Татковството е комплексен феномен кој може да остави огромни последици врз емотивниот и интелектуалниот развој на детето. Градењето здрава врска помеѓу детето и таткото е од фундаментална важност за правилниот развој на детето.

До кога во втор план
Во првата, а во поголем дел и во втората година во својот психолошки и емоционален развој, детето првенствено е ориентирано кон мајката, додека времето на таткото доаѓа некаде со третата година. Ефектите од татко-дете односите се протегаат и во зрелата возраст. Децата кои имале позитивен однос со своите татковци, имаат поголеми изгледи да формираат здрави и интимни врски и ќе имаат помалку проблеми во нивното развивање. Најдобар начин за започнување со овој важен дел од развојот е да се внесат активности кои ќе го намалат времето кое детето го троши пред компјутер или пред телевизор, а значително ќе се зголеми времето поминато со вас.

Вербално истражување на емоциите
Разговарајте со детето што е можно повеќе. Пружете му можност за креативни активности кои вклучуваат зборови. Играјте театар, друштвени игри или едноставно раскажувајте му на детето интересни случки и настани од вашето детство. Не двоумете се да употребите и покомплицирани зборови за кои знаете дека детето не ги разбира. Опуштете се бидејќи децата поголем дел од знаењето го всисуваат од контекст, а доколку е потребно секогаш можете да им го објасните значењето на некој апсолутно нов поим.

Не попуштајте на изливите на бес
Доколку видно се вознемирите во ситуации кога детето има излив на бес и емоции поради тоа што не го добива сето она што ќе го побара, само долевате масло на огнот. Доколку постојано ги задоволувате неговите барања и ја купувате бараната чоколада поради тоа што целата продавница е на нозе, само дополнително ќе го охрабрите ова лошо однесување. Наместо ова, кога ќе тргне лавината од врескање, останете смирени и внимателни. Со тоа ќе му сигнализирате на детето дека не се притресувате многу околу целата турканица и дека на тој начин никогаш нема да победи во убедувањето. Оваа тактика можеби нема да помине од прва, но откако и по неколку обиди детето ќе сфати дека на тој начин не добива ништо, ќе ги увиди вредностите на таквиот пристап.

Поставете им предизвик
Некаде од четвртата година, децата влегуваат во натпревар со родителите. Тогаш започнува и неизбежната трка до автомобилот, кој е појак во борење или натпревар кој попрво ќе го испие сокот со сламка. На почеток бидете попустливи и дозволете детето да победи, а подоцна подигајте ги критериумите за да мора малку повќе да се потруди за да победи. Натпреварот со тато е одличен начин детето да развие чувство за сопствената снага и можност да ги тестира своите мускули на безбеден начин. Освен ова, ваквите вежби се добри и за детската самодоверба преку која децата стануваат свесни за своите способности.

Пофалете ја и охрабрете ја секоја активност на детето
Едни од најубавите подароци на кои децата ќе се сеќаваат во тек на целиот живот се ентузијазмот и љубовта кон работата. Ненаметливо, но на начин со кој ќе бидете сигурни дека детето ќе ве слушне, раскажете му на вашиот пријател или на вашата сопруга каква голема помош сте добиле од вашиот помошник при поправка на кујнскиот стол или при средувањето на собата. Ова е многу поефикасно отколку самата пофалба упатена кон детето. Во ова ќе се уверите доколку ја набљудувате неговата реакција и гордоста што неговата работа е ценета и споделена со другите.

Научете ги децата да си играат со вашиот алат и активно да учествуваат во поправките
Додека се мали, поведете ги децата со себе во истражувачка авантура во продавница за алат или продавница за општи работи за домаќинството. Пуштете ги да чепкаат и да набљудуваат додека ја поправате славината од чешмата или додека ја менувате сијалицата. Вклучете ги да размислуваат околу причините за дефектот. Можноста да се учествува во поправки на дефекти во домаќинството, за детето претставува вистинска магија. Денес, особено кога помалите уреди едноставно ги менуваме со нови, дозволете си заедно со вашето дете стручно да го испитате фенот што не грее. Не заборавајте дека на овој начин децата учат дека светот околу нив може да биде покорен на нивните вештини, фантазија и труд. И секако, сето ова под ваш надзор и со мерки на претпазливост.

Поставете реални очекувања
Како родител, можеби и не очекувате од вашето дете да биде „чудо од дете“ кое без проблем ќе се справува со логички задачи, ќе биде добар рецитатор или секојдневно ќе се занимава со спорт, но денешното oпштество често и ги наметнува овие стандарди. Поради ова, голем број од децата имаат проблем со фокусирање и се растргнати на голем број активности, притоа не посветувајќи се целосно на ниедна од нив. Затоа, секогаш бидете покрај нив како добар водич во спознавањето на нивните граници вклучително и на нивниот талент. Објаснете им дека вистинското мајсторство доаѓа со времето и со многу вежби. Како пример земето го вашиот омилен спортист или актер и објаснете им дека се на врвот само затоа што одбрале вештина во која биле навистина добри, а потоа ја усовршувале сè додека не станале мајстори во тоа. Преку практичен начин дозволете му на детето да ја спознае мудроста: „Одбери една вратa и многу ќе ти се отворат; пробај да влезеш на пет одеднаш и нема никаде да стигнеш“.
 
