Сподели со пријателите

ТИЕ СЕ САМО ДЕЦА

Децата учат да живеат по нашите правила и да се однесуваат онака како што се очекува од нив. Но, сепак, тие се само деца. Нивниот свет е поинаков. Тие имаат вродена инстинктивна потреба да ја изразат својата волја, но не знаат да ги контролираат своите импулси. Во една таква замрсена ситуација, поголем дел од родителите изливот на бес, викањето и гризењето и на децата го сметаат како одраз на невоспитаност. Ова е особено карактеристично кога децата имаат околу 4 години. Но, дали е баш така?


Краткорочни решенија

Постапките на нашите најмили, кои не се во согласност со нашите очекувања, многу лесно не вадат од колосек. Па, наместо да имаме на ум дека сме возрасни и дека децата се однесуваат само како деца, многу често родителите се спуштаат на ниво на едно тригодишно дете, па и самите викаат или возвраќаат со удирање на детето. Тоа може да биде моментално решение и смирување на страстите, но, во суштина, ситуацијата само ќе се искомплицира. Во моментот кога ќе ја изгубиме личната контрола, престануваме да бидеме авторитет. Децата ова многу добро го знаат и поради тоа ќе се почувствуваат несигурни, но моќни. Во ваквите ситуации, казните произведуваат страв, недоверба и одбивност.
На крајот на краиштата, ваквите дисциплински мерки не даваат резултат бидејќи не го третираат она што, во суштина, децата се обидуваат да ни го кажат. А тоа е дека очајно им е потребна вашата помош за да ги искажат своите емоции.
Доколку вие, како родител и како возрасна личност, сте во состојба да го прифатите однесувањето на вашето дете како привремена реакција и повик за помош, тогаш вашиот одговор  на ваквите ситуации ќе биде многу појасен и подобар.

Сидро

Тајната е во моментот, во една контролирана околина, да му овозможите на детето да ги искаже своите емоции. Децата тоа го прават на свој начин и онака како што умеат. Контролата на емоциите ја учат подоцна во животот. Поинаку и не е можно. Доколку ги принудувате да ги потиснуваат своите емоции, а на нивниот повик за помош одговарате со викање, агресија или игнорирање, нештата нема да бидат подобри. 
Вашата помош да го искажат својот бес, тага или страв, за нив е сидро кое ги држи на безбедно, а вашато трпение и разбирање е единственото нешто што може да им помогне еден ден да можат самите да се изборат со своите емоции на вистински и здрав начин.

Не учете ги и не принудувајте ги вашите деца да ги потиснуваат емоциите.

Кога бранот на лутина и бес ќе помине, и понатаму сте им потребни да признаете дека нивните чувства се нормални и дека сте тука за да им опростите и да ги разберете.
Убавината на ваквата реакција кон детските испади е сигурноста што ја чувствуваат децата од страна на родителите кои не губат контрола врз сопственото однесување. Со ваквата сигурност дека мама и тато секогаш ќе бидат тука за да помогнат, дури и во моменти кога „не ни се сите на број“, децата се чувствуваат способни да се борат, без страв дека ќе згрешат, а воедно ќе растат и ќе ја развиваат својата самодоверба.
И, секако, ова не значи дека на децата треба да им дозволиме секакво однесување. Поставувањето граници, одлучно, но со почитување на личноста на детето, е најдобар начин да ги научиме да ги разберат и да ги прифатат светот и околината во кои живеат и, воедно, да се чувствуваат безбедно.  

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.