Сподели со пријателите

КАРАТЕ – повеќе од боречка вештина

Во културата на денешното живеење, која го промовира насилството во сè, почнувајќи од музиката до видеоигрите, филмовите и телевизиските емисии, идејата да го запишете вашето дете во карате клуб може да ви дојде како дел од овој ист тренд. Но, не е баш така. За кратко време, пријатно ќе се изненадите од користа и од моќта на овој спорт врз развојот и врз воспитувањето на вашето дете.

 

Каратето е древна боречка вештина којашто потекнува од Јапонија и има цел да ве научи како да се одбраните, поточно како да се борите без оружје.

Името на овој спорт доаѓа од зборот karatedo, што на јапонски значи празна рака.

Суштината на каратето е да ги научи децата да се бранат, не да напаѓаат. Имено, ќе се уверите дека каратето е нешто повеќе од боречка вештина.

 

Негување на самодисциплината

Едно од централните начела на каратето е апсолутен фокус на самодисциплината. Денешните дечиња се навикнати да примаат инстант информации, така што ова ќе им биде одлична лекција за воздржаност и за дисциплина. Ќе разберат дека до посакуваната цел не се доаѓа така лесно. Низ тренинзите, најдобро ќе ја откријат суштината на самодисциплината, која постепено ќе ги води кон осознавањето себеси и кон нивното секојдневно опкружување.

 

Јакнење на социјализацијата

Децата полесно се запознаваат и стекнуваат нови другарчиња кога во салата за тренинг се присутни и други деца со кои делат заеднички интерес. На игралиште или во училиште децата не мора секогаш да имаат многу допирни точки. За разлика од нив, оние кои тренираат карате се во многу подобра ситуација да се запознаат меѓу себе на заедничките тренинзи. Детето разбира дека другарчето со кое тренира е личноста која му помага во тренингот, а не некој кој треба да го гледа како непријател. Сè ова во голема мера го поттикнува другарството меѓу децата.

 

Поттикнување на физичката активност

Децата сè повеќе време поминуваат седејќи пред компјутер ограничени со еднолични идеи, кои го деградираат нивниот психофизички развој. Детето кое ќе почне со физички тренинзи, што се прилично обемни кај каратето, ќе почувствува позитивна енергија од движењата кои ги прави. Што повеќе напредува од физички и технички аспект, детето сè повеќе почнува да го цени сопственото тело и здравјето. Во денешницата, кога постојат многу пороци, каратето ќе му понуди на детето начин на здрав живот, ќе го тргне од лошото влијание на улицата и ќе го насочи кон вистинскиот пат.

 

Учење за поставување и за остварување на целите 

Каратето, како и повеќето боречки вештини, е базирано на систем на вреднување преку појаси, кои во зависност од бојата го означуваат степенот на знаење на оној кој го носи. Кога вашето дете тежнее кон секој следен појас, всушност, учи вредни лекции за поставување и за постигнување на своите цели. Ова е еден од начините детето да разбере дека секој труд во животот се наградува.

 

Зголемување на самопочитувањето

Довербата во самиот себе доаѓа со вистинските достигнувања. Нивото на самопочит кај вашето дете ќе се зголемува со секој нов напредок на тренинзите и со добивање на заслужените појаси, како и со успехот на натпреварите. Децата кои имаат ниско чувство на самопочит, добиваат поголема самодоверба, како што времето на нивното занимавање со овој спорт поминува.

 

Чувство на почит кон другите

Учењето на каратето ќе развие кај вашето дете чувство за почит кон учителот и кон децата кои имаат повисоки појаси. Денешната култура не развива кај детето почитување на автортитети и постари личности. На тренинзите тоа чувство на почит ќе дојде до израз кај детето и како такво ќе се пренесе на неговото секојдневие.
 

Учење за ненасилно решавање конфликти

Погрешното гледање на каратето и на останатите боречки спортови, како нешто што промовира насилство, доаѓа од филмската продукција и од продукцијата за компјутерски видеоигри. Во основа, каратето ги учи децата на мирно и ненасилно решавање на конфликтите. Детето кое тренира карате нема да биде насилно, но ќе умее многу лесно да се одбрани од оние кои ќе ја загрозат неговата безбедност.

 

Подобрување на перцепцијата

За детето да напредува во каратето, мора да ги научи вештините на слушање и на запазување со константна концентрација во текот на целиот тренинг. Освен тоа, каратето исклучително ја развива креативноста кај детето, затоа што каратето е спорт со вистинска „уметност на движења“.

 

Развивање на чувството за тимска работа

Учењето техники, вежбањето и спаринг-партнерствата со другарчињата, напредокот и учеството на натпревари или бодрењето и навивањето за своите другарчиња од клубот, влијае кај вашето дете да добие чувство на тимска работа и припадност кон здрава спортска средина. 

 

Подобрување во другите области од животот

Предностите од тренирањето карате не се завршуваат во салата за тренирање. Самодоверба, внимание, смиреност, физичка издржливост, толеранција, креативност и уште многу други позитивни особини, вашето дете од салата за тренинг ќе ги пренесе во својот секојдневен живот. Така, ќе порасне во здрава, образoвана и стабилна личност.

 

Совет

Единствено на што треба особено да внимавате е да се информирате во кој карате клуб вашето дете ќе тренира и каков е тренерот (учителот) којшто го води тој клуб. Многу е важно тренерот пред сè да биде добар психолог, стручна, ментално и морално квалитетна личност.

 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.