Учењето на играње фудбал и кошарка се важни за почеток, но воспитувањето на детето и неговата подготовка за животот бара подлабок и поактивен однос и вклученост на таткото.
 

Животот ни е преполн со цели, некои достижни и полесни, некои дури и недостижни и претешки. Колку е потешка целта, толку е потежок и патот, но на крајот и задоволството е поголемо. Велат дека родителството е најголемата привилегија на човекот, но во склад со логиката и една од најтешките. Тоа е како одење по жица. Еден погрешен чекор и штетата е голема.

Како да се биде добар родител и како да изградиме здраво и воспитано дете е прашање на секој родител. Постојат  многу фактори и услови за добар одговор, но можеби вистината се крие во предусловот дека за добро воспитано дете е неопходен добро воспитан родител. Никогаш не е предоцна за ништо.  Животот нè учи дека ништо не е невозможно и недостижно, но промените, сепак, започнете ги од себе.

Првата врата ја отвораме ние
Однесувањето на децата е директно зависно од нашето однесување кон нив, кон останатите членови од семејството и кон околината. Нашите грешки во иднина ќе бидат и нивни грешки. 
Како да се справиме и како да бидеме добар пример за добро однесување?
КОГА ВИКАМЕ - Викањето на децата не е од никаква корист, ниту за вас ниту за децата. Но сепак, ова е честа метода која ја применуваме кога „не ни е денот“. Децата, исто така, можат да влезат во „лоша фаза” особено во вакви зимски денови затворени дома, па својата енергија и креативност ја манифестираат на свој единствен начин со правење доста врева и неред низ домот. Но наместо да им пријдеме со љубов и внимание, децата добиваат едно хистерично „СМИРЕТЕ СЕ!“ Користа од ова е скоро никаква. Oсвен што подоцна можеби ќе имате грижа на совест, а децата само ќе го следат вашиот пример, па ќе прераснат во вистински галамџии. Најпрво проверете дали можеби детето е гладно, ненаспано, дали треба да се пресоблече или, пак, едноставно им е досадно и се желни за игра и за внимание.
Корисни тактики во вакви ситуации
Кога ќе започне детската бура, пристапете со гушкање, скокоткање или промена на локацијата (на децата брзо им станува здодевно на една локација и најчесто сакаат надвор). Промената на активности е докажано ефикасна (ако им е здодеано од нивната игра понудете им да ви помогнат во некоја ваша активност). На овој начин низ игра ќе успеете да завршите и некои од обврските во домот (чистење, подготовка на ручек и сл.)

КОГА КОРИСТИМЕ НЕСООДВЕТЕН И ВУЛГАРЕН РЕЧНИК - Сигурно безброј пати си имате ветено дека ќе се однесувате примерно и дека нема да користите вулгарности и псовки не само пред вашето дете, туку генерално. И така е сè до следното „вадење од такт“. Во таквиот афект, недоличните зборови и псовки сочно се вклопуваат во вашиот речник, а вашите деца сето тоа многу прецизно го меморираат и понатаму го користат во нивниот речник. Децата не знаат течно да го изговорат своето име, но затоа, по некое чудо, псовките и недоличните зборови ги говорат без тешкотија.

ФРЛАЊЕ ОТПАД - Мислејќи дека никој не нè набљудува, често се случува ситен отпад, гуми за џвакање, цигари и сл. да ги фрламе без пардон на јавни места, во паркови, со изговор дека нема соодветна корпа за отпад. Интересен и најчест е примерот со ослободување од отпад кога сме во автомобил. Ако ние ова го правиме пред очите на нашите деца, штетата е повеќе од дуплирана. Што по околината, што по однесувањето и прифаќањето на навиката и кај детето. Спротивно на ова, бидете грижливи кон околината и бидете пример за еколошка свесност. Придржете го ситниот отпад во вашите раце, џебови или чанти. Направете натпревар кој побрзо ќе стигне или ќе пронајде корпа во која ќе се ослободите од отпадот!

