Сподели со пријателите

Добрите одлуки се носат без телефон

Кратките паузи од технологиите значат наплив на енергија за мозокот, максимално искористување на часовите во денот и полесно носење издржани одлуки.
 
 
Кој би помислил дека технологиите ќе поттикнат зависност во целиот свет?! До неодамна, зависностите ги врзувавме со мала група луѓе, но паметните телефони ги поматија умовите на сите генерации. 
Во просек, човекот поминува цели 11 часа цементиран пред синиот екран. Што значи, во име на апликациите сме спремни да работиме и прекувремено, без разлика што чувствуваме пецкање во очите, а вратот ни се вкочанил. 
Но, она што сериозно треба да нѐ подзамисли се психичките последици кои се случуваат при прекумерно користење на социјалните медиуми. Контрадикторно, но тие најмногу поттикнуваат осаменост. Чепкајќи во туѓите животи, честопати забораваме дека имаме свој, дека околу нас има вистински луѓе кои едвај чекаат да бидат сослушани. 
И да, признаваме, многупати сме зборувале на темава, но ајде да ја стартуваме годинава со реални промени. Тие ќе ни донесат поквалитетен живот заснован на издржани одлуки. Зошто го велиме ова? 
Последните истражувања потврдија дека колку и да се свесни луѓето дека она што им се сервира на социјалните медиуми е целосно филтрирано и нереално, тоа не го менува фактот дека ваквата преувеличена содржина нѐ поттикнува на погрешни активности. 
На пример, и покрај тоа што не можете да си дозволите уште едно задолжување во банка, сепак одите до крај со цел да појдете (и да се сликате) онаму каде што сите веќе беа (и се сликаа). Еве уште еден пример: лекарите ги советуваат родилките, оние со царски рез, да не практикуваат физички активности минимум 6 месеци. Но, многу од нив го игнорираат тој факт и се изложуваат на ризик, бидејќи мајките на Инстаграмсе фит по 5 дена од напуштањето на болницата. 

Заклучок: Паметните гаџети креираат плитки умови, но само ако им дозволите. 
 

ПАУЗИРАЈТЕ ГИ И НА РАБОТА
Без мејлови и компјутер е невозможно да се функционира на работа. Но, ако се потпирате на нив без престан, голема е веројатноста да станете непродуктивни и расеани. Плус, не очекувајте дека ќе се случи некое продлабочување на односите со колегите, иако, токму тоа е клучно за да напредувате во фирмата. 
Кога го анализирате сработеното, или разменувате идеи со колегите, или барате решение за одреден проблем, создадете навика тоа да го правите лице в лице. Можеби ќе ви треба време да ги убедите колегите да станат од удобните фотелји, но обидете се, не губите ништо. Напротив, и кратката прошетка до соседното биро ќе го рестартира мозокот. Токму во тој момент ќе ви светне решението или ќе смислите некоја нова идеја, вели Џејми Крен, професор по психологија и едукација во Колеџот за наставници на Универзитетот „Колумбија“.
Ако и покрај сите обиди, не успеете да ги соберете колегите на куп, кренете слушалка и јавете им се. Можноста да си ги чуете гласовите е сосем доволна за да креирате емотивна врска и генерално да ги зајакнете односите.
Од друга страна, нотификациите (оној дека ви стигна мејл, па оние на телефонот) несомнено ве дефокусираат од работните задачи, а ваквото жонглирање влијае на продуктивноста, тврдиНенси Колиер,автор на „Моќта на исклучувањето“ (The Power of Off). Кога треба да се фокусирате на нешто големо, користете ја опцијата „silent“или „log out“. 
 
ПАУЗИРАЈТЕ ГИ И ВО ПРИВАТНИОТ ЖИВОТ
Фотографирањето и објавувањето на секое искуство ќе ве спречи вистински, со сите сетила, да уживате во истото тоа. Од друга страна, постојаното следење на бројот на кренати палци нагоре (допаѓања или „лајкови“) ќе ви ја исцрпи енергијата за интеракциите во живо. 
И научниците потврдија, луѓето кои ги документираат и ги споделуваат своите искуства на социјалните медиуми, создаваат бледи спомени – како сѐ да беше сон. Во ред е да ги цементирате моментите со помош на камерата, но веднаш потоа вратете го телефонот в џеб. Потоа, нурнете во мирисите, звуците, боите, сензациите на моментите, бидејќи токму тие детали му помагаат на мозокот да складира неуништлива меморија. Не залажувајте се дека е обратно, фотографијата никогаш нема да биде помоќна од вашиот мозок. 
„Станавме нација која не го дослушува соговорникот, бидејќи постојано сме зафатени со забавата што ни ја нуди телефонот или постојано сме дефокусирани од него“, вели Колиер.Навидум слушаме, но мозокот не ни е присутен – идеална почва за носење погрешни одлуки и давање погрешни совети. Следниот пат кога ќе поставите прашање, потрудете се да го чуете одговорот ДО КРАЈ. Слушањето ги продлабочува односите, води до значаен дијалог од кој ќе произлезе издржан совет и оправдана одлука.
Толку сме условени да бараме уште и уште – „лајкови“, објави, забава – што почнуваме да се уверуваме себеси дека тие работи ни се неопходни за да бидеме среќни, тврди Колиер.Но, што е со врската со самите себе, кога последен пат излеговте да се дружите со себе? Земете кафе за носење и појдете на прошетка, САМИ. Несомнено ќе се чувствувате поисполнето (тоа ќе ја сопре бескрајната потреба за уште) и ќе имате простор да погледнете во себе, да размислите, да ги анализирате нештата што ве мачат и во мир да направите план за идното делување. Не мора цел свет да знае низ што поминувате, без разлика дали е тоа среќа или тага, многумина превртуваат со очи на ваквите објави. Затоа, зборувајте со себе, личниот суд е најсуров, но реален и продуктивен. 
 

ИТ-детоксикација 
Паметните телефони не се паметни сами по себе, затоа користете ги во своја полза. Овие три бесплатни апликации ќе ви помогнат да ја контролирате нивната употреба.
 
Moment“
Поставете лимит – на колку повици ќе одговорите во денот. Ќе добиете опомена кога ќе ја преминете или пред да ја преминете границата.
Space“
Заклучете кој тип на личност сте, на пример, „Boredom Battler“ (го користите телефонот за да пополните време кога ви е досадно) за да добиете прецизен план со кој ќе го скратите времето пред екран.
FlipD“
 
Апликацијата нуди опција да го заклучите телефонот, но од себе. Плус, поставете цел да се исклучите од сите гаџети истовремено во време кога вам ви одговара.
 
 
 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.