Чисти домови, чисти канцеларии, чисти улици, чисти раце, ни остана ли уште нешто за чистење? Секако, сето ова одново и одново и одново... Ваквата пракса мора да ни стане навика, како да се работи за миење заби. И додека едни чистат со готови средства за дезинфекција, има и такви кои се потпираат на традиционалните алтернативи како оцет и ракија. Дали вториве грешат?
Постојат некои ефикасни, природни алтернативи кои можат да послужат доколку залихите се потрошени, но во едно бидете сигурни, само готовите средства 100% ќе ги убијат бактериите.
Во случај да не успеете да најдете какво било специјализирано средство, тогаш одете на варијантите кои содржат активни состојки како хидроген пероксид и етил алкохол (етанол). Тие се најмалку токсични во однос на другите активни состојки. Па како тогаш се ефикасни? Етанолот ги оштетува клеточните мембрани и протеините. Оксидативните агенти, како хидроген пероксид, ги уништуваат мембраните и липидите. Во превод: Тие се доволно силни за да ги уништат бацилите.

Не секој алкохол има моќ да дезинфицира!
Ракијата не е доволно концентрирана за да ги убие бактериите, но други типови на алкохол (како етил алкохол, изопропил, етанол) имаат моќ да дезинфицираат при концентрација од 70%. Ако го растворите со вода – две третини алкохол и една третина вода – ќе добиете комплетно и ефикасно средство за дезинфекција. Но, ова сѐ уште не е идеално решение за чистење на големите површини во домот, бидејќи високата концентрација на алкохол значи и екстремно брзо испарување. Алкохолот е добар за пребришување ситни предмети како мобилен, далечинско, кваки. 
 
Што е со оцетот и лимоновиот сок?
Иако имаат антибактерски својства, сепак не се признати дезинфектанти. Нивните компоненти, oцетната и лимонската киселина, се користат како активни состојки во готовите средства. Но, разликата е во концентрацијата и pH вредноста – никој не цеди свежи лимони во производството. Зошто киселините се ефикасни? Дезинфектантите на база на киселина ја менуваат pH средината на микроорганизимите, ги кршат врските на нуклеинските киселини и влијаат на протеините. 

Пареата е природен ефикасен дезинфектант!
Всушност и болниците ја користат за дезинфекција и стерилизација. Пареата ги уништува микроорганизмите, ензимите и протеините. Не пеглајте по потреба, задолжително пеглајте на пареа ако ги сушите алиштата надвор. Не мијте на рака ако имате машина за садови!
 

Соодветна употреба за 100% ефикасност
Можете да се наоружате со сите моќни состојки, но залудно ако не ги користите според упатството. Генерално, тврдите површини треба да бидат исчистени со регуларно средство и вода пред да нанесете дезинфектант. Обрнете внимание колку треба да отстои средството, на потребната количина и дали треба да се плакне или не. Никако не користете ги средствата во комбинација, бидејќи се изложувате на опасни и отровни гасови. 
 
 
 
Дишете од моментот кога отворивте очи на овој свет и тоа за вас не претставува некоја специјалност?! Кога би можеле да дишете во вода...е тоа е веќе нешто, нели? Истово не го мислат луѓето кои сфатиле колкава смирувачка моќ може да имаат само три длабоки воздишки. Останатите, дишеме на автопилот несвесни за дополнителните придобивки што можеме да ги уживаме преку нашата вродена особина. 

Што вели теоријата? Дека постои силна конекција помеѓу нервниот систем и постојаното вдишување и издишување. При активирање на симпатичкиот нервен систем (одговорен за реакциите при вонредни и стресни ситуации), срцето започнува да работи забразно и доаѓа до покачување на крвниот притисок. Мозокот и скелетните мускули се полнат со крв, а телото е преплавено со адреналин и кортизол. Во овој момент, дишењето со полн капацитет од дијафрагмата ќе го стимулира парасимпатичкиот нервен систем, кој ќе го забави чукањето на срцето, ќе го симне крвниот притисок и ќе го пренасочи протокот на крв кон дигестивниот и репродуктивниот систем. Ова значи дека правилното дишење може да го прекине циклусот на адреналин и кортизол – одговорни за хроничниот стрес и главни предвесници на паничните напади. 