НА ЗАЕДНИЧКА ТРПЕЗА - Факт е дека сè поретко седнуваме на заеднички ручек или вечера, но и кога ќе се собереме сите заедно (вообичаено за викенд) речиси задолжително тука е неизбежниот ТВ-приемник вклучен во заднина. Ова, на некој начин, е сосема нормална појава. Но замислете деловен ручек со истиот ТВ-приемник во кој вие „ѕиркате”. Сигурно нема да си дозволите таков луксуз. Заедничкиот оброк е убав момент и можност да се посвети внимание на децата, а и да им се покаже почитување.  
Ретко кој го исклучува или не реагира на првото ѕвонење на мобилниот телефон за време на ручекот. Веднаш скокнуваме за да одговориме на повикот. Утре, кога вашите мали ќе станат тинејџери и кога ќе го направат истото тоа, ќе следи познатата реакција: „прво заврши со јадењето, никаде не гори!“ Токму така, времето на заедничка трпеза е еден убав ритуал кој вашите деца треба да го понесат во иднина во нивните домови. Затоа, исклучете ги телефоните и ТВ-приемникот. Пуштете релаксирачка музика и уживајте. Не заборавајте на магичниот збор „пријатно јадење“ и останете на масата сè додека сите не завршат со јадењето.
КОРИСТЕТЕ МАГИЧНИ ЗБОРОВИ - Заблагодарете му се на вашето дете секогаш кога ќе ви помогне во нешто. Дајте му нешто и кажете му „повели“. Направете нешто погрешно и извинете му се. Избегнувајте да давате само наредби: „дај ми ова, дај ми она“, без да замолите. Подоцна ќе се изненадите и ќе се чувствувате непријатно кога детето ќе ви одговори со ист тон или на ист начин и ќе се чувствувате засрамено ако тоа го прави на некој друг.
Не прекинувајте ги децата додека се обидуваат да ви кажат нешто. Имајте трпение да ги слушате дури и баналните работи.
Константното детско потпрашување може да биде заморно, но убаво е кога децата се љубопитни и кога сакаат нешто да научат. Повеќе ќе ви е драго тоа отколку да се незаитересирани за светот околу нив.
 
Грешките кои секојдневно ги правиме стануваат видливи во воспитувањето и однесувањето на нашите деца. Колку порано почнеме да ги исправуваме кај себе, толку повеќе ќе се поштедиме самите себеси од понатамошни главоболки предизвикани од лошото или неправилно воспитување.

Совет
Никогаш не обвинувајте ги децата за направените грешки, вината е наша зашто не сме се обиделе или не сме знаеле да ги научиме подобро.

Родителите секогаш мислат најдобро за своите дечиња и се трудат да им обезбедат квалитетна исхрана, но некогаш, навидум, малите грешки можат да создадат лоши навики кај нашите најмили.

 

1. Родителите контролираат што јаде детето

Родителите носат одлуки кои видови храна ќе се купат и ќе се складираат дома, на кој начин ќе бидат приготвени и кога и каде ќе се сервираат на децата. Купувајте здрава, разновидна, природна и свежа храна, гответе балансирани оброци и избегнувајте купување процесирана храна. Здравјето и навиките за хранење кај децата и кај целото семејство зависат од прехранбените правила што ќе ги постават родителите.

 

2. Заборавете на решението „изеди сè од чинијата“

Драги родители, не присилувајте ги вашите дечиња да јадат кога се сити и не инсистирајте на првилото „изеди сè од чинијата“ со кое многу деца пораснале. Навиката да престанат да јадат кога се сити и да не се прејадуваат е многу важна во однос на контролата на телесната тежина во текот на целиот животен век. Децата поседуваат вродени инстинкти, а задача на родителите е да ги сочуваат тие способности дадени од природата за правилно да ги препознаваат и слушаат потребите на своето тело.

 

3. Понудете им на децата можност за избор, но само со храната што вие ќе ја понудите

Понекогаш на децата треба да им дадете чувство за избор и слобода, но мудро, понудата од која децата треба да изберат треба да биде повторно под контрола на родителите, односно, понудете здрави опции. Дефинирајте го и почитувајте го времето за главните оброци и за ужина и во тие рамки понудете избор.

 

4. Почнете рано

Прифаќањето различни вкусови се развива уште додека децата се бебиња. Во соглсност со нивната возраст и соодветните препораки за исхраната, понудете им нови вкусови со здрави оброци, но не на сила, не инсистирајте, две-три лажици се доволни. Понудете им нов вкус постепено, во различни оброци и дајте им време да се навикнат. Прашајте ги повозрасните деца, со кои можете да комуницирате, да пробаат еден залак од храната која претходно не ја вкусиле.

 

5. Збогатувајте го менито за јадење кај децата

Децата се љубопитни и сакаат да пробуваат нови нешта особено кога јадете надвор од дома, во друг амбиент. Понудете им да пробаат храна од вашата порција, но не инсистирајте. Нарачајте го предјадењето кое ќе го јадат сите што се на масата и кое ќе биде можност за запознавање со новите вкусови.

 

6. И течностите се храна

Не заборавајте на хранливата вредност на течностите, како што се млекото и соковите (инсистирајте на природни сокови). Истовремено, не претерувајте со природни сокови поради содржината на шеќер, сепак треба да се создаде навика дека водата треба да биде основа за рехидратација.

 

7. Слатките јадења треба да стојат на свое место познато само на родителите

Повремено давање слатки продукти во ограничени количини е во ред, но никако не смеете да дозволите десертот да биде причина за јадење на оброкот. За да се избегнат ситуациите во кои децата ги наметнуваат своите желби за слатки продукти, подгответе точна количина која сакате детето да ја консумира. Пробајте да ги држите слатките продукти надвор од погледот и од дофатот на децата (доколку знаат каде се наоѓаат слатките, многу потешко ќе ја контролирате динамиката и количината на слатките продукти во нивната исхрана).

