Сподели со пријателите

Детска депресија

Болеста што родителите тешко ја прифаќаат
 
Да, децата страдаат од депресија! За проблемов, баба и дедо би додале: „Ништо не му е, ќе му помине. Менува детето!“ Но, вие како родители не смеете да го игнорирате. Најмладиот пациент во Македонија кој страда од депресија има само седум години, а во глобални рамки, во секоја училница има по едно депресивно дете.
Ако детето е тажно, не значи дека е депресивно. Но, ако тагата стане постојана и влијае на неговите нормални социјални активности, интереси, училишни обврски и општо на фамилијарниот живот, тогаш најверојатно тоа се бори со демон во себе. Депресијата е сериозно заболување, но истата се третира. А кога децата се во прашање, од брзината на вашата реакција зависи колку долго детето ќе се измачува.

Како да ја препознаете детската депресија?
Симптомите се различни меѓу децата и честопати се протнуваат под радарот на родителите, бидејќи се доживуваат како нормални промени. Детската депресија доаѓа во маскирана форма и нештата стануваат јасни дури кога детето ќе почне да покажува агресија. Депресијата кај децата стартува исто како и кај возрасните, со тага, чувство на безнадежност и променливо расположение.
 
СИМПТОМИ:
·      Иритабилност или гнев
·      Постојано чувство на тага и безнадежност
·      Социјална изолација
·      Чувствителност од одбивање
·      Промени во апетитот – намален или зголемен
·      Промени во спиењето – несоници или сонливост
·      Плачење 
·      Слаба концентрација
·      Умор и недостиг на енергија
·      Физички поплаки (стомачни тегоби или главоболка) кои не реагираат на третман
·      Намалена способност за нормално функционирање при различни настани и случувања дома, во училиште, избегнување на хоби
·      Чувство на безвредност или вина
·      Самоубиствени мисли
 
Не сите деца ги имаат сите овие симптоми. Повеќето манифестираат различни симптоми во различно време и при различни околности. Иако некои деца функционираат нормално во структуирана околина, поголемиот број страдаат од забележливи промени во однос на социјалните активности, намален интерес кон училиштето, слаби оцени и промени во физичкиот изглед.
 
Кога да побарате стручна помош?
Ако симптомите на депресија кај детето траат најмалку две недели, неопходно е да појдете кај матичниот лекар со цел тој да утврди далиможеби зад нив се крие физички фактор, па потоа да ве упати кај специјалист. 
Нека не ве изненади барањето на матичниот лекар или специјалистот да поразговара со вашето дете насамо. Не постојат конкретни тестови за да се утврди депресијата, но прашалниците во кои е вклучено целото семејство и сите споделени лични информации ја олеснуваат евалуацијата. Третманот е ист како и кај возрасните, психотерапија пропратена со антидепресиви по потреба.
 
Што плус можете да сторите како родители?
Да се погрижите за здравиот животен стил на детето со цел побрзо да ја надмине депресијата. Да ве потсетиме, зборуваме за болест, а не за минливо чувство или фаза.
·      Исхрана која изобилува со овошје, зеленчук, зрнеста храна (грав, леќа, грашок), семиња, јаткасти плодови и чисти протеини
·      Физичка активност најмалку 60 минути дневно, секој ден
·      Спиење според препорачаните часови соодветни за возраста
·      Практикување техники за релаксација
 
Зошто токму децата?
Да, нивниот живот треба да е безгрижен и честопати не е јасно што ја поттикнува депресијата. Многу фактори можат да влијаат, почнувајќи од самата биологија и темперамент на детето. Траума, стрес, понижување, малтретирање (физичко и психичко), отфрлање од средината, наследна депресија од родителите – се дел од можните причинители. 
 

  • Депресијата е почеста кај момчињата под 10 години
  • По 16-тата година, ризикот за депресија се зголемува кај девојчињата
  • Девојчињата се посклони да извршат обид за самоубиство, но момчињата најчесто одат до крај
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.