Сподели со пријателите

МАРАТОН - Битка со времето или со самиот себе?

На неколку чекори сме од годинашното издание на Скопски маратон. Манифестација која започна скромно за да прерасне во своевиден нацонален настан или во најмасовен спортски собир со присуство на врвни спортисти и атлети од цел свет.
Она што е за почит е дека манифестацијата станува сè помасовна со присуство на ентузијасти и аматери кои излегуваат на мегдан низ скопските улици, но на еден поинаков начин. Мегдан со времето или со самите себе?
Сепак, да се истрача еден маратон значи едно поинакво искуство. Искуство не само на трчање, туку и  искуство на страдање, физичка болка, внатрешна битка, радост, среќа и себенаоѓање.

Дали е возможно секој од нас да истрча еден маратон и како да се подготви?

Епско прашање за секој кој донел одлука на преобразба и одлучил да се впушти во авантурата наречена маратон. Ние, пак, се впуштивме во потрага по човекот кој можеби го знае одговорот. Искрено, имавме среќа, а и не беше многу тешко да ја најдеме вистинската личност. Не е професионален спортист, но е повеќе од тоа. Се чини дека е најкомпетентен да нè упати во тајните на маратонското трчање. Човекот кој истрчал повеќе маратони, ултрамаратони, носител на Гинисов рекорд... Човекот со многу километри под неговите нозе и за многумина македонска аматерска атлетска икона – Александар Чекоров.

Ваш аптекар: Што е Александар? Тркач, маратонец, трагач или нешто повеќе од сето ова?

АлександарЧекоров: Се гледам себеси најмногу како трагач по личното исполнување и среќа. Трчањето на долги стази е само производ од оваа потрага. Имав големасреќа да чујам за медитацијата и  исто така, да почнам да ја практикувам. Сè понатаму е резултат на моето занимавање со медитацијата. Таа ме инспирира и ми овозможува на различни начини надворешно и внатрешно да се исполнам и реализирам.

Ваш аптекар:Кога и како се роди љубовта за трчањето на долги стази?

АлександарЧекоров: Воопшто, љубовта за трчањето се роди во 1993/1994 година кога започнав да практикувам техники за медитација на срцето и да бидам инспириран од големиот хуманист, миротворец, спортист и учител по медитација Шри Чинмој. Медитацијата ми помагаше во трчањето и трчањето ми помагаше во медитацијатa. Понекогаш самото трчање беше медитација, доживување чувство на неизмерна радост во срцето, смиреност во умот, наплив на огромна енергија и во исто време осознавање на себеси, фактот дека ние самите си ги поставуваме и ги поместуваме нашите граници со умот. Колку подолги беа трките, толку тие искуства беа подолги, подлабоки, поисполнувачки, попреобразувачки.

Ваш аптекар: Што е тоа што мотивира за една ваква себеисцрпувачка битка?

АлександарЧекоров: Радоста која ќе ја доживеете по секое себенадминување и сознанието дека можете уште повеќе, уште побрзо, е многу голема. Секоја победа над самиот себе ве исполнува.

 Ваш аптекар: Кој е првиот маратон што го истрчал Александар? 

АлександарЧекоров: Тоа беше еден неофицијален маратон во Градскиот парк во Скопје, мислам дека беше во 1995 година каде заедно со неколку мои блиски пријатели решивме да истрчаме маратон. Инаку, прв официјален маратон мислам дека ми беше оној истрчан во Ниш, во јануари 1996 година.

Ваш аптекар: Каде сè и на кои познати светски маратонски манифестации си учествувал?

АлександарЧекоров: Сум ги трчал маратоните во Рим, Њујорк, Белград, Будимпешта, Ниш, Пловдив  итн.

Ваш аптекар: Сте трчале и неколку ултрамаратони. Се чини дека сте единствениот Македонец кој трчал на трката од 10 дена. Од каде ваква идеја? Кажете ни нешто за ова искуство.

АлександарЧекоров: Да, веднаш по првите истрчани маратони (42.2 км) добив желба да пробам нешто повеќе од ова. Во тој период, во Белград се одржа првиот ултрамаратон на Балканот, 12-часовната трка. Таму за првпат трчав на трката на 12 часа и истрчав 100 км, и тоа е првпат Македонец да истрча 100 км. Потоа, следеа поголеми предизвици, како 24-часовна трка, па 6-дневна и на крај 10-дневната трка, каде засега сум единствен од РМ кој ја има истрчано со постигнати 890 км. Моето искуство по секоја долга трка беше дека знаев дека можам уште повеќе или уште побрзо. Таквото искуство ме тераше да барам нешто уште подолго и така дојдоа следните трки. Mногу ми помогна што веќе практикував медитација и знаев како да влезам внатре во себе, како да ја најдам внатре во моето срце потребната инспирација, енергија, верба, волја да се издржи. Кога ќе направите силен внатрешен контакт, ќе видите дека вашата душа е најмоќното нешто и само се препуштате на неа и таа продолжува да трча низ вас.

Ваш аптекар: Дали секој може да истрча маратон?

АлександарЧекоров: Да, секако дека може. Потребна е само решеност, силна верба во себе и секако, подготовки.
 

Ваш аптекар: Какви подготовки се потребни? Колку долго и на што е потребно да се обрне внимание?

 АлександарЧекоров: Потребно е да се навикне телото на подолготрајни напори. Секако, ова оди постепено. Потребно е неколкупати во неделата да се трча со пауза меѓу деновите за да има време да се одмори телото. Постепено треба на 2 недели да се зголемува должината на најдолгиот тренинг по 2 км, и така, за неколку месеци ќе се подготви телото за 42 км. Секако, и опремата е важна. Треба да се имаат добри, удобни и меки патики, да се трча исправено и тоа би било накратко. За околу 6 месеци, со соодветна програма за трчање, верувам дека може било кој, кој дотогаш воопшто не трчал, да истрча маратон.

Ваш аптекар: Колку е важна храната за вакви трки?

АлександарЧекоров: Маратонот е еден мозаик и треба повеќе работи да се склопат за што полесно да се истрча. Една од нив е храната. Се препорачуваат сложени јаглехидрати да се јадат пред самата трка, како и за време на неделата претходно. Исто така, важно е и консумирањето течности за време на самиот маратон. Може да се користат и разни енергетски гелови за време на маратонот кои значително помагаат во дотурот на енергија кога нaјмногу е потребна. Од мое лично искуство, сепак, најважна е менталната подготвеност и решеноста да се истрае во подвигот, бидејќи маратонот е подвиг.

Ваш аптекар: За крај, Вие сте носител на интересен Гинисов рекорд во 24-часовно туркање возило во пар. Минатата година Скопскиот маратон го „искокавте“ со јаже. Што е следно и што да очекуваме од Александар?

АлександарЧекоров: Да, во декември 2014 година заедно со Александар Смилков го срушивме Гинисиовиот рекорд во 24-часовно туркање автомобил во пар. Точно е и дека лани на Скопскиот маратон за првпат истрчав маратон со прескокнување на јаже. Во периодов решив да се вратам малку повеќе на маратонското трчање, така што засега тоа ќе биде мојот фокус. Доколку одвнатре почувствувам инспирација и добијам некоја нова идеја, секако, ќе се обидам да ја реализирам. 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.