 

8. Храната не е замена за љубов

Секојдневно децата се справуваат со своите детски стресови и емоции кои не смее да се компензираат со слатко. Охрабрете ги децата со гушкање, внимание, убав збор и со пофалба.

 

9. Вие сте модел на поведението на вашето дете

Децата ги впиваат сите работи кои се случуваат околу нив и ги прифаќаат моделите на однесувањето и навиките на родителите кои им се во опкружувањето. Родителите се пример за своите дечиња, поради што се советува да ги изберете здравите опции во својата исхрана, да не ги прескокнувате оброците, колку што е повозможно јадете сите заедно на иста маса без вклучен телевизор и избегнувајте јадење грицки пред телевизор и компјутер. Изнесете ги децата на зелен пазар каде ќе се запознаат со разновидниот и шарен свет на овошје и зеленчук, кога готвите дајте им мали задачи со што и самите ќе сакаат да го пробаат зготвеното јадење во чија подготовка и самите учествувале.

 

Што значи залевање на фисури?

Забите во задната регија, односно премоларите и моларите, имаат релјефна џвакална површина. Во релјефот на забите, сочинет од фисури и длабоки јамички, неретко се задржува храна и бактерии, кои пак се причинители за настанување на кариес. За да ги заштитиме забите од кариес, овие јамички ги залеваме со пластични материјали нанесени во многу тенок слој. Тие материјали ги затвoраат сите дупчиња на забите и со тоа џвакалните површини стануваат помазни и со помалку ретенциски места во кои се собираат бактерии и остатоци од храна. Залевањето на фисурите на забите е превентивна мерка во борбата со кариес.

 
Каква е постапката на залевање на фисурите на забите?
Залевањето на фисурите на забите е безболен процес. Само оној заб, за кој при прегледот ќе констатираме дека е апсолутно здрав, може да подлежи на залевање. Најпрво, забот мораме убаво механички да го исчистиме, потоа го премачкуваме со течност која го размастува, односно хемиски го чисти, и на тој начин создава површина на која ќе може да се залепи тенкиот слој од пластичен материјал за залевање. Забот мора совршено да се исуши и потоа следи апликацијата на материјалот за залевање. Откако ќе се залеат сите јамички, забот се осветлува со светилка за полимеризирање која го стврднува материјалот. Постапката на залевање е временски релативно куса, но за да се направи добро залевање по кое во иднина нема да се појави кариес, треба исклучителна прецизност во работата, како и идеални услови за работа, односно апсолутно сува средина.
 
Дали е подобро забите да се залеани или да не се залеани?
Според анатомијата на забот и нивото на хигиена во устата на детето, можеме да донесеме вистинска одлука дали да ги залеваме фисурите на забите или тоа не е потребно. Доколку забите имаат изразита анатомија со длабоки и многубројни фисури и јамички, тогаш е добро тие да се залеани дури и во случај кога детето одржува добра хигиена. Плитки јамички и помалку релјефни џвакални површини со добра усна хигиена дозволуваат тие да не се залеваат. Кај пациенти со лоша усна хигиена, претпочитам залевање на фисурите, но во истата фаза и едукација на пациентите и поткревање на нивната свест за усното здравје и хигиена, бидејќи самото залевање не е доволно да ги заштити забите од кариес и да ги сочува здрави.
Како што веќе споменав, изработката на квалитетно залевање на забите изискува одредени услови. Доколку залевањето не е темелно сработено, постои ризик за настанување на кариес под самото залевање. Кога се дијагностицира, тој кариес неретко е во напредна форма бидејќи пациентите сметаат дека со тоа што ги залеале забите се заштитиле од нивно расипување.
                                                    
Кој период е најпогоден за залевање на забите?
Првите трајни молари, односно шестките, растат помеѓу шестата и седмата година од животот и овој период е најпогоден за залевање. По самото изникнување на забот имаме најмногу можности тој да е апсолутно здрав и со залевањето да успееме да го заштитиме од кариес. Еден од условите за успешно залевање е и тоа забот да биде комплетно израснат во усната шуплина, во спротивно ризикуваме да направиме неквалитетно залевање. За залевање е потребна апсолутно сува средина, но доколку дел од забот е сèуште под непце, сува средина е невозможна да се постигне. Седумките и премоларите (четворките и петките) се залеваат во периодот од единаесеттата до четиринаесеттата година од животот.
 
Дали доколку се залеат забите сме заштитени од кариес?
Залевањето е една од превентивните мерки во борбата со кариес, но со тоа што сме ги залеале забите не значи дека треба да заборавиме да ги миеме барем двапати во денот. Забите треба да ги миеме со соодветна четка и паста која содржи аминфлориди со приспособена концентрација во зависност од возраста на детето. Децата до шестата година од животот веќе треба да ја совладаат правилната техника на миење заби. И секако, треба да ги избегнуваме засладени пијалаци и кариогената храна, која се лепи на забите и долго се задржува во устата. Да консумираме многу свежо овошје и зеленчук и, секако, многу вода. Редовно да се оди на стоматолошки прегледи и барем еднаш годишно да се направи професионално флорирање на забите кај стоматолог.


Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.


 
Проблемите со видот се чести кај деца на училишна возраст. Доколку не се третираат, овие деца имаат тешкотии во учењето, во приспособувањето во училиштето, како и во спортско-рекреативните активности.

Најчести симптоми кои укажуваат дека детето има проблеми со видот се следниве

  • седење премногу блиску пред ТВ-екранот,
  • држење на книгата премногу блиску до очите,
  • поставување на главата многу блиску до книгата или до масата при читање или пишување,
  • често трепкање,
  • пречувствителност на очите на светлина и/или солзење на очите,
  • затворање на едното око додека детето гледа ТВ или чита,
  • избегнување активности кои бараат добар вид–читање, пишување домашни задачи, спортување,
  • детето се жали на главоболка, заматен вид, замор или болка во очите.
Доколку се забележи некој од овие симптоми, без одлагање треба да се направи комплетен офталмолошки преглед кој вклучува ширење зеници, преглед на очното дно и доколку е потребно одредување диоптрија.
Децата не треба да ги напрегаат очите без потреба. Подолготрајното гледање ТВ, играњето игри на компјутер или на мобилен телефон, може да биде штетно за очите, бидејќи  долго време се фокусирани во една точка, што доведува до напрегање и ризик од прогресија на кратковидоста кај децата.

Децата кои имаат семејна историја за постоење на висока миопија (кратковидост), хиперметропија (далековидост), астигматизам, страбизам (кривогледост) или нистагмус, треба да направат офталмолошки преглед што е можно порано. Наследни може да бидат и катарактата (очното перде), глаукомот (покачен очен притисок) и низа други очни заболувања. Многу е важно овие заболувања да бидат дијагностицирани што е можно порано. Ако не се почне со нивното навремено лекување, тие може да доведат до трајно редуцирање на видната острина и до слепило.

Оние деца кои веќе носат очила или контактни леќи, барем еднаш годишно треба да прават офталмолошки контроли, а по потреба и почесто. Почестите офталмолошки прегледи се важни, бидејќи со растот на детето доаѓа и до промени во диоптријата.

Видот е многу важен фактор за успехот на вашето дете во училиште!



прим. д-р сци. Емилија Ѓошевска - Даштевска,
офталмолог, Клиника за очни болести,Скопје


 

Не постои дете кое не се радува на топлите летни денови. Уште кога ќе се најдат покрај река, езеро или море на детската игра и нема крај. Од нив не може да се очекува самите да го ограничат останувањето на сонце, па таа должност секако им припаѓа на родителите, кои би требало да знаат дека детската кожа е осетлива на сончевите зраци.
Умереното изложување на сончевите зраци е едноставен и бесплатен начин да се добијат доволни количини од витаминот Д поради неговото позитивно влијание на целокупниот организам, посебно за коските, забите и секако – за превенција на рахитисот.
Ако детето умерено се изложува на сонце преку целата година, сигурно е дека неговото здравје во понатамошниот живот ќе биде добро и стабилно.
               
Мерки на претпазливост
Бебињата и малите деца значително се почувствителни на ултравиолетовото зрачење (црвенило, пликови, оштетувања на кожата, прерано стареење и сл.) бидејќи имаат поосетлива и потенка кожа во однос на возрасните.
Многу родители претпоставуваат дека на своите бебиња и деца им е добро на сонце, сè додека на кожата не се појави црвенило. За жал, грешат. Изгорениците од сонцето не можете да ги видите додека се формираат, но кога ќе ги видите,тогаш е веќе доцна. ЗОШТО? Затоа што дури 2-4 часа по изложеноста на сонце, кожата станува црвена, а премногу црвена дури 10-14 часа по изложеноста на сонце. Кај тешките изгореници се појавуваат пликови придруженисо локална болка, а во најтешките случаи–главоболка, мачнина и исцрпеност. Црвенилото,обично,почнува да се повлекува по 48-72 часа.
 
Заштитете ги бебињата
Сончевите зраци и топлото време кај бебињата може да предизвикаат низа проблеми кои,пред сè,се однесуваат на појава на исипување на кожата, намален апетит и раздразливост.
Кај бебињата под 6 месеци не се препорачува директно изложување на сонце, како и нанесување кремовисо заштитни фактори. Бебињата може да бидат на сонце од 7-10 часот претпладне и по 17 часот попладне. Главата секогаш треба да биде заштитена со капа со широка стреа. Капата треба да ги покрива најизложените делови,како што се усните, носот и ушите. Засилете го внесот на течности! Не го претоплувајте бебето. 
Кај бебињата од 6-12 месеци треба умерено и краткотрајно изложување на сонце. Секогаш користете лесна облека и капа со широка стреа.

