Сподели со пријателите

БЕЛ СЛЕЗ пријател на дишните патишта

Се смета за чувар на дишните патишта и од неговиот корен се прави чај кој се употребува за ублажување и за лекување на симптоми на воспаленија на дишните патишта. Древните терапевти го користеле за лекување на респираторни и дигестивни проблеми. Подеднакво е применет во народната, но и во современата медицина и во фармацијата.

 

Белиот слез (Althaea officinalis) претставува повеќегодишно зелјесто растение. Се смета дека потекнува од Азија, но го има и во Јужна и Средна Европа, на рамни и влажни предели. Поради својата лековитост се одгледува насекаде ширум светот.

Цвета од јуни до август, а лековити својства имаат коренот, стеблото, листот и цветот. Може да порасне 1-2 метри, стеблото може да биде разгрането, обраснато со густи свиленкасти влакненца, а додека листовите се меки со сребрено-розикава боја. Цветовите се собираат додека цвета, листовите по цветањето, а коренот на пролет или на есен по цветањето.

Коренот се мие, се лупи надворешниот слој, се сече по должина и нагло се суши на тепмература од 40 степени. Кога ќе биде сув, се сече на ситни коцки. Од целото растение, коренот е најлековитиот дел.

Активни компоненти

Растението содржи слуз, скроб, пектин, танин, минерални соли, ензими, растителни влакна, растителни масти, етерични масла, инвертен шеќер, сахароза, скроб, јаглехидрати и фосфати.

 

Лековити својства

Белиот слез е извонредно средство кое помага во лекување болести на дишните органи. Бидејќи ја раствора слузта и ја обложува слузокожата, го поттикнува искашлувањето и се употребува при настинки, бронхитис, астма, воспаление на белите дробови и на грлото. Се употребува и при проблеми со мочниот меур, бубрезите, при воспаление на дебелото црево, дијареа, цревни болести и сл. Во комбинација со мед, од коренот на бел слез се прави смеса за облоги кои помагаат за акни, гнојни чирови, изгореници, воспаление на очите, апсцеси и сл.

Белиот слез помага и при грчеви во желудникот, опстипација и при инфекции на половите органи. 

Свежите здробени листови помагаат при убод од инсекти.

Белиот слез, исто така, може да го употребуваат и пушачите, за намалување на сувата кашлица.

 

Најчесто од белиот слез се прави чај од бел слез и сируп од бел слез.
 

 

Чајот од бел слез се подготвува на следниот начин:

Две лажички корен од бел слез се преливаат со 2,5 дл млака или ладна вода и се остава да отстои 2 часа, за да може да се екстрахира доволно слуз. По желба, чајот може да се заслади со малку мед и се пие трипати на ден.

Многу често белиот слез се комбинира и со други лековити растенија (нане, камилица и сл.).

Со чајот од коренот од бел слез може да се прочистува и нос, најчесто се употребува при затнат нос, со капалка се капнуваат  1-3 капки трипати на ден.

 

Важно


Коренот од бел слез никако не се потопува во врела вода!

 

Начин на подготовка на сируп:

Во тенџере се ставаат 2 лимона исечкани на коцки, се додаваат по две лажици жалфија, анасон, корен од бел слез, ленено семе и 200 г шеќер. Потоа, се прелива со 2 дл вода. Се вари околу 20 минути, се трга од шпорет и се остава да се олади. На деца им се дава трипати дневно по една мала лажичка од овој сируп, додека на возрасни им се дава трипати дневно по една голема лажица.

 


Белиот слез е безбеден за употреба кај деца. Дури и за мали бебиња, се препорачува чај од бел слез, секако, со претходна консултација со педијатар. Доколку се подготвува за бебе, треба да се користи превриена, па изладена вода.

 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.