Сподели со пријателите

Кога успехот е сигурен? Кога на патот до него има безброј пречки, еве зошто...

Тркачите, оние што рушат рекорди, имаат поголемо срце од обичните луѓе. Елитните пијанисти можат да ги мрдаат прстите во незамисливи правци. Бразил постојано ги продуцира најдобрите фудбалери во светот. Глувците изложени на контролирана доза стрес, имаат зголемени мозочни ќелии. Причината? Неудобност! Тркачите и пијанистите тренираат до точка на исцрпување, додека бразилските деца играат со побрза, потешка и поцврста топка за разлика од меката кожена варијанта со која тренира остатокот од светот. Лекцијата? Ставајте се себеси во неудобна положба почесто, бидејќи телото и умот ќе ве наградат така што ќе ве направат посилни и поспремни да се соочите со стресот. Бројни се студиите кои многупати покажале дека природата на човекот не е кревка, напротив, таа е цврста. Човекот цвета кога е под притисок, човекот е инвентивен пред лицето на неуспехот, човекот станува визионер штом налета на пречка – само уште да имате храброст да стапнете во неудобната зона. Па, седите ли неудобно, драги мои?
 
ОГРАНИЧУВАЊАТА ЈА ХРАНАТ КРЕАТИВНОСТА
Неудобноста:Што имаат заедничко режисерот Стивен Спилберг, импресионистите и светски познатиот архитект Френк Гери?Потпирајќи се на минимум ресурси, тие создале ремек-дела. „Импресија, изгрејсонце“ на Клод Моне, никогаш немала да стане ремек-дело доколку тој не се ограничил да слика само со неколку бои и потези со четката. Филмот „Ајкула“ на Спилберг ги постави границите на модерната кинематографија, иако режисерот морал да импровизира за да го долови нападот на ајкулата (со помош на звучни ефекти), бидејќи неговата механичка ајкула се скршила во текот на снимањето. Френк Гери, пак, единствено не можел да дизајнира згради на бел лист хартија и слобода во изразот. Недостигот на ресурси носи неудобност. Но, честопати токму тоа е потребно за да изведете оригинални дела. 
Доказ:Студијата на„Универзитетот на Амстердам“тестирала како ограничувањата влијаат на луѓето когнитивно. Истражувачите ги замолиле испитаниците да слушаат серии на зборови и бројки додека изведуваат комплицирани задачи. Резултатите? Ограничувањата го смениле начинот на кој размислуваат студентите. Нивниот дијапазон на размислување, од локален, преминал во глобален. Наместо кратковидно, тие почнале да ја гледаат поголемата слика. 
Задача:Намерно поставувајте си ограничувања. Скратете го времето кое вообичаено го трошите за одредена задача, намалете го бројот на луѓето кои ги викате напомош или ограничете ги ресурсите, сведете ги на еден до два. Колку и да е непријатно, можеби токму тука се крие одговорот на брилијантната идеја што тлее во вас.
 
НЕУСПЕХОТ ПРИВЛЕКУВА ИНВЕНТИВНОСТ
Неудобноста:Повеќето од нас се израснати со идејата дека неуспехот е нешто што треба да го избегнуваат по секоја цена. Резултатот од ваквото уверување е култура со вкоренет страв од неуспех. Но, стравот од неуспех е најголемата стапица за успехот, бидејќи плашејќи се да не потфрлите, вие не напредувате. 
Доказ:Компанијата за производство на автомобили, „Тојота“, успешно функционира водејќи се според неуспехот. Кога вработениот ќе забележи каков било недостаток, тој сигнализира и производството на лентата запира. Доколку проблемот не може да се реши за една минута, тогаш севкупното производство сопира сѐ додека не се реши проблемот. Ваквата константна проценка и за најмалите недостатоци е доказ дека ситните, но клучни, унапредувања го трасираат патот до совршенството.
Задача:Постојат два типа неуспех. Неуспех кој потекнува од мрзеливост и недоволно грижа, тој е оној лошиот тип; и неуспех кој доаѓа од ризикување во име на инвентивноста, тоа е оној што треба да се охрабрува. Со други зборови, во секундата кога нешто ќе тргне наопаку, застанете и анализирајте. Одново и одново запрашувајте се: зошто ова се случи? Што можеше да биде направено поинаку? Што треба да се преземе за да не се повтори? Тргнете ја вината од неуспехот, за да почнете на него да гледате како шанса да стигнете до заклучок на кој никој не се сетил.
 
КРИТИКАТА НОСИ ПОБЕДА
Неудобноста:Никој не милува да слуша што погрешил. Никој не сака да биде ставен во позиција некому да му ги посочува грешките. Ваквиот страв е стар колку и самото човештво, станува збор за длабок инстинкт кој нѐ штити од одвојување од групата. Но, фидбекот од вистинскиот извор е најбрзиот начин да го отклучите вистинскиот потенцијал што го носите.
Доказ:Концептот на суперелитни атлети, со години, eтема на истражување на универзитетот „Бангор“ од Велика Британија.Нивните откритија? Атлетите со најдобри резултати, се оние кои не добиваат само технички фидбек, но и емотивна поддршка од нивните тренери. Со други зборови, нивните тренери се однесуваат како да се некој вид на сурогат родители – мотивирајќи ги, охрабрувајќи ги и давајќи им критички осврт за секој нивни натпревар. На пример, денес, елитните тенисери покажуваат многу подобри резултати во однос на нивните колеги од пред 50 години. Зошто? Бидејќи на сцена настапија елитните тренери – индивидуалци чија работа е да нудат постојан фидбек и поддршка на тенисерот. 
Задача:Побарајте си грижлив тренер – некој кој ве познава и ве разбира доволно за да знае што вистински можете, а што не (да го советувате интровертот да биде гласен, едноставно нема да успее). Резервирајте си време за редовни фидбек-сесии, не подолги од 30 минути. Побарајте искрена критика за 3 клучни работи и бидете конкретни. 
 
ТРАУМАТА РАЃА ПОБЕДНИЦИ
Неудобноста:Порано или подоцна, секој од нас ќе се соочи со реална и неизбежна неудобност. Можеби ќе стане збор за разделба, загуба на близок, отказ што не го предвидовте. Ваквите искуства се трауматски и, на почеток, ќе верувате дека никогаш нема да ги преболите. Сигурно веќе сте чуле за пострауматски стрес, но дали сте сте чуле за пострауматски напредок?
Доказ:Џејмс Пенебакер, социјалниот психолог и академик од „Универзитетот на Тексас“,  ја истражувал траумата речиси цела своја кариера. Неговите откритија? Оние кои водат дневник за тоа како се чувствуваат по траума, ги намалуваат докторските посети, ја намалуваат анксиозноста и го подобруваат имунитетот. Всушност, студиите покажале дека речиси две третини од луѓето кои доживеале траума, доживеале и пострауматски напредок како бенефит од претрпениот стрес.
Задача:Дневникот проверено е најдобриот начин за да ги пребродите стравовите. Чекор по чекор анализирајте што тргна наопаку. Колку повеќе ја анализирате ситуацијата, толку повеќе ќе созревате, ќе ја прифаќате и ќе научите како да се носите со неа. Стартувајте со прашањето: „Како се случи сѐ?“ Потоа, нека следи:„Зошто се случи тоа?“ На крај, завршете со: „Што можам јас да сторам за да не се повтори?“

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.