Исхрана на бебињата во лето
Бебињата во летниот период треба да добиваат повеќе течности. Бебињата кои се дојат треба да се хранат почесто, а оние кои се хранат со адаптирано млеко треба почесто да им се нуди вода. Со покачувањето на температурата во текот на летото, важно е да внимавате и како постапувате со намирниците од кои ги подготвувате бебешките оброци. Бактериите ја сакаат топлата средина и затоа обрнете внимание како ги чувате и подготвувате намирниците. Тоа подразбира да се почитува температурата назначена на пакувањето, а подготвените оброци да се консумираат веднаш.

Водата е најважна
Во текот на летото обезбедете им на бебињата доволно количество вода. Во лето бебињата повеќе се потат и може брзо да дехидрираат. Затоа давајте им доволна количина вода, која не само што ќе ја намали затопленоста на телото, туку ќе ја спречи и констипацијата (запек).
Совет : на секој час понудете го вашето дете со вода.
 
Заштита на децата
Кај децата до 12 години советуваме постепено изложување на сонце со задолжително нанесување на крем со заштитен фактор и соодветна облека. Најмалку 30 минути пред излегување на сонце, нанесете заштитен крем на сите делови од телото на детето кои не се покриени со облека. Децата мачкајте ги на секои 2-3 часа или веднаш по излегување од вода, бидејќи добар дел од нанесената крема се отстранува.
Незаштитената детска кожа може да издржи на сонцебез последици само 5 минути.

Исхрана на децата во лето
На децата им се потребни значително повеќе течности во лето кога се и физички поактивни. Поради тоа,водата секогаш мора да им биде достапна. Доколку детето повеќе сака да пие сокови,гледајте да бидат природни и свежо подготвени. Избегнувајте премногу масна храна, а користете повеќе свеж зеленчук и овошје. Нема дете кое не сака сладолед, но,секако,водете сметка земањето сладолед да не биде замена за оброк. Слатките заменете ги со свежо сезонско овошје, овошни колачи и кремови од свежо овошје.

Одличен рецепт, задолжителнонаправете го!
Крем од шумско овошје и банана
Потребни состојки:
- 4 банани
- 300 г шумско овошје(може и смрзнато)
Измешајте ги бананите и шумското овошје вомиксер. Ставете го кремот во чаши за сладолед во фрижидер минимум 1 час. Уживајте во освежителниот природен вкус.

ВАЖНА ЗАБЕЛЕШКА
Спакувајте во куферот доста внимание, претпазливост и трпение, ама и добар апарат за фотографирање, за да ги овековечите среќните насмевки кои ќе ви ги подаруваат вашите дечиња. За тие емоции не постојат ниту правила, ниту контраиндикации.
 
Периодот на присуство на млечни заби во устата на детето е релативно долг, односно некаде до тринаесеттата година, и во моите излагања го поделив на неколку дела. Во овој текст ќе се задржам на периодот од третата до шестата година од животот.

Кои се карактеристиките на овој период?
Во овој период, млечното забало е комплетно израснато. По шестата година веќе започнуваат со растење трајните заби и тогаш зборуваме за мешана дентиција, односно забало. Овој период е исклучително важен бидејќи децата по третата година веќе доволно разбираат и се подготвени за соработка со стоматологот. Сите посети и прегледи во стоматолошката амбуланта кои претходно сте ги направиле, сега можат да вродат плод и да се изведат првите нужни интервенции. Кај дечињата кои имаат здрави заби, вообичаена прва интервенција е професионално флуорирање на забите со флуоридни лајнери. За разлика од нив, кај дечињата со кариозни заби и болка во устата, неопходно е таа да ја отстраниме. Откако сме ја добиле довербата на малиот пациент, полека пристапуваме кон санација на сè што е потребно.

Кој е најчестиот извор на болка?
До болка најчесто доаѓа кога кариесот кој го нападнал забот веќе се приближил до неговиот нерв. Млечните заби, за разлика од трајните, се многу покревки и имаат многу помалку тврда забна супстанција и прилично голем нерв со плетеж на крвни садови во средината на забот. Затоа, кариозната лезија кај млечните заби многу побргу напредува и се шири во правец на нервот. Воспалувањето на нервот се вика пулпитис. Во зависност од тоа каква е дијагнозата, односно воспалувањето на нервот, се одлучуваме и за терапија. Секако, приоритет е да ја отстраниме болката. Сметам дека лекувањето на млечните заби е од исклучителна важност, бидејќи само така можеме да ги сочуваме во усната шуплина сèдо нивното надоместување со траен заб.

