Љубовта кон книгата и кон пишаниот збор е дар којшто се пренесува од генерации на генерации. Речиси секое дете ужива во овој благодат. Затоа создавањето навика за читање и за љубов кон книгата е важна задача за секој родител. Што порано – тоа подобро.


Добрата книга го поттикнува интелектуалниот развој, го подобрува говорот и го збогатува речникот. Ги развива детската фантазија и креативното мислење и води кон усвојување повисоки морални вредности и хумани пораки.
Иако живееме во т.н. дигитално време, со пристап до секаков вид содржини и литератури, читањето книга во нејзината примарна форма е уживање за сите сетила.

Кога да се зпочне?

Никогаш не е прерано да започнете да му читате на вашето дете и да го воведете во светот на едно од најдобрите животни задоволства. Уште на само неколку дена возраст, бебето реагира на вашиот глас и ги впива околината и случувањата околу него. Како што расте, детето сè повеќе ќе биде заинтересирано за оваа активност и со целосен жар ќе го следи и ќе го доживува она што му го читате. Ова ќе му помогне на детето во процесот на развојот на говорот и комуникацијата со надворешниот свет.

Книгата како верен животен сопатник

Дали ќе го засака читањето или не – зависи од многу фактори. Како и кон сè друго, и љубовта кон книгата треба да се развие. Ако, како родители, на правилен начин ја подотвориме вратата, на детето му отвораме еден магичен свет на знаење, можности и имагинација. Дали и во колкава мера книгата ќе биде животен сопатник – зависи и од тоа во колкава мера и на каков начин како родители ќе му помогнете на детето да ги создаде првите навики за читање.

Избор на вистинска книга

Од изборот на книгата зависи и во колкава мера детето ќе ужива. На малите деца им се потребни книги кои им го привлекуваат вниманието и со коj може да манипулираат. За нив се идеални тврди сликовници, водоотпорни книги, со живи бои, со јасни и крупни фигури. За малку повозрасните (некаде околу втората-третата година), најблиски им се книгите со кратки и лесни раскази кои ќе ја поттикнат нивната фантазија и ќе ги идентификуваат на ниво и самите да станат учесници во некоја од бајките коишто подоцна ќе ги интерпретираат. Дозволете му на детето и прашајте го која книга или сказна сака да му ја читате. Следете го неговиот интерес и, како резултат на тоа, одлучувајте на кој начин ќе ја дополнувате неговата библиотека.
Важно е децата да имаат своја библиотека каде ќе можат и самостојно да контактираат со своите книги и сликовници.

Ритуалот на читање

Најдобро е ако читањето прерасне во задолжителен и многу важен дел од вашиот ден. Одењето в кревет и вечерните часови се чини дека се идеални за читање. Ова е период кога детето има потреба за помирни активности. Во овој период читајте лесни и смирени теми. Читајте полека и дозволете му на детето да ги следи содржините и сликите и да има време да ја разбере и да ја запомни содржината. Читањето не мора да е во точно утврден термин. Бидете на располагање секогаш кога детето ќе пројави желба за читање. Убаво е кога детето само ќе почне да бара да му се чита.
Многу е важно во текот на читањето и вие да се идентификувате со ликовите и со ситуацијата. Драматизирајте ја целата приказна. Доближете му ја на детето. Имитирајте разни гласови и карактери, дури и ако тоа се гласови на животни, возила и сл. Едноставно, уживајте во оваа улога.


Читајте заедно

Во текот на читањето дозволете детето да биде активно. Повторувајте ги речениците заедни и прераскажувајте ги сцените. Преку илустрациите бодрете го да ја продолжи приказната, иако можеби сè уште не знае да чита. Дозволете да креира свој тек на приказната. Со прстот следете го текстот што го читате. Преку сликите учете ги боите, животните и предметите.  Некогаш намерно згрешете го текстот или погрешно претставете некоја слика. Очекувајте ја неговата реакција. Ќе забележите дека по некое време ќе ги лови сите ваши грешки и ќе ве коригира.  Сето ова е дел од процесот на наведување на детето да учествува и да го доживува читањето со своја глава.

Доследен пример

Можеби најделотворниот начин детето да пројави интерес за читање е ако често ги гледа книгите во вашите раце. Доколку располагате со семејна библиотека и доколку често читате, детето ќе ја сфати оваа околина како природна и спонтано може да појави интерес за читање. Доколку вие уживате во читањето, тоа прераснува во моќна мотивациона алатка.
Секако, купувајте ги книгите заедно. Дозволете само да си избере книга или сликовница. Тајновитоста на полиците преполни со книги, детективската потрага по омилените јунаци меѓу полиците и мирисот на хартијата може да остават траен печат во спомените на идните мали љубители на пишаниот збор.

Најубавиот подарок

Користете ја секоја прилика подарокот да биде во форма на книга. Роденденскиот подарок на другарчињата надополнете го со убава и весела книга којашто заедно ќе ја одберете.

