Сподели со пријателите

ШТО НАВИСТИНА ИМ Е ПОТРЕБНО НА ДЕЦАТА?

Речиси секој родител со сигурност се има најдено во лавиринтот од прашања и дилеми за тоа што сè е потребно да се има и да се обезбеди, сè со една цел – да се задоволат потребите и барањата на најмилите. Понекогаш списокот на нештата што задолжително треба да се купат е предолг, а неретко, кога сè на крајот ќе се собере, е и прескап.


Дали сè е потребно?

Многу родители не се во можност да го обезбедат сето она што го посакуваат за своите деца или, во најмала рака, она што го имаат нивните врсници. Но дали купувањето и задоволувањето на овие барања е навистина потребно и каква е користа од тоа? Дали можеби со купувањето не се нанесува и поголема штета?

  • Имајте на ум дека на вашето дете апсолутно не му е потребна секоја играчка што свети, што емитира разни звуци и што троши батерии.

  • Уште помалку им се потребни најнови модели на скапи мобилни телефони само заради фактот што некое другарче го има тоа.

  • Дефинитивно не им е потребна скапа и брендирана облека, речиси во секаква боја која можеби ќе ве чини колку и вашиот личен доход.

  • Непродуктивни може да бидат и секојдневни скапи дополнителни активности (јавање, тенис, скијање и сл.)

Детската љубов е безусловна. Децата даваат од срце и не мерат колку дале и колку треба да земат. Бидете како децата!

Тогаш, што е потребно?

  • Потребни им се обични и едноставни играчки
    Коцки, хартија и боички, кукли или колички, а можеби најважно е поттикнувањето на нивната фантазија и вклучувањето во игра на сè што е на дофат на рака. Картонска амбалажа или кутија од јајца може да им бидат особено занимливи. Играјте заедно и бидете креативни.

  • Љубов и поддршка
    Разбирање за сите постапки на детето, а не повишување на тонот за секоја пролиена чаша на масата. Разговор за сите мали и големи нешта во континуитет, а не само барања и очекувања од детето. Заеднички оброци и почеста употреба на лековити зборови, како „те сакам“, се вистинска потреба.

  • Облека која слободно можат да ја извалкаат
    Во зависност од можностите, облеката за посебни пригоди секако не е за отфрлање, но во секојдневието бидете релаксирани и обезбедете им облека на која и нема посебно да се внимава. Облекa која со себе нема да повлече замерка од типот: „знаеш ли колку чини“, „повеќе нема да ти купуваме“, „ја плативме прескапо, а веќе ја израсна“.

  • Посветено време
    Потребна им е игра, надвор, секогаш и во секоја можност. Посета на зоолошка градина, парк или блиско излетничко место. Посета на фарма би било вистинско доживување. Со еден збор, потребна им е средба со природата. Појдете заедно во посета на музеј или заедно гледајте театарска претстава со омилените ликови од сликовниците.
    На децата им е потребно милување, скокоткање, смеа и разновидно опкружување.

  • Отворени можности да истражуваат
    Оставете ги децата да се качуваат високо, да си играат со дрвенета прачка најдена во паркот и да ги подигаат камчињата со цел да се истражи што има под камчето. Оставете ги децата слободно да возат велосипед или тротинет. Оставајте ги на моменти надвор од вашиот видокруг и сами нека се справуваат со предизвиците. Нека трчаат додека целосно не се изморат.
    На децата им е потребно да си ги пробаат своите знаења и во домашните работи. Нека учествуваат во поправка на некој домашен апарат или во подготовка на вкусниот десерт.

  • На децата им е потребен квалитетен сон
    Внимавајте на биоритамот на вашето дете. Важно е децата да создадат вистински навики за времето кога се оди на спиење. Добриот сон значи и добро одморени и подготвени за предизвиците на следниот ден.

Контролирајте го времето поминато пред екраните на ТВ, компјутерот и мобилниот телефон, особено во време пред заминување на спиење.

  • На децата им се потребни книги и родители кои ќе им ги читаат
    Времето пред спиење или периодот кога временските услови не дозволуваат да се излезе надвор, користете го за читање на книгата со омилените ликови. На децата им се потребни весели и забавни книги. Раскази што ќе ги заинтригираат и ќе ја развиваат нивната фантазија. Децата ги сакаат ликовите од книгите со кои подоцна и се идентификуваат. Децата ги обожаваат овие херои чии подвизи и дела подоцна ги применуваат во своето секојдневие. Потрошете корисно време и читајте со вашето дете. Несомнено е дека многу покорисно ќе биде доколку на вашето дете му прочитате барем една сказна, отколку да го научите сè за врвните брендови на мобилни телефони.
    Па, доколку пред себе имате предолг список на играчки и работи за кои сметате дека се неопходни, а вашиот буџет е краток, не очајувајте и не чувствувајте се виновни за тоа. Постојат само неколку работи кои им се потребни на децата и, главно, тие не се скапи. За нив се потребни само вашето време и вашата поддршка, што е минимална цена која можете да си ја дозволите. Важно е детето да се чувствува сакано и заштитено.

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.