Како се лекуваат млечните заби?
Лекувањето на млечните заби исто како и на трајните, зависи од дијагнозата која сме ја поставиле. Забите кои имаат некроза или гангрена на нервот, односно нивниот нерв е мртов, подлежат на таканаречен „long term“ третман. Тоа значи дека лекувањето е долготрајно. По отстранувањето на  некротичното/гангренозно ткиво од коренот на забот, каналите во кои нервот бил сместен се иригираат и механички се обработуваат, сèсо цел да се постигне чиста, дезинфицирана средина. Потоа, во забот се става лек кој ја лекува претходно настанатата инфекција. Ова лекување се повторува сèдодека има потреба и понекогаш може да трае и цела година во зависност од типот и големината на инфекцијата со која се бориме. За разлика од мртвите заби, живите заби кај кои кариесот стигнал до нервот подлежат на „short term“или краткотраентретман. Успехот во лекувањето на овие заби е поголем отколку кај претходните бидејќи тука се бориме со помала инфекција. Најпрво го девитализираме забот (го умртвуваме нервот) и потоа краткотрајно го лекуваме. За разлика од возрасните, кај децата, кога дијагнозата тоа го дозволува, имаме можност да го отстраниме само воспалениот дел од нервот-пулпотомија, бидејќи корените на забите се широко отворени и нудат можност за обновување на циркулацијата и инервацијата на забите. Млечните заби, за разлика од трајните, никогаш не се лекуваат дефинитивно со тврдо полнење, бидејќи коренчињата на млечните заби се топат со растењето на трајните заби, што не е случај со материјалот со кој тврдо ги полниме каналите. Затоа, млечните заби остануваат со меко полнење од калциум хидроксид под пломбата, сèдодека не бидат заменети со трајни заби.  

Што е со кариесот во овој период од животот?
Кај децата кои во овој период влегуваат со „bottle karies“,за што пишувавво минатиот број на Ваш аптекар, и кај кои е отстранет причинителот за овој тип кариес, можеме да забележиме негова стагнација. Затоа, оваа фаза е важна за санација на дефектите на забите настанати со рапидното распаѓање на глеѓта околу забните вратови. Децата се веќе свесни и за естетскиот момент на нивните кариозни (црни) заби и кога ќе ја видат разликата со поправениот заб одлично соработуваат. Санацијата на овој тип кариес е потполно возможна. Но доколку причинителот за овој тип кариес сèуште постои, односно детето консумира слатки и пијалаци преку шише, кариесот толку брзо напредува и завршува со топење на целата коронка на забот, што е речиси без исклучок проследено со воспаление на нервот на забот, и секако со болка. 
Мораме да земеме предвид дека децата до својата шеста година сèуште не се моторички подготвени  темелно и самостојно да ги измијат забите (без помош и надзор од родителот). Затоа, типичен кариес кој настанува во овој период е кариесот на млечните катници (четворките и петките). Тој настанува како последица на лепливата храна која ја консумираат децата и која долго се задржува во нивната уста и во јамичките на забите. Таа храна е вообичаено некаков јаглехидрат кој со своето распаѓање создава киселина, а таа ја топи глеѓта и забната супстанција под неа – дентинот.

Како се поправа кариесот кај млечните заби?
Доколку кариесот на забот го зафатил дентинот, тогаш започнуваме со класичното отстранување на целиот размекнат деминерализиран дел од забот. Настанатиот кавитет го реконструираме со гласиономерна пломба. Таа е одлична за деца бидејќи содржи флуориди кои од неа влегуваат во забот и со тоа го зајакнуваат. Овие пломби се изработуваат брзо, а тоа соодветствува со нивото на соработка на малиот пациент. Исто така, тие не бараат исклучиво сува средина при самата изработка, која кај децата во оваа фаза е речиси невозможна да се постигне.
Кариозните лезии кои се површни и не ја поминале границата на глеѓта, ги премачкуваме со флуоридни лајнери и ја следиме нивната реминерализација. Често таа е успешна и тогаш нема потреба од поправка на забот.

Доколку внимаваме на балансираната исхрана на нашите деца и на хигиената во нивната уста, тогаш нема потреба да се плашиме од кариес. Забите измијте ги најмалку двапати во денот, наутро и навечер, со паста која содржи приспособена количина на аминофлуориди. Редовно одете на контролни прегледи и професионално флуорирање на забите кај вашиот стоматолог.



Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.
  Периодот на млечни заби во устата всушност и не е така краток. Последниот млечен заб во устата останува некаде до дванаесетата односно тринаесетата година од животот и затоа сметам дека истите несмеат да се занемарат. Квалитетот на живот со расипани или прерано извадени млечни заби никако неможе да се спореди со оној на здравото млечно забало, почнувајки од добрите навики и добрите искуства со стоматологот, преку функцијата на џвакањето и  подготвувањето на храната за понатамошно варење во дигестивниот тракт, па се до чувањето на простор во вилицата за правилно никнење на трајните заби. Бидејќи на темата има многу да се зборува ќе ја поделам на неколку периоди и во овој текст ке се задржам на периодот од 0 до 3 години.
 
 Каков е редоследот на никнењето на млечните заби?
Првиот млечен заб во устата на бебето  најчесто се појавува помеѓу четвртиот и дванаесеттиот месец  од животот. Вообичаено тоа се првите долни секачи. По нив следуваат првите горни секачи,  потоа вторите горни секачи, па вторите долни секачи. По овој период следува некакво мало затишје, потоа околу осумнаесетиот месец се појавуваат првите молари (четворките), потоа песјаците и на крајот вторите молари (петките) . Овој редослед многупати не е запазен,но кај родителите нема простор за грижа се до третата година од животот на детето кога растот  на мечните заби треба да заврши и во нивната устата да ги има вкупно дваесет на број. Многу ретко се случувабебето да се роди со заби, тнр. натални заби.
 