Не правете ништо насила

Доколку на почетокот детето не пројавува интерес и не сака да му читате, не притискајте. Ефектот може да е обратен. Променете ја книгата, времето на читање или пристапот. Не дозволувајте читањето, наместо во уживање, да прерасне во заморна обврска.

Прекумерната телесна тежина е сериозен медицински проблем со епидемиски размери. Бројот на деца со прекумерна телесна тежина вртоглаво расте, а паралелно се зголемуваат и последиците и проблемите произлезени од тоа.


Што се вишок килограми?
Дебелината во превод значи вишок телесни маснотии. Можеби неколку килограми не значат веднаш дека вашето дете е дебело, меѓутоа тоа може да укажува на склоност кон додавање килограми и потреба за корекција на начинот на исхрана и потреба од физичка активност. Како проблем, најчесто се појавува во 5-тата или 6-тата година од животот или за време на пубертетот. Децата кои се соочуваат со прекумерна телесна тежина на возраст од 10-13 години имаат многу големи предиспозиции да бидат и подоцна во возрасната доба.

Што води до дебелеење?
Причините се комплексни и бројни и вклучуваат, пред сè, генетски, биолошки, културолошки и социолошки фактори.
Внесувањето на повеќе калории во однос на потрошеното, неминовно доведува до зголемување на телесната маса. Прекумерна телесна тежина може да настане и како комбинација на повеќе фактори.

Најчести ризик-фактори
за детска дебелина:
  •  лоши животни навики на семејството
  • семејни проблеми и проблеми со околината
  • недоволна физичка активност
  •  недостаток на самодоверба
  •  прекумерно внесување газирани и внесување грицки како замена за редовни оброци
  • секојдневно поминување неколку часа пред телевизор или пред компјутер
  • недоволно и неквалитетно спиење
Ризици и компликации
Лошите ефекти од прекумерната телесна тежина се многубројни.
Најчесто се проследени со ризик од појава на:
  •  срцеви заболувања
  •  висок крвен притисок
  •  дијабетес
  •  астма и проблеми со дишењето
  •  проблеми со спиењето (апнеа)
  •  социјална дискриминација
Дебелината кај децата често е поврзана и со појава на емоционални проблеми. Овие деца имаат далеку помала самодоверба и се помалку
омилени во своето училиште и во средината. Склони се кон појава на депресија, анксиозност и опсесивни нарушувања.

Што да се преземе?
Како родители, директно сте одговорни за здравјето и за навиките на вашето дете.
Вашиот влог и вашето посветено време се од примарно значење за развој на здраво дете.

Започнете со исхраната:
  •  Променете го начинот на исхрана.
  • Научете ги децата да јадат полека и да уживаат во храната.
  •  Спремајте здрави и избалансирани оброци. И, секако, јадете сите заедно.
  •  Намалете ги порциите.
  • Дозволете детето само да побара.
  • Не инсистирајте детето да ја „светне“ чинијата.
  •  Избегнувајте брза храна. Дури и во ресторани, настојувајте изборот да биде правилен.
  • Избегнувајте фиоките да ги полните со слатки, чипс и со газирани пијалаци.
  • Купувајте и нудете им на децата што повеќе овошје и зеленчук.
  • Дозволете при купувањето децата сами да ги избираат овие намирници.
  • Потрудете се детето да го земе својот појадок.
  • Водете грижа што јаде детето во градинка или во училиште.
  • Заменете ги индустриските сокови со вода или со природно цедени сокови.
  • И, секако, не обесхрабрувајте се доколку детето не го прифаќа овој начин на исхрана. Бидете упорни.
  • Некогаш е потребно новите намирници да се понудат и повеќе од десетина пати пред детето да ги прифати.
  • Немојте да ја користите храната како награда. На овој начин храната станува помалку вредна во однос на ветената награда.
Запомнете дека малите промени секој ден може да доведат до резултати за цел живот!

Поттикнете ја активноста.
  •  Дајте му добар пример на детето. Доколку детето е сведок дека вие сте активни, и притоа уживате во тоа, и тоа ќе го прифати таквиот образец на однесување.
  • Стимулирајте го детето да се вклучи во спортски активности соодветни за неговата возраст.
  • Имајте разбирање за неговите потреби и капацитети. Доколку не ужива во одредена активност, помогнете му да најде соодветна во која ќе се чувствува исполнето.
  • Бидете активни како семејство. Организирајте заеднички дневни активности вклучувајќи заедничко готвење, чистење на домот или миење на автомобилот. Организирајте заеднички излети во парк, на планина или возете велосипед. Изборот на активности надвор е голем. Останете АКТИВНИ!  Секако, не претерувајте. Почитувајте ги можностите на детето и не инсистирајте на долги и исцрпувачки активности.