И така дојдовме до концептот на свесно дишење кој не подразбира ништо повеќе од тоа да обрнете внимание како дишете. Со оваа задача не треба да се оптоварувате во текот на целиот ден, доволни се само 10тина минути кои ќе ви го сменат животот. Зошто би го правеле ова?
Речиси сите ние сме заглавени во една хипер-штрек состојба која ни го наметна модерниот начин на живот, а по природа не сме дизајнирани да живееме така. Ако на ова ја додадеме и моменталната состојба со коронавирусот, не е зачудувачки што постојано нѐ води симпатичкиот нервен систем па нашето тело се однесува како да е под закана. Освен телото и  дишењето е во грч, па со сигурност се потпираме само на една третина од нашиот респираторен систем. 

Што треба да сториме околу ова? Едноставно е, да дишеме како кога бевме бебиња со полн капацитет од дијафрагма. Како старееме престануваме да дишеме длабоко и вдишуваме само во градите или абдоменот или потсвесно го задржуваме воздухот неколку секунди наместо да го ослободиме. 


Абдоменална техника на дишење 
Седнете во удобна положба со исправен грб и смирете се. Вдишете преку уста и пробајте да го наполните стомакот со воздух. Ставете ја раката на стомак за да бидете сигурни дека воздухот ќе стаса во него. Раката треба да се помести нагоре кога вдишувате и надоле кога издишувате. Издишете го воздухот за пократко време од вдишувањето. Кај медитацијата и јогата е обратно, издишувањето трае двојно подолго од вдишувањето. 

Да научите да дишете како што природата ве создала, сигурно нема да ви донесе штета, а промените можат да ви го сменат животот. Дишењето го поврзува телото со умот и токму затоа е решение за сите проблеми како депресија, анксизност, несоници. Преку него ќе се ослободите од емоциите без да бидете свесни за тоа. Плус, ветува општо подобрување на физичката состојба како зголемено енергетско ниво, зајакнување на имунитетот, подобра дигестија и ослободување на тензијата во мускулите. Запомнете, само 10 мин во денот!

Диши за сон 
Будни сте до 2 наутро? Вдишувајте преку нос 4 секунди, задржете го воздухот 7 секунди, а потоа издишете преку уста 8 секунди. Вака ќе го забавите срцето и ќе го активирате парасимпатичкиот нервен систем за максимум ефект. 
Збогум суви дланки
Редовното миење раце (заедно со седењето дома) е најефективна превенција од коронавирус! Точната препорака гласи: Рацете треба да се мијат темелно, најмалку 20тина секунди со цел да се спречи ширењето на бактериите.
Но, редовното миење и дезинфицирање на рацете на многумина им донесе сува и испукана кожа. Колку и да е благ сапунот, самата редовна пракса го загрозува бариерниот интегритет на кожата, бидејќи покрај бактериите, се измиваат и нејзините природни масла. 
Хидратацијата на дланките не е неопходна само од естетски аспект, кожата станува помалку ефикасна бариера против инфекции доколку е оштетена.

Мијте ги рацете со млака вода, бидејќи и со ладна и со жешка ризикувате да ги пресушите.
 

Подалеку од тврд сапун
Тврдиот сапун заменете го со хидратантен антибактериски течен сапун, особено ако страдате од егзема или дерматит. На овој начин истовремено ќе ги уништите бактериите и ќе се погрижите кожата да остане мека и мазна. Подеднакво добра алтернатива се и сапуните кои содржат состојки како шеа путер, алое вера, глицерин и ланолин. Ако течниот сапун не ви дава ефект на чисто, тогаш барем купувајте кремасти тврди сапуни. 

Загрејте малку маслиново масло, не директно на оган, туку во сад што ќе го ставите во жешка вода. Со млакото масло масирајте ги дланките. 

Кремот за раце е задолжителен 
Создадете пракса после после миење или гел за дезинфекција, да нанесувате крем за раце и тоа во подебел слој. Лосионите не се опција поради големото количество вода во составот, а бидејќи водата делува како магнет и ја привлекува онаа вода која се наоѓа во длабоките слоеви на кожата, логично е дека лосионот нема да делува како блокатор. Значи при користење лосион, водата лесно бега на површината на кожата од каде што испарува предизвикувајќи дополнителна сувост. 

