Сподели со пријателите

БУЛГУР - Здравје во зрно

Булгурот претставува специфично подготвена пченица која се добива со преработка на различни видови пченица, најчесто на дурум пченица. Зрната на пченицата, прво, се оголуваат, се мијат, се сушат на сонце или се печат во печки, а потоа со посебни камења или со мелници се кршат, за на крај да се добијат мали гранули со светла боја и со неправилен облик.

 

Добивањето на булгурот е процес стар 4000 години, кој на нашите подрачја доаѓа од Блискиот Исток. Денес е неизоставен дел од здравиот начин на исхрана и е одлична замена за оризот и за тестенините, бидејќи е похранлив, поздрав и повкусен.

 

Нутритивни компоненти
 

Булгурот е рекордер кога се во прашање хранливите материи, а со тоа во голема мера е во предност во однос на другите житарки. Може многу подолго да се чува од пченицата, а и за негова подготовка е потребно многу пократко време. Исто така, со негова преработка се зачувуваат хранливите материи на пченицата, како што се протеините.

Минерали присутни во булгурот: калиум, железо, магнезиум, фосфор, калциум, натриум, цинк, бакар, манган, селен и др.

Витамини присутни во булгурот: витамин Ц, тиамин ( Б1), рибофлавин (Б2), ниацин (Б3), пантотенска киселина (Б5), витамин Б6, фолат (природен Б9), витамин А, витамин К и др.

 

10 причини повеќе булгурот да се најде на вашата трпеза

 

1. Го подобрува варењето на храната
 

Булгурот има значително поголемо количество диететски влакна отколку многу други житни клултури. Високите нивоа на диететски влакна помагаат во стимулирање на варењето на храната и спречуваат одредени состојби, како што се: запек, надуеност, грчеви и отежнато празнење на цревата. Овие диететски влакна, исто така, ја зголемуваат ефикасноста на искористување на хранливите материи од страна на дигестивниот тракт и го регулираат нивото на холестерол, преку елиминирање на вишокот на омега-6 масни киселини.

 

2. Ја контролира шеќерната болест
 

Поради тоа што содржи повеќе сложени јаглехидрати од останатите рафинирани пченични зрна, булгурот го подобрува контролирањето на нивото на шеќер во крвта, преку оптимално ослободување инсулин. Со тоа, булгурот го спречува наглото зголемување или опаѓање на нивото на шеќер во крвта, што може да биде опасно за луѓето кои страдаат од шеќерна болест.

 

3. Ја зголемува цврстината на коските
 

Големиот број минерали кои се присутни во составот на булгурот, се важни за подобрување на цврстината на коските. Како што старееме, минералната густина на коските природно се намалува, па затоа ни требаат доволни количества фосфор, манган и железо, за да ги одржиме нашите коски здрави и за да ја спречиме остеопорозата. Бидејќи булгурот ги содржи овие минерали во високи концентрации, тоа прави ова семе позитивно да влијае врз цврстината на коските.

 

4. Го заштитува срцето
 

Покрај ефектот што диететските влакна го имаат врз регулирање на нивоата на холестеролот, булгур семето го подобрува кардиоваскуларното здравје и на други начини. Значителните концентрации на калиум, кој е познат вазодилататор, присутни во ова семе, го намалуваат притисокот низ крвните садови и артериите и со тоа го намалуваат крвниот притисок. 

 

 

За луѓето коишто се изложени на висок ризик од кардиоваскуларни заболувања, булгурот е мудар избор на храна што може да го регулира покачениот крвен притисок.

 

5. Го подобрува имунитетот
 

Широкиот спектар на витамини и минерали присутни во ова семе, значително влијаат врз имунолошкиот систем. Особено важен е цинкот, кој го подобрува имунитетот и го зајакнува одбранбениот потенцијал на организмот. Овој минерал е присутен во значителни концентрации  во булгурот. 

 

6. Ја подобрува циркулацијата
 

Железото е главен минерал во нашата исхрана, бидејќи има големо влијание врз нашиот циркулаторен систем. Дефицитот на железо може да доведе до анемија, општа слабост, дезориентација, замор и стомачни тегоби. Стандардна порција булгур пченица има околу 15% од дневните потреби на овој минерал.

 

7. Помага во намалување на телесната тежина
 

Ниската калорична вредност на ова зрно го прави идеално за луѓе кои се борат со намалување на својата телесна тежина. Поради високата содржина на диететски влакна, булгурот не само што ќе направи да се чувствувате сити, и ќе ве заштити од прејадување, тој ќе овозможи и мало внесување масти и калории.

 

8. Спречува хронични заболувања
 

Иако житните култури не се вообичаено поврзани со висок антиоксидативен  потенцијал, булгур семето е богато со антиоксиданти кои помагаат во елиминација на воспаленијата и во намалување на мутацијата на здравите клетки. 

 

9. Ги поттикнува растот и развојот
 

Булгурот е одличен извор на протеини, неопходни за нормален раст и регенарација на ткивата и на органите. Доколку заздравувате од повреда или од болест, високото внесување протеини е од суштинско значење за брзо закрепнување.

 

10. Го подобрува сонот

Високото  ниво на магнезиум во булгурот го подобрува спиењето, поради ефектот што магнезиумот го има врз производството на одредени невротрансмитери одговорни за подобар сон. Лицата коишто страдаат од несоница и од други нарушувања на сонот, потребно е да вклучат булгур во својата исхрана. Веќе по  неколку недели можно е да забележат значителна промена во квалитетот на сонот и на заспивањето.

 

Приготвување на булгурот

Булгурот има одличен вкус и лесно се приготвува. Зрното се потопува во врела вода и се остава добро да омекне. Една шолја булгур се прелива со 2 шолји вода. Поквалитетниот булгур ќе омекне за околу 7 минути, а покрупниот за околу 15. Откако ќе омекне, процедете и ставете да проврие во вода околу 2-5 минути. Процедете и со него може да направите вкусни јадења, како пилав, а може да биде и одлична замена за кус-кус. Се користи за супи, сосови, салати, а одлично оди и во комбинација со месо, морски плодови, па дури и со овошје.

 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.