 

Намалување на времето поминато во седење.
Покрај охрабрувањето на физичката активност, на децата треба да им се помогне да избегнуваат премногу седење. Иако одредено време поминато во седење поради читање или извршување домашни задачи е во ред, би требало на децата да им се ограничи времето потрошено на гледање телевизија, играње видеоигри или времето потрошено на интернет, на не повеќе од 2 часа дневно. Исто така, не се препорачува гледање телевизија на деца на возраст помали од 2 години. Наместо тоа, треба да ги охрабрите вашите деца да изнајдат забавни активности кои ќе ги прават сами или заедно со членовите од семејството.

Дајте му поддршка на вашето дете.
 Градење на детската самодоверба е особено важно. Кажате му на вашето дете дека е сакано и посебно.
  •  Сакајте го детето и не нагрдувајте го без разлика на килограмите.
  • Истакнувајте ги позитивните карактеристики и работете на враќање на самодовербата. Честите разговори за вишокот килограми може да бидат контрапродуктивни.
Прекумерната телесна тежина е медицински проблем кој лесно се препознава, но тешко се третира.
Доколку не се реагира навремено во рана возраст, многу често станува доживотен проблем.

Научете го вашето дете да се храни здраво, да јаде умерено и да ужива во јадењето.

Живееме во време кога уредите со екрани се неизбежна реалност и дел од растот и развојот на децата. Речиси секое дете од модерната доба расте и поминува значително време гледајќи во екрани од телевизор, компјутер, таблет или телефон.

Само по себе не е нужно зло
Ова и не е толку лоша состојба. Користењето на овие уреди, секако, има и свои придобивки. Постојат едукативни емисии и апликации што го збогатуваат знаењето на децата и поттикнуваат развој на моторни и комуникациски вештини. Но само доколку со овие уреди се ракува правилно! Континуираната употреба и предолгото време поминато пред екраните води кон загрозување на правилниот развој на когнитивните способности на децата.

Долгорочни последици
Кога многу малите дечиња во своите раце ќе добијат паметен телефон или таблет, отворени се можностите за нарушување на мозочните способности кои се во фаза на развој. Способностите да се фокусираат, концентрираат, да го задржат вниманието или да комуницираат со околината се први на удар.
Покрај ова, континуираното седење во затворен простор и лишувањето од физички активности ќе има последици и врз физичкото здравје. Опасноста од проблеми со скелето-моторниот систем се неизбежни, а сè почесто неконтролираната употреба на овие уреди и седењето се фактор за прекумерна телесна тежина и за проблемите поврзани со исхраната.

Меѓу другото, децата се изложени и на опасности од:
  • нарушувања на спиењето, односно недостаток од сон
  • појава на агресивност
  • изложеност на зрачење и проблеми со видот
  • зависност
  • забавен развој

Брзањето детето што порано да научи да ракува со модерните уреди прави многу поголема штета отколку корист!


Во периодот до третата година од животот, мозокот кај децата се развива многу брзо и е особено чувствителен на дразби од околината. Ова е таканаречен критичен период во кој промените што се случуваат токму тогаш создаваат трајна основа за понатамошен развој на мозочните функции. За правилен развој на децата, потребни им се специфични стимуланси. За жал, тие не можат да се пронајдат во мобилните телефони или таблети. Времето поминато пред екраните е пропуштена шанса за комуникација со реалното окружување кое им е најпотребно во тој период. Оваа состојба не е привремена. Доколку стимулансите изостанат во овој критичен период, последиците ќе остават траен ефект.
Читањето детска приказна од страна на родителот има сосема поинаков ефект од гледањето на приказната преку екран. Додека ја слушаат приказната исчитана од устата на родителот, децата ги процесираат зборовите и во својата глава креираат слика за приказната. На овој начин, детските мозочиња се многу повеќе поттикнати на работа отколку кога преку екран приказната им се сервира на готово. На овој начин, уредите ја креираат сликата место нив и така слабеат когнитивните способности.

Нарушување на комуникациските вештини
 Времето поминато во дружба со компјутерот или со телефонот наместо во игра и разговор со своите врсници е фактор кој значително може да влијае на социјалните способности на детето. Тие ќе бидат значително ослабени, со голема веројатност така да остане и во текот на целиот живот.

Живот не е „клик“
Сигурно сте забележале ситуација во која родителите слатко се радуваат и се восхитени од умешното ракување на телефонот од страна на нивното мало бебе или, пак, на ситуации кога се обидува да клика по постери и слики мислејќи дека се работи за екран? Тоа можеби и изгледа слатко на прв поглед, но објективно покажува на еден посериозен проблем, односно, на понатамошно очекување од страна на детето секоја негова активност да има моментален ефект и брз одговор.
Ова можеби и може да се очекува во светот на екраните, но не и во реалниот свет. Кога секое движење на детето со прстот му носи нова слика, изобилство од бои и движења, детскиот мозок се привикнува на моменталните чувства на задоволство кои ги добива со само едно придвижување на прстот. На овој начин, во иднина ќе прибегнува кон сè почесто користење на овие уреди кои пружаат многу брз одговор, отколку да се впушта во комуникација и интеракција со реалниот свет.