Носете ракавици од 2 до 3 часа
Ракавиците се особено пожелни кога го чистите домот, бидејќи така ќе ја поштедите кожата од агресивните хемикалии присутни во средствата за чистење. Но, имајте на ум дека предолгото носење гумени ракавици несомнено ќе ја влоши состојбата со кожата. Оневозможена да дише, кожата ќе се поти, а потта ќе ја потенцира иритацијата. 

Темелно сушете ги рацете
Несоодветното бришење на рацете го забрзува сушењето на кожата, бидејќи при процесот на испарување на водата се одземаат и природните масла. Темелното сушење е клучно и за да се спречи трансферот на бактерии и вируси, бидејќи мокрите дланки го зголемуваат таквиот ризик. Најбезбедни за бришење се хартиените шамичиња за една употреба. Дома можете да се потпрете на памучните пешкири кои ќе ги менувате на 3 дена и ќе ги користите исклучиво вие. 
 

Меки дланки преку ноќ
Пред да си легнете, нанесете подебел слој вазелин и замотајте ги дланките со најлонска фолија, а потоа облечете волнени ракавици. 


Природна маска 
Промешајте малку овес со топло млеко и додајте маслиново масло, распоредете ја смесата на дланките, облечете гумени ракавици и дозволете им на состојките да делуваат 20 мин. 
 
 
 
За 60 минути, човекот во просек се допира за лице 23 пати

Некои помалку, некои повеќе, но сите го допираме лицето колку и да веруваме дека не е така. Студиите велат дека луѓето го допираат лицето 23 пати во рок од еден час – ова е голем проблем со оглед на пандемијата од Ковид-19.

Очите, носот и устата се главните порти за влез на кој било вирус, вклучувајќи го и Ковид-19. Од овие причини, здравствените авторитети советуваат да се воздржуваме од допири. И сега, како за инает ве чешаат очите или носот. На што се должи ова?
Некои допири се рефлексни, како кога ќе нѐ почеша или ќе нѐ здоболи нешто па сакаме да го допреме местото, бидејќи така ја намалуваме непријатната сензација. Трудете се да го контролирате овој инстинктивен одговор и наместо со прсти, почешајте се со рамото.
Допирањето на лицето за некои е навика слична како грицкање нокти, за некои тоа е начин преку кој ги контролираат емоциите како срам или страв, а има и такви кои се обидуваат да пратат невербална порака. Без глед на мотивот, треба да престанете веднаш!

 
Стоп совети

>       Наместо „не допирај го лицето,“ обидете се со фразата „ќе внимавам да не се допирам.“ Ако погрешите, тоа нека биде причина да ги измиете рацете и да почнете одново.

>      Окупирајте ги рацете на пример, вежбајте со топче или седнете врз дланките кога желбата ви е особено нагласена.

>       Соберете ја косата за да не биде изговор дека бевте принудени да се допрете. Носете очила за сонце за полесно да им одолеете на очите.

 
 
 
Месецов, мантрата за здрава и блескава кожа гласи:
Комбинирајте СПФ со антиоксиданси!

Ако ја научивте лекцијата дека СПФ 50 е задолжителен, дури и во зима, тогаш време е да скокнете на ниво плус кое подразбира подлабинска заштита на кожата од сонце. За вистински да ја заштитите кожата, а со тоа и да ја продолжите нејзината младост, обрнете внимание на два клучни фактори: УВ зраци и продукцијата на слободни радикали кои го уништуваат колагенот и еластичноста на кожата. И тука на сцена настапуваат антиоксидансите. 
1 чекор
Одберете го борецот
Постојат низа моќни антиоксиданси како витамин Е, зелен чај, ресвератрол присутен во грозјето. Но, дерматолозите се едногласни дека витаминот Ц котира на врвот на листата како докажано најефикасен антиоксиданс. Она што го издвојува витаминот Ц во однос на другите антиоксиданси, покрај капацитетот да се бори со слободните радикали, е неговата моќ да ја поттикнува продукцијата на природен колаген и да го редуцира настанувањето на темни сончеви дамки по кожата. 
Совет плус: Избегнувајте ги серумите кои комбинираат витамин Ц и СПФ фактор, бидејќи најчесто ваквиот состав не подразбира високо концентрирани антиоксиданси. Витаминскиот серум нека биде првиот чекор во режимот за нега на кожата, што значи со него стартувајте го утрото. 
 
