофобија) или страв од глувци.

Хемофобија. Хемофобијата е страв од крв и од крвавење.

Помалку познати или необични фобии
-  Ксенофобија – страв од странци.
-  Сциофобија – страв од сенки.
-  Ходофобија – страв од патувања.
-  Холофобите имаат најчесто еден страв – дека ќе почнат да забораваат.
-  Ескалофобија – карактеристична за личности коишто доживуваат напад на паника кога ќе видат скали по кои треба да се качуваат.
-  Аблутофобија – типична за луѓе што креваат „револуција“ кога треба да се бањаат. Не често им се чини дека тоа бањање ќе им биде последно, затоа што нивното срце нема да го преживее.
-  Автофобија – страв од самиот себе.
-  Атаксофобија –страв од неуредност.
-  Номофобите имаат други проблеми. Ним светот им застанува при помислата дека ќе останат без мрежа на мобилниот телефон.
-  Дуксофобијата е присутна кај оние што чувствуваат страв од својот шеф, без разлика на тоа дали имаат добар или лош однос со него. Секојдневно се во паника дека ќе може да бидат отпуштени.
-  Дипсофобија – страв од алкохол. Дури и помислата на голтка алкохол може да биде непријатна.

И убавите работи може да „сеат“ страв
Од друга страна, за издвојување е и тоа дека и убавите работи плашат. Погрешно е уверувањето дека фобијата се развива само во однос на неубави, тешки и страшни работи. Постојат луѓе коишто се плашат, ни повеќе ни помалку, туку од смеење? Нивниот проблем се вика гелиофобија.
Нешто што на повеќето луѓе им е пријатно, убаво, удобно, мирисливо и ги опушта, за некои е вистински ноќен кошмар. Постојат луѓе коишто се плашат и бурно реагираат на цвеќе. Нивниот проблем се идентификува како антофобија.

Гамофобите, пак, бегаат од брак.

Луѓето коишто патат од експелофобија ни за „жива глава“ не би влегле во јавен или во тоалет во туѓа куќа. Подготвени се да молчат и да трпат цела ноќ, ако треба. Постои и таканаречена финхартафобија или страв дека ќе снема тоалетна хартија.


Современото, ново време на живеење донесе и нови современи фобии. Така, денес, некои луѓе патат и од страв од губење на сигналот на својот мобилен уред, страв од луѓе, па и од страв од политичари.
 
Мала или голема, ниедна фобија не е безопасна. Тие создаваат непријатност и може да го нарушат нормалното функционирање на единката. Затоа, на овие лица треба да им се пријде со доверба и со сочувство. 
помислата да се вози во лифт. Интересно е дека за голем дел од фобиите на модерниот човек, речиси и да не сме слушнале, затоа што секој ден се појавува некој нов вид фобија. Статистиката проценува дека ги има над 500. Во однос на полот, поголема склоност кон фобии се развива кај понежниот пол и тоа најчесто до 30-тата година од животот.
Сепак, сведоци сме на сèпочести и поневообичаени реакции, кои укажуваат на тоа дека фобиите повеќе не може да се доведуваат во врска ниту со годините ниту со полот.
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.