Сепак, уредите се потребни и не е неопходно да ги отстраниме
И покрај наведените опасности кои со себе ги носи претераната изложеност на децата на разни модерни и паметни уреди, тие, секако, имаат и своја добра страна. Дури е и препорачливо, откако детето ќе наполни две години, да им дозволите пристап до паметните уреди, но, се разбира, во контролирани услови и време. Половина час или час дневно може да помогне во развој на координацијата на движењата и да помогне во изострување на јазичните вештини. Секако, времето пред екраните, покрај тоа што ќе биде контролирано, не смее да биде замена за игра и запознавање на вистинскиот свет.

СОВЕТ

За секој половина час гледање во екран, поттикнете го детето на еден час компензациска активност (трчање, скокање, играње топка...), а доколку поминатото време пред ТВ е еден час, тогаш мора да има два часа компензациска игра.

Многу често младите мајки се прашуваат кога и како да се започне со воведување на тврдата храна кај своите малечки. Ексклузивното доење е најдобра исхрана за детето од раѓање до шестиот месец. По овој период, потребно е со мајчиното млеко постепено да се додава и друга храна за да може детето да расте и правилно да се развива.



Воведувањето исхрана по 6-тиот месец може дополнително да го намали ризикот од појава на алергии од храна.

Кога вашето бебе е спремно за воведување тврда храна?

  • Кога може да ја држи главата исправена. Многу е важно бебето да може да ја држи стабилно исправена главата, со што ќе овозможи да го храните со лажиче.

  • Кога може добро да седи, кога е потпрено на нешто.

  • Кога може да џвака. За да воведете тврда храна, бебето треба да може да ја префрла храната во задниот дел на устата и да ја голта.

  • Кога има постигнато здрава тежина. Повеќето бебиња се спремни да почнат да јадат полутврда храна кога ја имаат дуплирано својата тежина. Тоа, обично, се случува околу шестиот месец.

  • Кога покажува интерес за она што вие го јадете. Може со погледот да го следи движењето на храната до вашата уста или, пак, посегнува по неа.
     

Она што можеби е и најважно и треба да се знае е дека дохранувањето треба да почне кога детето е потполно здраво!

Одете чекор по чекор!

  • Кога се почнува со воведување тврда исхрана кај бебето, најдобро е да го одберете вистинскиот момент. Вие и бебето треба да бидете релаксирани. Бебето треба да е гладно, но не и изморено, за да може полесно да се приспособи.

  • Се почнува со многу мали дози пасирана храна.

  • Доколку бебето е многу гладно, претходно нахранете го со помала доза млеко, за да не биде нервозно и полесно да ја прифати тврдата храна.

  • Доколку бебето не ја прифати храната веднаш, не губете трпение, продолжете да се обидувате да ја воведете тврдата исхрана во текот на неколку дена.

  • Кога бебето ќе се привикне на новиот вкус на храната, можете да ја зголемите дозата што му ја давате во еден оброк.

  • Исто така, како што бебето ќе почне да ја прифаќа пасираната храна, може да се зголемува постепено и нејзината густина.

  • Не присилувајте го бебето да јаде повеќе од тоа што сака. Допуштете му само да си побара повеќе.

  • Кога бебето потполно ќе се привикне на тврдата исхрана, почнете да му давате по два до три оброка на ден.

Воведувањето тврда храна не би требало да биде оптоварување ни за детето, ни за мајката. Исто така, не треба да биде на сила и по секоја цена.

Со што да се започне?

Дохранувањето, најпрво, започнува со ориз, потоа се воведува зеленчук или овошје, сокчиња и месо.
Сепак, постојат одредени правила за кои треба да се води сметка, кога во исхраната на бебето ќе се воведат немлечни производи:

  • Новите продукти препорачливо е да се даваат во утринските часови, за да може до вечерта да се забележи евентуалната алергиска реакција (исипување по кожата, повраќање, пролив).

  • Секогаш воведувајте ги новите продукти постепено – една по една, за бебето да се навикне на новиот вкус.

  • Направете растојание од три дена меѓу воведувањето на новиот вид храна.

Колку и како?

Во почетокот, понудете му на бебето мали количини храна (1-2 лажички) и постепено зголемувајте ја количината (15-30 лажички). Навикнувањето на нова храна нека трае најмалку 3 дена.
Храната мора да биде свежо подготвена, во почетокот пасирана и згмечена, а потоа ситно сечкана.
Во подготвената храна за бебето не ставајте сол и шеќер и немојте да ја разблажувате со вода, бидејќи детето треба да го почувствува природниот вкус на храната. Кашичките се даваат со лажичка, а течната храна од чаша. Вкупната дневна количина на храна распоредете ја во повеќе мали оброци и во пократки временски интервали.
 

Најубаво е ако детето јаде на маса, заедно со другите членови од семејството.

Дали сè уште треба да го доите бебето? Дефинитивно ДА.

