Сподели со пријателите

ЦРН СЛЕЗ – MALVA SILVESTRIS

Црниот слез е едногодишно или повеќегодишно растение кое потекнува од источниот Медитеран и Северна Африка. Припаѓа на фамилија Malvaceae. Најчесто расте на влажни подрачја, во близина на реките, но и во близина на населените места, запоставените земјишта, ливадите, полињата, пасиштата итн. Растението има стебло високо од 20 до 150 cm, најчесто разгрането и во основата вдрвенето. Листовите имаат облик на дланка, на 3-5 места прстесто врежани, поставени на долги дршки. Цветовите се многубројни, во пазувите на листовите во гроздовидни соцветија и светловиолетови по боја. Растението цвета од мај до септември. Плодот е во вид на круг кој се разградува во десет едносемени плодови. Коренот има вретенест облик, слабо разгранет и месест.

 

Лековитост

Лековити се сите делови од растението и тоа: корењата, лисјата и цветовите. Листовите може да се собираат заедно со кратките стебленца, а цветовите кога се целосно отворени. Семето се собира по созревањето во август и септември.

Листовите и цветовите содржат: слуз, шеќери, танини, органски киселини, калиум и друго.

Некои од многуте бенефити од употребата на црниот слез се: помага при побрзо зараснување на рани, заштитува од инфекции, ги редуцира инфламаторните процеси, ги намалува знаците на стареење, го подобрува здравјето на респраторниот систем, ја оптимизира функцијата на дигестивниот систем, го подобрува спиењето и има благопријатен ефект при главоболки.

 

 

Цветовите и листовите од ова растение се користат во медицински цели за добивање на есенцијални масла, масти, кремови и слично. Листовите најчесто се користат за подготовка на чај или може локално да се нанесуваат врз кожата во вид на облоги.

 

 

Црниот слез содржи витамини Ц, Е, Б, А, влакна, инилини, калциум, магнезиум, селен цинк и калиум. Се употребува за лекување на различни видови воспалителни процеси особено на дигестивниот, уринарниот и респираторниот тракт.

 

Намалување на болка

Листовите се богати со витамини, а имаат и аналгетско дејство при што ги намалуваат болката и непријатноста. Поради тоа, најчеста употреба на црниот слез е против болки, топикално, во вид на облоги. Во случај на модринки или повреди на кожата, може да се направи облога од листовите и да се постави врз болното место. Исто така, облоги може да се користат и во случај на убод од инсект и при изгореници на кожа од сонце. Маслото од црн слез може да се нанесува на воспалени и болни зглобови. 

 

Заштита на имуниот системЦрниот слез го штити и ја подобрува работата на  имуниот систем. На овој начин помага во превенција од  бактериски инфекции. 

 

 

Респираторни болести

 

 Цветовите од црн слез содржат муцилаги. Екстрактот од цветовите од црниот слез има локално муцилагено дејство врз слузницата на горните дишни патишта. Муцилагите формираат тенок механички заштитен слој и го намалуваат рефлексот на кашлање. На овој начин, ја смируваат сувата и надразнителна кашлица.

Чајот од црн слез се користи против кашлица, бронхит, грип, засипнатост и при воспаление на усната празнина. Ја подобрува екпектацијата и помага за побрзо заздравување.

Чајот се подготвува така што во 2,5 dl вода се става една лажичка црн слез и се остава преку ноќ. Утрото чајот се загрева, се прецедува и се пие. Може да се заслади со мед. 

 

 

Ефект против стареење

 

Црниот слез има докажано благопријатно дејство врз кожата. Во форма на креми и гелови се употребува за нега, обнова и задржување на младешкиот изглед на кожата. 

 

Проблеми со дигестивниот тракт

 

 

Црниот слез се користи и при цревни и желудочни грчеви при воспаленија на дигестивниот тракт. Листовите и семето на црниот слез, приготвени во вид на чај, може да се користат како благ лаксатив и за регулирање на работата на дигестивниот систем. 

 

Мерки на претпазливост: Постојат докази за интеракција на црниот слез и некои лекови кои се користат при дигестивни и респираторни заболувања. Пред употреба на оваа билка консултирајте се со вашиот лекар или фармацевт.

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.