Сподели со пријателите

ВИТАМИН Е - Витамин на младоста и убавината

Моќен антиоксидант од групата витамини растворливи во масти. Познат уште и како „витамин на младоста или витамин на убавината“, застапен е во различни видови храна, масла и масти. Неговото присуство го штити организмот од појава на сериозни срцеви заболувања и има значително влијание врз процесите на стареење и одржување на виталноста на кожата на телото.

 

Витамин на плодноста

Витаминот Е има позитивно дејство врз целиот организам и има значајна улога за правилно функционирање на жлездите со внатрешно лачење, особено на функцијата на половите жлезди. Витаминот Е учествува во формирањето на репродуктивните клетки и ја подобрува плодноста и кај двата пола. 

 

Моќен антиоксидант

Витаминот Е е најважниот антиоксидант растворлив во масти. Тој ги штити структурите на клеточните мембрани од влијанието на слободните радикали, се бори против воспалителните процеси и, на тој начин, природно го забавува стареењето на клетките. Благодарение на неговиот антиоксидантски ефект и неутрализирањето на слободните радикали, витаминот Е помага во спречување на оксидацијата на холестеролот и едновремено ги штити крвните садови од оштетување. 


Благодат за кожата

 

Витаминот Е има многу значајна улога во одржување на здравјето на кожата. Ја намалува инфламацијата во телото и помага во одржувањето на здравата кожа. Исто така, витаминот Е е значаен за заштита од изгореници од сонце, побрзо заздравување на раните, намалување на акните и брчките, а заедно со витаминот Ц, може да делува и на подобрување на симптомите на егзема. Поради овие својства, тој е главна состојка во многу козметички продукти за нега и против стареење на кожата. 

 

За добар вид

Витаминот Е со други антиоксиданти, како бета-каротинот, витаминот Ц, селенот и цинкот, покажува извонреден ефект за заштита на функцијата на очите и за превенција во појава на макуларната дегенерација и катарактата.

 

За физичката издржливост и мускулната сила

Витаминот Е значајно влијае на подобрување на физичката издржливост преку подобрување на циркулацијата и енергијата. Значително  помага и во намалување на нивото на оксидантскиот стрес на мускулното ткиво по физичката активност.

 

Редовното и соодветното внесување на витаминот Е преку разновидна и избалансирана храна може да превенира и да помогне во подобрување на состојби како:

  • акни 
  • атеросклероза
  • астма
  • дијабетес
  • епилепсија
  • неплодност
  • менопауза
  • мигрена
  • остеоартрит
  • катаракта
  • мозочен удар

 

Извор на  витамин Е 

 

Витаминот Е е распространет во природата, особено во растителниот свет. Најмногу е застапен во растителните масла, јаткастите плодови како бадеми, лешници, ореви, зеленчукот со зелени листови како спанаќот, житарките, семките од сончоглед и тиква, сладок компир и авокадо.

Во местото се наоѓа само во незначителни количества.  Никулците на житарки, растителни масла и маслодајните семиња се најбогатиот извор. Храната богата со витамин Е најдобро е да се консумира свежа. Со готвење се губи 50-90% од витаминот. Храната богата со овој витамин треба да се чува добро затворена, поради чувствителноста на кислород и можноста за оксидација.

 

Се смета дека депото на овој витамин се наоѓа во масното ткиво. Високи концентрации се наоѓаат во црниот дроб, срцето, мускулите, тестисите, матката, надбубрежната жлезда и хипофизата. Се ослободува бавно и за целосен терапевтски ефект се потребни два до три месеци. Животните и човекот не се во состојба да го синтетизираат овој витамин.

 

Препорачани дневни дози на витамин Е

Адолесценти и возрасни – 15 мг 

Деца и помали тинејџери – 6-11 мг дневно

Доилки – до 19 мг 

 

Недостаток на витамин Е

Иако е сосема ретко, при недостаток  на витамин Е може да се појават следниве симптоми:

слабост на мускулите, проблеми со видот, нестабилно движење, анемија, проблеми со варење на храната.

 

 

 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.