Иако тврдата храна постепено ќе замени дел од млекото, тоа, сепак, ќе продолжи да биде најважниот извор на хранливи материи за бебето во текот на првата година од животот. Доколку не го доите, адаптираното млеко ќе продолжи и понатаму да биде главна храна за бебето.

Не инсистирајте на прерано воведување дохрана кај вашето дете. Тоа е многу важно да се знае заради следните причини:

Раниот почеток на дохранување може да доведе до отфрлање на мајчиното млеко, односно бебето ќе престане да посакува мајчино млеко. Зголемување на ризикот од болести поврзани со дијареа и алергии, поради сè уште незрелиот стомачно-цревен систем на бебето.

Како да му помогнете на бебето да развие здрави навики во исхраната?

  • Понудете му разновидна палета во исхраната.

  • Не обидувајте се да го прејадувате, тоа ќе го одврати од пробувањето нова храна.

  • Давајте му разновидно овошје и зеленчук.

  • Избегнувајте шеќер, сол, премногу мрсна храна и премногу зачини.

  • Не поткупувајте го, ниту наградувајте го бебето со храна. Наместо храна, погалете го, прегрнете го, играјте си со него, односно посветете му внимание.

Обезбедувањето соодветна и здрава исхрана за децата е одговорност на родителите, но и на целото општество. Навиките во исхраната на детето се создаваат уште во раното детство и траат до крајот на неговиот живот. Заради тоа, многу е важно тие правилно да бидат формирани, со цел да се обезбеди здрав раст и развој на младиот организам.
 

Бебешки рецепти


Каша од карфиол и спанаќ


Потребно:

  • 50 гр спанаќ,
  • 50 гр карфиол,
  • 30 гр компир,
  • 50 мл млеко,
  • 1 кафена лажичка масло или маргарин.

Подготовка: 

Спанаќот се мие под млаз вода, се отстрануваат гранчињата и се остава да отстои 20-30 минути во вода (солена или со лимонов сок). Се мие и се сечка на ситни парчиња. Компирот се мие, се лупи и се сечка на ситни парчиња. Карфиолот се мие и се ситни. Компирот и карфиолот се ставаат во вода да се варат. Кога ќе омекнат, се додава спанаќот и се вари уште 15 минути. Кога ќе се свари зеленчукот, се отстранува вишокот вода, се додаваат млекото и маслото и се вари уште 3-5 минути.
При варењето на зеленчукот, може да се додадат 1-2 лажички пченкарно брашно.

Се блендира или се пасира, и се служи веднаш.
 

Овошна каша од јаболко и тиква

Потребно:
 

  • 100 гр тиква,
  • едно зрело јаболко,
  • 1 кафена лажичка лимонов сок и
  • 300 мл вода.


Подготовка: 

Тиквата и јаболкото се мијат, се лупат и им се отстрануваат семките. Се ставаат во водата и на умерена температура се варат (поклопени). Штом ќе омекнат, се вадат, се пасираат. По потреба (ако сакате поретка каша), се додава од водата во која се вареле. Се додава лимоновиот сок.
Јаболкото може да го дадете и свежо.

Речиси секој родител со сигурност се има најдено во лавиринтот од прашања и дилеми за тоа што сè е потребно да се има и да се обезбеди, сè со една цел – да се задоволат потребите и барањата на најмилите. Понекогаш списокот на нештата што задолжително треба да се купат е предолг, а неретко, кога сè на крајот ќе се собере, е и прескап.


Дали сè е потребно?

Многу родители не се во можност да го обезбедат сето она што го посакуваат за своите деца или, во најмала рака, она што го имаат нивните врсници. Но дали купувањето и задоволувањето на овие барања е навистина потребно и каква е користа од тоа? Дали можеби со купувањето не се нанесува и поголема штета?

  • Имајте на ум дека на вашето дете апсолутно не му е потребна секоја играчка што свети, што емитира разни звуци и што троши батерии.

  • Уште помалку им се потребни најнови модели на скапи мобилни телефони само заради фактот што некое другарче го има тоа.

  • Дефинитивно не им е потребна скапа и брендирана облека, речиси во секаква боја која можеби ќе ве чини колку и вашиот личен доход.

  • Непродуктивни може да бидат и секојдневни скапи дополнителни активности (јавање, тенис, скијање и сл.)

Детската љубов е безусловна. Децата даваат од срце и не мерат колку дале и колку треба да земат. Бидете како децата!

Тогаш, што е потребно?

  • Потребни им се обични и едноставни играчки
    Коцки, хартија и боички, кукли или колички, а можеби најважно е поттикнувањето на нивната фантазија и вклучувањето во игра на сè што е на дофат на рака. Картонска амбалажа или кутија од јајца може да им бидат особено занимливи. Играјте заедно и бидете креативни.

  • Љубов и поддршка
    Разбирање за сите постапки на детето, а не повишување на тонот за секоја пролиена чаша на масата. Разговор за сите мали и големи нешта во континуитет, а не само барања и очекувања од детето. Заеднички оброци и почеста употреба на лековити зборови, како „те сакам“, се вистинска потреба.

