Сподели со пријателите

СВЕСНОСТА ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО НАЈГОЛЕМА ПРЕВЕНЦИЈА!

Во овој годишен период на големо аерозагадување, препорачливо е сопственото возило да се користи само кога е најнеопходно. Возилата се третите по ред причинители на аерозагадувањето, па во тој контекст сите треба да се потрудиме да покажеме свесност за проблемот и да го минимизираме користењето барем на нашето возило. 
 
Адаптабилноста на човековиот организам не може и не смее да биде оправдување за живот во средина со висока загаденост, која за жал веќе ни претставува секојдневие. Главниот град на државата –Скопје, како и многу други градови во Македонија, традиционално секоја година, се присутни на листата на топ 10 најзагадени градови во светот. Да, да, во светот! Тоа,секако претставува сериозно загрижувачки податок. Од направените анализи за тоа од каде потекнува загадувањето, утврдено е дека во најголема мера тоа се должи на греењето со несоодветен материјал за огрев, односно тој фактор е застапен со 34 отсто од вкупното загадување. На непопуларното второ место е сообраќајот, кој придонесува со 20 отсто за вкупното загадување на воздухот. Потоа, со свој „придонес“ во загадувањето од 19 отсто, доаѓа правот кој се создава од градежните активности, правта на улиците како и онаа од неуредените површини. Учеството на индустријата во севкупното загадување изнесува сѐ уште високи 18 отсто. Сите овие фактори влијаат првенствено за загадување на воздухот, но и на целата животна средина.
 
Што сѐ можеме да примениме за да се заштитиме од загадувањето? Дали воопшто може да се заштитиме?
 
Прво,мора да се потенцира дека загадувањето е присутно во текот на целата година. Највисокиот степен на загаденост (т.н. пик), односно најголемите измерени количини вообичаено се во време на грејната сезона, односно во периодот од месецот октомври до март. Во тој период,препораките за децата, старите лица и бремените жени –да не се изложуваат многу на надворешната средина, односно да избегнуваат движење на отворено –речиси се со постојана важност. Сепак, таквите препораки не се целосно решение со кое може да се елиминира влијанието на загадувањето, па и покрај тоа се препорачува носење заштитна маска што содржи филтер кој може да ги врзе штетните честички. Најефикасни се оние маски кои во филтерот содржат и слој со јаглен, за кој е познато дека има својство да ги врзува штетните честички.
 
Што се всушност штетните честички?
 
Фамозните ПМ-честички се наречени по кратенката PM која значи particulate matter (или particle pollution), а всушност претставуваат смеса од цврсти честички и течни капки кои се присутни во воздухот. Некои честички,како што се правта, нечистотоијата, саѓите или чадот,се доволно големи и темно обоени така што се видливи со голо око. Но други честички се толку мали што можат да бидат детектирани само со електронски микроскоп. Најпознатите се ПМ 10 и ПМ 2,5, односно честички со дијаметар од 10 односно 2,5 микрометри. Само за споредба, влакната на косата имаат дијаметар од 50-150 микрометри.
 
Извори на ПМ-честички
 
Овие честички можат да бидат со најразлични форми и големини и се составени од различни хемиски соединенија. Некои директно се емитуваат од градежните места, неасфалтираните патишта, полињата, депониите или од места зафатени со пожар. Повеќето честички се формираат во атмосферата како реултат на комплексни хемиски реакции помеѓу сулфур диоксидот и азотните оксиди, полутанти (загадувачи) кои потекнуваат од централите, индустриите и автомобилите. Овие честички се толку мали што може да бидат вдишани и да предизвикаат сериозни здравствени проблеми. Честичките со дијаметар од 2,5 микрометри се исклучително минијатурнииуспеваат да стигнат длабоко во белите дробови, па дури и во крвотокот.
 
 
Што да се преземе за заштита од штетните честички ?
 
1. Користење аеромаска –На пазарот се присутни голем број видови маски за коиво декларацијата стои дека заштитуваат од загадувањето. Во зависност од материјалот на изработка, филтерот како и можноста за приспособување на лицето, маските се ефикасни само во филтрирање на возхудот, односно не дозволуваат штетните честички да стигнат до нашите дишни патишта. Принципот на заштита е формирање механичка бариера меѓу водухот и нашите дишни органи, носот и устата. Сите маски содржат филтри кои повеќе или помалку ги задржуваат штетните честички од воздухот, не дозволувајќи им да стигнат до нашите дишни органи. На повеќето маски ја има ознаката N95, што значи дека таа маска не дозволува поминување низ филтерот на минимум 95% од сите честички во воздухот кои се поголеми од 0,3 микрометри. За оптимална заштита,доволен е овој филтер, но за многу чуствителни луѓе се препорачува маска со ознака N99. Филтерот на повеќето маски е збогатен и со слој од карбонски влакна кои имаат својство на врзување на штетните честички од воздухот.
 
 
2. Избегнување движење на отворено во периоди кога е најголемо загадувањето, обично од 11 до 19 часот. Препорачливо е да ги организирате своите дневни обврски, така што ќе имате многу малку активности во овој период од денот. За домашниот простор може да се користипрочистувач на воздух. На пазарот се достапни голем број прочистувачи кои гарантираат околу 99 отсто филтрирање на честичките. Најчесто користени се прочистувачите кои имаат ХЕПА-филтри кои отстрануваат дури 99,97% од честичките со големина од 0,3 микрометри. 
 
3. Во овој годишен период на големо аерозагадување, препорачливо е сопственото возило да се користи само кога е најнеопходно. Возилата се третите по ред причинители на аерозагадувањето, па во тој контекст сите треба да се потрудиме да покажеме свесност за проблемот и да го минимизираме користењето барем на нашето возило.Споделувајте едно возило со колегите од работа. Оваа мерка е позитивна од повеќе аспекти. Намалувајќи го загадувањето, истовремено штедите за гориво со тоа што го делите своето возило со колегите од работа, но и неформално се дружите надвор од работното место.
 
4. Искористете го секој слободен ден или викенд за прошетка во природа, нанекоја планина или на езеро. Македонија изобилува со локалитети каде има недопрена природа, далку од градската средина и загадените области. Одвојте време барем еднаш неделно да излезете од градовите и да поминете малку повеќе време на некоја планина, ритче, езеро, река и слично.

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.