2 чекор
Одберете го штитот
Ова е едноставно, сѐ што во треба е СПФ фактор! Стартувајте со фактор 30, но на плажа задолжително понесете 50. При изборот, не робувајте на брендот и цената, најважно е производот да обезбедува тројна заштита од УВА, УВБ и инфрацрвени зраци. 

Одличен кадар за фотка или момент за преродување? Одлучете сами!

 

Кога бевме деца, родителите нѐ караа да не го чепкаме носот, заради бактерии, болести, а во очај знаеа да кажат и „да не ти стане како бабура“. Кога ни се појавија првите знаци на стареење, пријателите нѐ опоменуваа да не претеруваме со фацијалните експресии, бидејќи ќе ги потенцираме брчките. Да, сите овие фази се нормални, некој ги доживеал, некој доправа ќе ги доживее. Но, има една фацијална експресија за која психолозите велат дека е пожелно да ја практикуваме, а која за жал, голема е веројатноста новите генерации да ја избришат благодарение на паметните телефони. 
 

Лице кренато нагоре, очи широко отворени и усни што формираат совршено „О“ – токму за оваа фацијална експресија зборуваме. Ваков израз направивте кога за првпат видовте тиркизно море, се качивте на врв планина, а од таму видовте зајдисонце кое ви го одзема здивот, летавте меѓу мали бели облаци додека сонцето ве галеше преку стаклото. Измешани се емоциите што ја следат оваа експресија, луѓето истовремено чувствуваат восхит, радост, возбуда, па дури и доза страв. Токму затоа и не постои еден конкретен термин за да се опише оваа појава, но едно е сигурно, таа кај луѓето поттикнува креативност, продуктивност и општо подобрување на менталното здравје. 

Неодамнешните истражувања покажуваат дека експресијата може да ги редуцира симптомите на анксиозност и депресија, па дури и на воспаленија како настинки. Децата имаат природен инстинкт да ја доживуваат оваа сензација дури и на дневна база, бидејќи го откриваат светот, додека за возрасните претставува предизвик. Не сте завршиле работа со тоа што ќе отпатувате на некоја егзотична локација или ако со сила ја изведувате експресијата, неопходно е навистина да се соживеете со моментот и природата што ве опкружува. Но, ако го извадите телефонот пред таа волшебна глетка, тогаш сметајте дека сте расипале сѐ! 
 

Психолошките симптоми за оваа несекојдневна сензација се јасни, нешто слично како љубовта, ја препознавате штом ја почувствувате затоа што ја чувствувате. Биолошките симптоми пак, започнуваат во автономниот нервен систем, обиколката продолжува кај симпатичниот и парасимпатичниот нервен систем, па доаѓа до регулација на срцевиот ритам и крвниот притисок, за на крај да ги оконча и стрес-реакциите. Кога се активира симпатичниот нервен систем, срцето почнува забрзано да чука, а кортизолот (стрес-хормон) е на највисоко ниво; кога на сцена настапува парасимпатичниот нервен систем, телото, вклучувајќи го и срцето, влегуваат во зен фаза. Ова всушност е потврда колку е интересна целата оваа сензација, активирајќи ги двата нервни системи истовремено, таа всушност предизвикува интензивно чувство на задоволство, а некаде помеѓу и длабоко чувство на возбуда. Интригантно, но уште едно искуство кое има моќ да ги активира двата нервни системи, е сексуалниот чин поточно оргазмот. 
 

Со цел да се потврди позитивниот ефект што оваа сензација го има врз менталното здравје, била изведена магнетна резонанца врз испитаници кои биле пратени на седум дневно патување во спиритуален комплекс. Било потврдено дека, покрај намалувањето на физиолошките знаци на стрес, сензацијата буквално го менува мозокот. Биле забележани промени во нивото на допамин и серотонин – невротрансмитери одговорни за чувството на блаженство. Овие откритија по сѐ изгледа се потврда за трансформативната моќ што ја има медитацијата, иако, ваквата сензација е достапна за сите, не само за спиритуално ориентираните. 

Ајде да ја тргнеме малку наукава настрана, и да ве израдуваме со фактот дека ваквата сензација ги подобрува и социјалните вештини кај луѓето, потенцирајќи го чувството и потребата за припадност во група, би додале, нешто што е пожелно во оваа ера на интернет-изолација. 
 

