Сподели со пријателите

ВЛИЈАНИЕТО НА УРЕДИТЕ ВРЗ РАЗВОЈОТ НА ДЕЦАТА

Живееме во време кога уредите со екрани се неизбежна реалност и дел од растот и развојот на децата. Речиси секое дете од модерната доба расте и поминува значително време гледајќи во екрани од телевизор, компјутер, таблет или телефон.

Само по себе не е нужно зло
Ова и не е толку лоша состојба. Користењето на овие уреди, секако, има и свои придобивки. Постојат едукативни емисии и апликации што го збогатуваат знаењето на децата и поттикнуваат развој на моторни и комуникациски вештини. Но само доколку со овие уреди се ракува правилно! Континуираната употреба и предолгото време поминато пред екраните води кон загрозување на правилниот развој на когнитивните способности на децата.

Долгорочни последици
Кога многу малите дечиња во своите раце ќе добијат паметен телефон или таблет, отворени се можностите за нарушување на мозочните способности кои се во фаза на развој. Способностите да се фокусираат, концентрираат, да го задржат вниманието или да комуницираат со околината се први на удар.
Покрај ова, континуираното седење во затворен простор и лишувањето од физички активности ќе има последици и врз физичкото здравје. Опасноста од проблеми со скелето-моторниот систем се неизбежни, а сè почесто неконтролираната употреба на овие уреди и седењето се фактор за прекумерна телесна тежина и за проблемите поврзани со исхраната.

Меѓу другото, децата се изложени и на опасности од:
  • нарушувања на спиењето, односно недостаток од сон
  • појава на агресивност
  • изложеност на зрачење и проблеми со видот
  • зависност
  • забавен развој

Брзањето детето што порано да научи да ракува со модерните уреди прави многу поголема штета отколку корист!


Во периодот до третата година од животот, мозокот кај децата се развива многу брзо и е особено чувствителен на дразби од околината. Ова е таканаречен критичен период во кој промените што се случуваат токму тогаш создаваат трајна основа за понатамошен развој на мозочните функции. За правилен развој на децата, потребни им се специфични стимуланси. За жал, тие не можат да се пронајдат во мобилните телефони или таблети. Времето поминато пред екраните е пропуштена шанса за комуникација со реалното окружување кое им е најпотребно во тој период. Оваа состојба не е привремена. Доколку стимулансите изостанат во овој критичен период, последиците ќе остават траен ефект.
Читањето детска приказна од страна на родителот има сосема поинаков ефект од гледањето на приказната преку екран. Додека ја слушаат приказната исчитана од устата на родителот, децата ги процесираат зборовите и во својата глава креираат слика за приказната. На овој начин, детските мозочиња се многу повеќе поттикнати на работа отколку кога преку екран приказната им се сервира на готово. На овој начин, уредите ја креираат сликата место нив и така слабеат когнитивните способности.

Нарушување на комуникациските вештини
 Времето поминато во дружба со компјутерот или со телефонот наместо во игра и разговор со своите врсници е фактор кој значително може да влијае на социјалните способности на детето. Тие ќе бидат значително ослабени, со голема веројатност така да остане и во текот на целиот живот.

Живот не е „клик“
Сигурно сте забележале ситуација во која родителите слатко се радуваат и се восхитени од умешното ракување на телефонот од страна на нивното мало бебе или, пак, на ситуации кога се обидува да клика по постери и слики мислејќи дека се работи за екран? Тоа можеби и изгледа слатко на прв поглед, но објективно покажува на еден посериозен проблем, односно, на понатамошно очекување од страна на детето секоја негова активност да има моментален ефект и брз одговор.
Ова можеби и може да се очекува во светот на екраните, но не и во реалниот свет. Кога секое движење на детето со прстот му носи нова слика, изобилство од бои и движења, детскиот мозок се привикнува на моменталните чувства на задоволство кои ги добива со само едно придвижување на прстот. На овој начин, во иднина ќе прибегнува кон сè почесто користење на овие уреди кои пружаат многу брз одговор, отколку да се впушта во комуникација и интеракција со реалниот свет.

Сепак, уредите се потребни и не е неопходно да ги отстраниме
И покрај наведените опасности кои со себе ги носи претераната изложеност на децата на разни модерни и паметни уреди, тие, секако, имаат и своја добра страна. Дури е и препорачливо, откако детето ќе наполни две години, да им дозволите пристап до паметните уреди, но, се разбира, во контролирани услови и време. Половина час или час дневно може да помогне во развој на координацијата на движењата и да помогне во изострување на јазичните вештини. Секако, времето пред екраните, покрај тоа што ќе биде контролирано, не смее да биде замена за игра и запознавање на вистинскиот свет.

СОВЕТ

За секој половина час гледање во екран, поттикнете го детето на еден час компензациска активност (трчање, скокање, играње топка...), а доколку поминатото време пред ТВ е еден час, тогаш мора да има два часа компензациска игра.

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.