  • Облека која слободно можат да ја извалкаат
    Во зависност од можностите, облеката за посебни пригоди секако не е за отфрлање, но во секојдневието бидете релаксирани и обезбедете им облека на која и нема посебно да се внимава. Облекa која со себе нема да повлече замерка од типот: „знаеш ли колку чини“, „повеќе нема да ти купуваме“, „ја плативме прескапо, а веќе ја израсна“.

  • Посветено време
    Потребна им е игра, надвор, секогаш и во секоја можност. Посета на зоолошка градина, парк или блиско излетничко место. Посета на фарма би било вистинско доживување. Со еден збор, потребна им е средба со природата. Појдете заедно во посета на музеј или заедно гледајте театарска претстава со омилените ликови од сликовниците.
    На децата им е потребно милување, скокоткање, смеа и разновидно опкружување.

  • Отворени можности да истражуваат
    Оставете ги децата да се качуваат високо, да си играат со дрвенета прачка најдена во паркот и да ги подигаат камчињата со цел да се истражи што има под камчето. Оставете ги децата слободно да возат велосипед или тротинет. Оставајте ги на моменти надвор од вашиот видокруг и сами нека се справуваат со предизвиците. Нека трчаат додека целосно не се изморат.
    На децата им е потребно да си ги пробаат своите знаења и во домашните работи. Нека учествуваат во поправка на некој домашен апарат или во подготовка на вкусниот десерт.

  • На децата им е потребен квалитетен сон
    Внимавајте на биоритамот на вашето дете. Важно е децата да создадат вистински навики за времето кога се оди на спиење. Добриот сон значи и добро одморени и подготвени за предизвиците на следниот ден.

Контролирајте го времето поминато пред екраните на ТВ, компјутерот и мобилниот телефон, особено во време пред заминување на спиење.

  • На децата им се потребни книги и родители кои ќе им ги читаат
    Времето пред спиење или периодот кога временските услови не дозволуваат да се излезе надвор, користете го за читање на книгата со омилените ликови. На децата им се потребни весели и забавни книги. Раскази што ќе ги заинтригираат и ќе ја развиваат нивната фантазија. Децата ги сакаат ликовите од книгите со кои подоцна и се идентификуваат. Децата ги обожаваат овие херои чии подвизи и дела подоцна ги применуваат во своето секојдневие. Потрошете корисно време и читајте со вашето дете. Несомнено е дека многу покорисно ќе биде доколку на вашето дете му прочитате барем една сказна, отколку да го научите сè за врвните брендови на мобилни телефони.
    Па, доколку пред себе имате предолг список на играчки и работи за кои сметате дека се неопходни, а вашиот буџет е краток, не очајувајте и не чувствувајте се виновни за тоа. Постојат само неколку работи кои им се потребни на децата и, главно, тие не се скапи. За нив се потребни само вашето време и вашата поддршка, што е минимална цена која можете да си ја дозволите. Важно е детето да се чувствува сакано и заштитено.

Децата учат да живеат по нашите правила и да се однесуваат онака како што се очекува од нив. Но, сепак, тие се само деца. Нивниот свет е поинаков. Тие имаат вродена инстинктивна потреба да ја изразат својата волја, но не знаат да ги контролираат своите импулси. Во една таква замрсена ситуација, поголем дел од родителите изливот на бес, викањето и гризењето и на децата го сметаат како одраз на невоспитаност. Ова е особено карактеристично кога децата имаат околу 4 години. Но, дали е баш така?


Краткорочни решенија

Постапките на нашите најмили, кои не се во согласност со нашите очекувања, многу лесно не вадат од колосек. Па, наместо да имаме на ум дека сме возрасни и дека децата се однесуваат само како деца, многу често родителите се спуштаат на ниво на едно тригодишно дете, па и самите викаат или возвраќаат со удирање на детето. Тоа може да биде моментално решение и смирување на страстите, но, во суштина, ситуацијата само ќе се искомплицира. Во моментот кога ќе ја изгубиме личната контрола, престануваме да бидеме авторитет. Децата ова многу добро го знаат и поради тоа ќе се почувствуваат несигурни, но моќни. Во ваквите ситуации, казните произведуваат страв, недоверба и одбивност.
На крајот на краиштата, ваквите дисциплински мерки не даваат резултат бидејќи не го третираат она што, во суштина, децата се обидуваат да ни го кажат. А тоа е дека очајно им е потребна вашата помош за да ги искажат своите емоции.
Доколку вие, како родител и како возрасна личност, сте во состојба да го прифатите однесувањето на вашето дете како привремена реакција и повик за помош, тогаш вашиот одговор  на ваквите ситуации ќе биде многу појасен и подобар.