Кога треба да започнеме со миење на забите?
За да имаме здрави заби и здравје во устата потребно е да започнеме со грижата за нив уште со никнувањето на првиот млечен заб. На почетокот секако нема потреба да користиме класична четка за заби и паста. Првите запчиња обично ги чистиме со газичка замотана на прст или со гумена четкичка која родителот како напрсток ја става на својот прст. На бебињата оваа хигиена им годи како игра и им помага во чешкањето на набрекнатите непца каде ќе пробиваат млечните заби. По првиот роденден веќе можеме да почнеме со четкање на забите со четка, која е детска со исклучиво мал активен дел, препорачливо без паста. Горните заби ги четкаме од горе надолу или како што врне дождот, долините заби па од долу нагоре или како што расте тревата. Паста можеме да воведеме во втората година од животот. Количината на забна паста на четка треба да биде колку ноктето од малото прсте на раката на вашето дете. Пастата да биде прилагодена за деца и задолшително да соджи флуориди.
 
Од што име се расипуваат запчињата на малите деца?
Она што им ги расипува односно топи запчињата на малите дечиња е  тнр. „Bottle“ кариес. Тој настанува како резултата на пиење млеко и засладени течности преку шише. Шеќерите и киселините од тие течности, кои долго се задржуваат во устата на детето, ја топат кревката глеѓ и на тој начин настанува циркуларен кариес околу забите. Во почетокот тој кариес изгледа како бела наслага околу запчињата која со четкање неможете да ја отстраните,  тоа е всушност деминерализација на глеѓта. Потоа кога кариесит се продлабочува и го зафаќа дентинот (внатрешната супстанција на забот) забите стануваат разјадени околу забните вратови. Со напредубањето на кариесот запчињата целосно се топат и одронуваат.
 
Како да ги заштитиме децата од овој кариес?
Бидејќи овој кариес е исклучиво инвазивен и брзо напредува им советувам на родителите да избегнуваат секакви засладени течности кои детето би ги конзумирало преку шише. Бебињата и малите дечиња кои користат шишенца се прилично приврзани за нив, и токму тука е проблемот. Слатките течности долго време се присутни во нивната уста, со што се намалува PH  нивото во неа и се создаваат идеални услови за топење на глеѓта и појавување на овој тип кариес. Односно препорачливо е на детето да му понудите вода по секој пијалак кој содржи шеќери или овошни киселини. Во критичните пијалаци го вбројувам и млекото, особено вечерното бидејќи тоа останува во устата преку целата ноќ и е можеби најодговорно за настанувањето на „Bottle“ кариесот. Преку ноќта излачувањето на плунката е намалено, а со тоа е намалена и функцијата на спонтано плакнење на устата, затоа најдобро е навечер дечињата да конзумираат исклучиво вода. По првата година препорачливо е да се усвои техниката на пиење од чаша, со што пијалакот ќе се исконзумира одеднаш, а потоа устата ќе се исплакне со вода.
 
Дали пиењето преку шише и користењето на цуцла лажалка предизвикува деформации на вилицата?
Студиите покажуваат дека за правилен развој на орофацијалната регија (долната третина од лицето), покрај генетскиот фактор, придонесува и доењето. Децата кои се доени, имаат значително помалку вилични деформации од децата кои добивале млеко преку шише. Разликата е во начинот на цицање. При доењето се активира многу поголема група на мускули и млекото од градата всушност не се цица туку се истиснува со помош на јазикот и движење на долната вилица, за што се троши околу шеесетпати повеќе енергија од цицањето на млеко преку шише. Зголемената активност на мускулите од оваа регија водат кон правилен раст и развој на истата.
Лошите навики како што се користење на цуцла лажалка, цицање на прст, дишење со отворена уста, вметнување на јазикот помегу забите при голтање, секако води кон деформитети на вилиците и долната третина од лицето. Затоа важно е доколку родителите забележат некоја од тие „лоши“ навики навреме да се консултираат со стоматолог и доколку има потреба понатаму децата да подлежат на ортодонтска терапија.
 За правилен развој на вилиците покрај доењето улога има и конзумирањето на друга храна по шестиот месец. Цврстата храна мора да биде во сооднос со развојниот степен на забите, за да може детето да ги користи за гризење и џвакање, што е всушност нивната главна функција.
 
Кога првпат да се направи стоматолошки преглед?
Првиот стоматолошки преглед можете да го направите со никнувањето на првите запчиња односно по првиот роденден. Детето тогаш се запознава со докторот и ординацијата. Родителите добиваат корисни совети околу начинот на кој треба да се грижат за забите на нивните малечки и совети за правилна исхрана. Контролен преглед е пожелно да се прави на шест месеци. Така докторот може редовно да го следи вашето дете и доколку има потреба за било каква интервенција, таа речиси секогаш е кратка и безболна. Со тоа создавате добар пациент кој нема страв од одење на стоматолог и има добри навики за усното здравје.




Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.



 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.