Сподели со пријателите

Аутистичен спектар на нарушувања кај децата

Кога првпат забележавте дека вашето дете се однесува невообичаено, одлучивте да почекате и да видите дали ќе се повтори. Можеби и си помисливте: „Сигурно е само фаза што ќе помине наскоро.“ Но, однесувањето се повтори, одново и одново и одново. Во моментов можеби се прашувате: Дали се работи за аутизам? Доста се прашувате! Најголема услуга ќе си направите себеси, на детето, на целото семејство, доколку побарате одговори кај матичниот лекар наместо кај д-р Гугл. 

Децата со аутизам можат да имаат квалитетен и исполнет живот доколку им се пружи соодветна поддршка, навреме! 
 
ШТО Е АУТИЗАМ? 
Под аутизам се подразбира спектар на невролошки нарушувања чии симптоми се јавуваат во првите три години од животот на децата. Поголемиот број аутистични деца изгледаат како нивните врсници, но се однесуваат и комуницираат на начин кој делува различно во однос на другите. Во интеракција со другите, тие одговараат на неочекуван начин или воопшто не одговараат, бидејќи имаат проблем да разберат што мислат и чувствуваат другите луѓе. Тоа им ја отежнува експресијата, без разлика дали станува збор за комуникација со зборови, гестови, фацијални експресии или допир.
Аутизмот се јавува во различен облик и ниво на изразеност. Некои индивидуи развиваат типични способности во однос на говорот и јазикот и развиваат исклучителни вештини (несекојдневен талент за сликање, музика, математика, меморија), но се борат со трајни социјални разлики и разлики во однесувањето. Други, се соочуваат со предизвици при секојдневната комуникација и однесување – тантруми, повторливи однесувања, агресија и себеповредување. Добрата вест е што соодветната терапија обезбедува подобрување. Затоа, не негирајте го проблемот, туку делувајте!
 

Околу дванаесет илјади луѓе кај нас страдаат од аутизам, но официјален регистар сѐ уште немаме

СИМПТОМИ
Симптомите на аутизам најчесто се појавуваат пред детето да наполни три години, но некои деца покажуваат знаци од раѓање.
·      Не воспоставуваат контакт со очи
·      Имаат ограничен број интереси или интензивен интерес за одредени теми
·      Повторуваат одредена активност одново и одново, како повторување зборови или фрази, лулање напред и назад или играње со рачката од врата
·      Чувствителни се на звуци, допири, мириси или глетки кои се сосем обични за околината
·      Не покажуваат интерес за контакт со другите, а уште помалку слушаат што тие зборуваат
·      Не гледаат во нештата што им ги покажуваат другите луѓе
·      Не сакаат да бидат држени в раце или прегрнувани
·      Имаат проблеми со разбирање или користење на говор, гестови, фацијални експресии или тон на гласот
·      Зборуваат со рамен, певлив или роботски глас
·      Имаат проблем да се приспособат и на најмали промени во рутината
Некои деца со аутизам имаат и напади, но тие најчесто настапуваат во периодот на адолесценција.
 

Еден човек на 166 има аутизам, според светските статистики
 


АУТИСТИЧЕН СПЕКТАР НА РАСТРОЈСТВА
Порано, овие типови беа дефинирани како одделни состојби. Денес, сите спаѓаат во рангот на аутизам. Тука спаѓаат:
1.    Аспергеров синдром– овие деца немаат проблем со јазикот, всушност, тие имаат просечни и натпросечни резултати на тестовите по интелигенција. Но, имаат проблеми со социјализација и покажуваат ограничен спектар на интереси.
2.    Аутизам – ова е состојбата на која најчесто луѓето мислат кога ќе се спомене зборот „аутизам“. Терминот се однесува на проблеми со социјални интеракции, комуникација и игра кај деца помали од три години.
3.    Детско дезинтегративно нарушување– овие деца покажуваат типичен развој најмалку две години, а потоа губат некои или поголем дел од своите комуникациски и социјални вештини.
4.    Первазивно развојно нарушување (или нетипичен аутизам) – овој термин најчесто се користи за да се опише состојбата во која детето покажува одредени аутистични однесувања, како задоцнети социјални и комуникациски вештини, но не спаѓа во друга категорија.
 
ПРИЧИНИТЕЛИ
Не се познати! Една веројатност е дисфункционалност на делот од мозокот одговорен за процесирање на јазикот и интерпретација на сетилните дразби. 
Аутизмот е четирипати почест кај момчињата отколку кај девојчињата. Болеста не бира по раса, етничка припадност или социјално потекло. Семејниот приход, животниот стил или нивото на образование не влијаат на ризикот од аутизам кај детето.
Ако аутизмот се пренесува во семејството, одредени комбинации на гени можат да го зголемат ризикот на детето.
Дете на постар родител има поголем ризик од аутизам.
Бремените жени кои консумирале одредени лекови или штетни супстанции како алкохол или лекови против напади, е поверојатно да имаат аутистични деца. Други ризик фактори се дијабетес и вишок килограми кај мајките. 
Не постојат докази дека вакцинацијата предизвикува аутизам. 

СКРИНИНГ И ДИЈАГНОЗА
Навистина е тешко да се дојде до конечна и сигурна дијагноза. Во секој случај, при прегледот, докторот се фокусира на развојот и на однесувањето. Кај децата, дијагностицирањето најчесто се одвива во две фази:
При развојниот скрининг, докторот анализира дали детето тековно ги совладува основните вештини како учење, зборување, однесување, движење. Експертите сугерираат дека децата треба да бидат проверувани за какви било развојни доцнења при редовните контроли на 9, 18, 24 и 30 месеци. Специјалната рутинска контрола за аутизам треба да се направи на 18 и 24 месеци. 
Ако детето покажува каков било проблем при првиот скрининг, докторот упатува на комплетна евалуација. Тука се можни тестови за слух, вид, па дури и генетски тестирања. Во оваа фаза, детето ќе го преземе специјалист за аутизам или детски психолог. 
Ако на детето не му е дијагностициран аутизам до третата година, но тоа продолжи со манифестација на невообичаено однесување во текот на адолесценцијата и подоцна во животот, појдете на доктор.
 
ТРЕТМАН
Не постои лек за аутизам, но раниот третман прави огромна разлика во развојот на аутистичното дете. Што поскоро се работи со него, толку повеќе ќе се искористат неговите капацитети. 
Од друга страна, она што делува на еден не мора да значи дека делува на друг. Докторот треба да скрои третман за вас или за вашето дете. Двата главни типа на третмани се: 
Бихевиорална и комуникациска терапија за да помогне со структурата и организацијата. Применетата бихевиорална анализа промовира позитивно однесување, обесхрабрувајќи го негативното. Терапијата која има за цел да го ангажира аутистичното дете, ќе му помогне да совлада низа вештини како облекување, јадење и интеракција со луѓе. Терапијата за говор ги подобрува комуникациските вештини, додека онаа за сензорна интеграција им се наоѓа на оние кои имаат проблем кога некој ќе ги допре или ако се чувствителни на одреден тип звуци и глетки.
Лекарства се применуваат за да се контролираат одредени симптоми, доколку се присутни, како проблеми со внимание и концентрација, хиперактивност или анксиозност. 
Разговарајте со вашиот доктор пред да се обидете со каква било промена, како посебен начин на исхрана. 

Четирипати повеќе од аутизам страдаат машките деца во однос на женските

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.