Сидро

Тајната е во моментот, во една контролирана околина, да му овозможите на детето да ги искаже своите емоции. Децата тоа го прават на свој начин и онака како што умеат. Контролата на емоциите ја учат подоцна во животот. Поинаку и не е можно. Доколку ги принудувате да ги потиснуваат своите емоции, а на нивниот повик за помош одговарате со викање, агресија или игнорирање, нештата нема да бидат подобри. 
Вашата помош да го искажат својот бес, тага или страв, за нив е сидро кое ги држи на безбедно, а вашато трпение и разбирање е единственото нешто што може да им помогне еден ден да можат самите да се изборат со своите емоции на вистински и здрав начин.

Не учете ги и не принудувајте ги вашите деца да ги потиснуваат емоциите.

Кога бранот на лутина и бес ќе помине, и понатаму сте им потребни да признаете дека нивните чувства се нормални и дека сте тука за да им опростите и да ги разберете.
Убавината на ваквата реакција кон детските испади е сигурноста што ја чувствуваат децата од страна на родителите кои не губат контрола врз сопственото однесување. Со ваквата сигурност дека мама и тато секогаш ќе бидат тука за да помогнат, дури и во моменти кога „не ни се сите на број“, децата се чувствуваат способни да се борат, без страв дека ќе згрешат, а воедно ќе растат и ќе ја развиваат својата самодоверба.
И, секако, ова не значи дека на децата треба да им дозволиме секакво однесување. Поставувањето граници, одлучно, но со почитување на личноста на детето, е најдобар начин да ги научиме да ги разберат и да ги прифатат светот и околината во кои живеат и, воедно, да се чувствуваат безбедно.  

Повредите на млечните заби, вообичаено, се случуваат во периодот помеѓу втората и четвртата година од животот. Тоа е период кога децата самостојно се движат, но не се сосема стабилни и ги истражуваат своите можности и граници. Во случај на повреда, важно е детето веднаш да биде прегледано од стоматолог и да добие соодветен третман. Најчесто се повредуваат предните заби од горната вилица, секачите.

Какви повреди се можни кај млечните заби?

Повредите на забите се поделени на повреди кои се ограничени на коронката на забот, повреди на коренот на забот и повреди во кои, освен забот, вклучен е и алвеоларниот гребен (коската во која се всадени забите). Повреда на коронката на забот значи кршење на дел од забот. Во зависност од местото на фрактурата, повредата може да биде ограничена на глеѓта на забот, да го вклучува дентинот, па дури и нервот на забот. Кога при повреда доаѓа до промена на положбата на забот, тогаш станува збор за покомплексна повреда која може да биде исклучиво на коренот на забот или да ја зафаќа и околната коска од вилицата.

Каков е третманот кај повредите на коронката на забот?

Повредите кои ја вклучуваат само глеѓта, па дури и дентинот на забот (основната супстанција од која е изграден забот) се прилично лесни повреди. Нивниот третман е едноставно замазнување на острите рабови и евентуална импрегнација со флуориди. Кај дечињата, во оваа рана возраст забите не се реконструираат со естетски пломби, бидејќи тие немаат трпение и потешко соработуваат. Така, забот останува поткршен додека не се замени со траен заб. Доколку при повреда се искрши поголем дел од коронката на забот, тогаш има опасност од експонирање (отворање) на нервот. Во таков случај, нервот на забот мора да се умртви и забот да се лекува. Лекувањето на млечните заби никогаш не е дефинитивно како кај трајните заби, бидејќи коренот на млечните постепено се ресорбира со израснувањето на трајните заби. Затоа ваквите заби треба да бидат под редовен мониторинг од стоматолог.

Зошто удрените заби потемнуваат?

Забот кој ја сменил својата боја е мртов заб. Тоа значи дека при повредата дошло до инфаркт на нервот на забот, односно била прекината циркулацијата на крв во нервот, а со тоа и ставена под прашање виталноста на забот. Бидејќи забот веќе не се прехранува преку својот нерв, тој е дехидриран и ја менува бојата. Понекогаш доаѓа и до крвавење од нервот во самиот заб, па тој се обојува поради пигментите кои се во крвта. Овие заби, доколку не прават никаков проблем, нема потреба да бидат третирани. Понекогаш се случува оваа стерилна некроза на нервот настаната при ударот да привлече бактерии како и секое мртво ткиво. Во случај на инфекција, забот може да почне да боли на притисок. Гнојот кој се создава на врвот од коренот мора да најде пат да се дренира и затоа доколку не побарате помош од стоматолог, често настанува фистула на непцето над мртвиот заб. Низ таа фистула (дупче во непцето) гнојот истекува, така што детето може да нема никаков проблем и да не се жали на болка.

Што се случува со забите кои при повреда ќе ја променат својата положба?