Ако на крајот од статијава заклучивте дека немате доволно пари и поради тоа не сте привилегирани за оваа емоција, тогаш не сте разбрале ништо. Не ви се потребни Малдивите, и Охрид ќе заврши работа, ако научите не само да гледате, туку и да чувствувате. За некои луѓе  Пирамидите се само камења, за други се мистични, неверојатни, возбудливи. Соживејте се со природата, вклучете ги сетилата и сензацијата ќе ве преплави и на Водно. И да, не заборавајте да заборавите на телефонот!

 

Одете во природа, пијте кафе покрај река, искачувајте ги планините и потоа одново сѐ  – ова е рецептот за здрав живот во секоја смисла!

 

Една нова техника за спиење ветува дека ќе се разбудите попозитивни, попродуктивни, а следната ноќ ќе си легнете без ниту една заостаната обврска. Ве заинтересиравме, нели?

Се согласувате ли дека нема нешто подосадно од тоа да слушате за нечиј сон? Ве уверуваме дека темава за сон нема да биде ист случај!  Ви се случило ли досега, сред сон да станете свесни дека сонувате, па дури и до го смените текот на сонот? Веруваме дека да. Всушност станува збор за луцеден сон – состојба при која сонувачот е свесен дека сонува при тоа, тој самиот може да го контролира сценариото. Истражувачите велат дека токму овој тип на сон, освен тема за разговор наредниот ден, може да ни биде од голема корист. 

Во студијата од 2014-та, истражувачите од Универзитетот Линколн, открија дека луцидните сонувачи покажуваат поголем капацитет при соочувањето со проблемите во реалниот живот. Предмет на друго истражување, објавено во Journal Of Sport Sciences, била поврзаноста помеѓу луцидното сонување и подобрениот фокус и перформанси на спортистите. 

Денес, она што ги интересира истражувачите, а богами и нас, е дали ваквиот сон може да биде искористен во облик на техника преку која би го менаџирале менталното здравје? Наводно, луцидниот сон може да помогне при состојби на стрес и анксиозност, а послужил и како интервенција кај пациенти кои се соочуваат со посттрауматски стрес и кошмари. 


> Школа за спиење? Токму така, првата школа за спиење му припаѓа на Charlie Morley, чии книги на темата, досега, се преведени на 15 јазици, а неговиот видео-курс за луцидно спиење е достапен на интернет веќе 9 години. Тој објаснува дека првиот чекор за да ѝ пристапите на потсвеста при состојба на спиење, е да се потрудите да ги запаметите соновите штом се разбудите. Најчесто, луѓето сонуваат од 4 до 5 сона во текот на ноќта и клучот за да се сетите на сите, е дневникот што ќе го чувате покрај креветот,a и телефонот може да послужи. Бележете сѐ во случај да се разбудите, бидејќи наредниот ден голема е веројатноста да се сеќавате на половина од работите. 

Откако ќе научите да ги меморирате соновите, следува фаза два. Луцидното сонување е во суштина наметнување контрола на потсвеста, а тоа воопшто не е лесна задача. Morley советува да почнете така што ќе влијаете на содржината на сонот пред да заспиете. Едноставно наредете си што ќе сонувате ноќта. На овој начин, ќе можете да изберете тема што ве прави анксиозни со цел да се обидете да ја решите, во сон. Теоријата вели дека со оглед на тоа што ги ангажирате деловите од мозокот во кои е невозможно да се влезе при свесна состојба, истовремено ќе продрете до сите мудрости што сте ги акумулирале – мудрости што ќе ви помогнат да го решите проблемот. 

Третата фаза подразбира вежби за подобрување на меморијата, онаа додека сте будни, кои ќе ви ги отворат вратите на луцидниот сон. Обидете се, на пример, да го запаметите бројот на кредитната картичка или матичниот број на сопругот и децата или едноставно појдете на пазарување меморирајќи го списокот во глава. 


За крај, Morley советува да го подесите будилникот неколку часа пред вашиот официјален термин за будење. На пример, ако станувате во 8, станете во 5 часот наутро во текот на последните етапи од РЕМ фазата. 

Не оптоварувајте се ако не успеете да дојдете до комплетен луциден сон, тоа воопшто не е лесно ниту брзо се постигнува. Но, вреди да се обидете, бидејќи секако ќе стекнете неколку бенефити како: дисциплина во спиењето, чисти сонови и закотвување во сегашноста додека сте будни – тоа е всушност вештина која се пренесува во соништата, на тој начин што ќе знаете дека сонувате додека сѐ уште спиете. 