Овој вид повреди неретко се проследени со фрактура на коренот на забот или дел од алвеоларната коска. Во зависност од насоката во која е поместен забот, можеме да ги поделиме повредите на интрузија, екструзија и латерална луксација. Интрудиран заб е оној кој при повредата се поместил навнатре во коската и изгледа пократок од соседниот заб. Екструдираниот заб е подолг од неговиот сосед, односно е подизлезен од алвеоларната коска. При латерална луксација, забот е поместен кон усната или навнатре кон грлото. При овие повреди, најважна е добра дијагноза и навремена терапија. Суштината на терапијата е да го зачуваме фоликулот на трајниот заб неповреден. За да го постигнеме тоа, понекогаш е потребно поместениот млечен заб да го извадиме за да му овозможиме нормален развој и раст на трајниот заб. Одлуката за вадење на повредениот млечен заб зависи од насоката во која забот е потиснат и од тоа колку е опсежна промената на положбата. Доколку променета е блага, на повредените заби им даваме можност да се вратат во првобитната положба. Во периодот непосредно по повредата, детето треба да консумира мека храна и да избегнува гризење на повредениот заб. Исто така, важно е да се одржува добра усна хигиена со што ќе избегнеме инфекција на повредените меки ткива во устата. По повредата, детето задолжително однесете го на стоматолошки преглед, а во зависност од дијагнозата потребни се и понатамошни прегледи и следење на состојбата.

Што се случува кога забот е целосно избиен?

Најважно што мора да знаеме е дека избиениот млечен заб никогаш не го враќаме назад во коската од вилицата. На таков начин можеме да го повредиме фоликулот на трајниот заб. Детето по оваа повреда остнува без млечен заб да го дочека израснувањето на трајниот заб. Во спротивно, доколку го повредиме фоликулот на трајниот заб, можно е тој да порасне со неправилна структура на глеѓта, да има дефекти на својата површина и, воопшто, да се појават проблеми при неговиот раст и развој.


Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.

 

Семејството е најзначајниот систем во кој припаѓаме. Неговата функционалност е од големо значење во процесот на воспитување и подигање на здраво потомство. Доколку овој систем не функционира добро, воспитувањето на децата може да се движи во правец кој е помалку посакуван.



Какви родители – такви деца“ е одамна позната изрека која, секако, има свое значење. Каков е односот меѓу родителите, такви ќе бидат и децата – можеби е вистинско дополнение на оваа изрека.

 

 


Различни улоги

Добар и лош полицаец. Речиси секој родител се нашол во ваква улога кога станува збор за воспитување на децата. Често може да се слушне како еден од родителите ја има улогата на строг, додека другиот – на попустлив и мек. Кога мајката и таткото имаат различни улоги, децата знаат на кој родител за што треба да му се обратат. Во ваквата поделба нема ништо лошо освен погрешнотo етикетирање на родителите како добар или како лош. Доколку само едниот родител поставува барања кон детето, а другиот е целосно одземен од таквата улога, односот и поврзаноста во релацијата родител-дете би можел да се наруши. Доколку мама и тато не се сложни во начинот на воспитување, тогаш детето не се учи што е добро, а што лошо или што е дозволено, а што е недозволено однесување. На овој начин, децата се збунети и несигурни. Доколку едниот родител охрабрува и поддржува одредено однесување кај детето, а другиот родител е против тоа и го осудува, детето нема да биде сигурно во себе и во своите постапки, ниту пак во своите родители и во нивните реакции.

 

Двонасочен однос

Добар дел од карактеристиките на личноста децата ги наследуваат од своите родители, но добар дел од градењето на својот личен карактер и однесување ќе бидат преземени и усвоени од моделот и од климата која владее меѓу родителите и родителско-партнерскиот однос. Важно е да се знае дека и детето со својата индивидуалност, со склопот на личноста кој е карактеристичен само за него, влијае на тоа како родителите ќе го воспитуваат. Паметен и посветен родител со сигурност ќе почувствува и ќе знае на каква мерка неговото дете најдобро ќе реагира. Некое дете подобро ќе реагира на казна, друго, пак, ќе биде попродуктивно доколку почесто го пофалувате. Бидете паметен родител бидејќи здравата средина, мирот во куќата и здравиот психолошки развој на детето се најважни за секој родител.

 

Родителскиот сојуз и неговата функционалност се многу важни алки во системот наречен „семејство“. За да биде успешен овој сојуз, мора да го сочинуваат сложни членови, со иста мисија и со усогласени чекори и стратегија.

 

Неколку совети:

 

  • Никогаш не покажувајте различни воспитни ставови пред детето. Ставовите и за тоа кој е најдобар, утврдете ги во негово отсуство.

  • Бидете рамноправни. Поделете ги задолженијата за да ви биде полесно.

  • Бидете отворени во комуникацијата со детето. Создадете услови за детето да ви се доверува и на двајцата.

  • Носете ги заедно одлуките за важни прашања.

  • Поддржувајте се еден со друг во присуство на детето. На овој начин дејствувате одлучно и давате добар пример како мама и тато треба да се однесуваат.

  • Не запоставувајте го брачниот однос. Задоволството од брачниот однос во голема мера влијае на успешноста и во другите семејни релации.

  • Обидете се да се синхронизирате на ниво на сојуз, барања, пофалби и критики упатени кон однесувањето на детето.

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.