 

Теории за сонот

Научниците не можат со сигурност да потврдат што се обидуваат да ни кажат соновите, но сепак имаат неколку идеи...


Теоријата на Фројд 

Тој верувал дека соновите ги исполнуваат несвесните (читај: потиснати, чудни, загрижувачки) желби на поприфатлив начин. Сон: Задавивте овца? Значење: Тоа најверојатно е вашиот претпоставен, оној со многу влакна по телото, што би го задавиле. Морничаво, нели?


Теорија за симултана закана 

Ова ги објаснува оние лавови што ве бркаа, а вие сакавте да бегате, но нозете ви беа небаре цементирани за земјата. Соновите во суштина служат за да ги симулирате сите заканувачки сценарија, со цел да се подготвите за нив. Сон: Појдовте на интервју боси? Значење: Доцните со сработеното и тоа ви создава паника. 


Теорија за решавање проблеми

Соновите се потсвесен обид да ги решиме сите оние проблеми што нѐ мачат додека сме будни. И да, во нив сѐ е лесно како песна. Сетете се колку тестот по математика беше лесен на сон?

  

 

Еко пријателски материјали, органски памук, биоразградливи кеси – да,  денес е возможно да бидете модерни без да ја загрозувате животната средина. Ти благодариме Ема Вотсон! Во случај да не знаевте, актерката е голем поборник против модната индустрија која ги користи животните за свои цели, а на црвениот тепих задолжително позира во креации дизајнирани од пластични шишиња собрани од океаните. Па ако сакате вашите деца или внуци да растат во свет на китови и бели мечки, на следниот шопинг, освен паричникот, со себе понесете и општествена одговорност! Во меѓувреме, ние ќе ви појасниме што сакаат да кажат етикетите, кои се индиректен комплимент за вашето добро дело!


„Eco Friendly“

При изработка на овие парчиња облека и чевли, е направена минимална штета кон животната средина – употребени се материјали кои не содржат хемикалии, бојадисувањето се врши со безбедни бои кои немаат токсични супстанци во составот, при изработка на моделите се потрошило 99% помалку вода од вообичаено (за споредба, за да се изработи само една маичка потребни се 2.720 лити вода), ткаенините се изработуваат од рециклирани материјали или строго природни (од пулпите на дрвjата) без да им се загрози животниот век. 


„Biodegradable“

Свилата, ленот, волната и материјалите изработени од растителни влакна, лесно се разградуваат во природни елементи. Одлична вест за оние кои не се ослободија од навиката да ја фрлаат износената  облеката каде ќе стигнат.


„Fair trade“

Ова значи дека вашето ново здолниште што сите го пофалија, го изработиле работници кои живеат во неразвиени земји како Бангладеш; истите биле платени доволно за си ги покријат своите и потребите на нивните семејства.


„Organic“

Интересно, истата етикета што важи и за храната (органски јаболка, органски пиперки) важи и за модата. Ова значи дека материјалот, најчесто памукот, растел на строго контролирана органска фарма без употреба на какви било хемикалии.


„Recycled“

Чевлите, фустанот, костимот, модните додатоци што веќе можеби ги носите, се изработени од веќе искористени материјали како пластика, гума, метал. Се прашувам колку колекции ќе се изработеа доколку се искористеа сите гуми што неодамна ги извадија од реката Вардар?


„Vegan“

Нула животински производи како кожа, крзно, па дури и свила, се вклучени при изработка на колекцијата. За овие змиски капути или тигарски чизми, не се убиени ниту питони, а уште помалку некој бил на лов во Африка.


„Upcycled“

Кога ѓубрето или поблаго кажано, материјалите кои ја надживеале својата употреба, добиваат нов сјај во дизајнерските куќи. На пример, бикини изработено од стари мрежи за ловење.


„Ethical“

Термин кој потврдува дека секоја индивидуа која на каков било начин учествувала во процесот на изработка на производот, добила фер третман, плата и заштита. Купувајќи облека со ваква етикета, вие застанувате на страната на работникот и дополнително, ги држите малолетниците далеку од фабриките. 


„Sustainable“

Комбинација од  две етикети: еко-пријателски и етички. Во превод: модната куќа која го изработила џемперот што ви стана втора кожа, била одговорна спрема природата и водела сметка за нејзините вработени. Полн погодок!

 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.