Сподели со пријателите

Рекреативно планинарење

Идеја за саботна дружба која ќе ви го затегне телото и ќе ви го прочисти умот

Дружењето со природата е најдобрата терапија што нема да ве чини ниту денар, а сѐ што ви треба се вашите две нозе и малку слободно време. Барем еднаш во неделата заменете го градскиот метеж со тивкиот и мирен планински свет. Навистина нешто магично се случува кога човек ќе излезе од сопствената мрежа на живеење. Умот се стишува. Дишењето се продлабочува. Крвниот притисок паѓа. Настапуваат мир и среќа пропратени со наплив енергија. Токму ова е убавината на слободното време поминато во планина, со семејството или сами. Одржувањето на физичката кондиција е пропратен бенефит.
Оттука, не е зачудувачки што планинарењето е најпосакуван спорт на отворено меѓу луѓето на возраст од 25 до 30 години. Ако на истото гледаме како на фитнес вежба, тогаш придобивките се бројни – затегнати нозе, колкови, задник, ‘рбетен столб, согорени калории (Збогум остеопороза!). Листата придобивки не е ништо помала во однос на менталното здравје – зголемена креативност, подобрени способности за решавање проблеми, намалена анксиозност и зголемено чувство на среќа, двојно повеќе отколку спортување во затворено, потврдија австралиските научници. Редовното рекреативно планинарење го намалува ризикот од депресија!
Ако од некои причини ја одбегнувате оваа активност, време е да се обидете. Заборавете на инвестирање во којзнае каква скапа опрема, искачувањето на Водно отсекогаш подразбирало лесна и удобна облека, здрави патики, шишенце со вода, малку храна и многу ентузијазам.

Сабота на планина – топ 3 совети

Височина 
Стартувајте со помали височини. Она што може да ве премисли на половина пат е наклонот, поради кој срцето ќе почне забрзано да работи, па може да останете без воздух и да ве фати паника. Патеката што ќе ја искачувате треба да е пократка од рамната патека што ја одите без проблем.

Маршута 
Дефинирајте ја крајната цел, тоа е клучот за безбедно и ведро планинарење. Не впуштајте се во недефинирани далечини, бидејќи секоја промена како зајдување на сонцето или недостиг вода за пиење може да ве исфрли од колосек. Преиспитајте ги вашите капацитети и не заборавајте дека она што го искачивте, треба и да го симнете. 

Тип на патека
По која патека ќе одите, по обележена или народно кажано козја? Има голема разлика, обележните патеки се чисти, безбедни и плус нудат место за одмор. Козјите патеки се нерасчистени, можеби ќе треба да прескокнувате паднати дрвја, а бидејќи се многу слични една на друга, поверојатно е да се изгубите.  
 
 
 
Што да понесете со себе?

Не заборавајте, колку помал товар толку полесно искачување!

Паметни ужини
Експертите препорачуваат сувомесно како пршут или чаден кашкавал, бидејќи издржуваат на повисоки температури и нема да развијат бактерии. Комбинирајте ги со зеленчук што изобилува со вода како краставица. За инстант енергија тука е сувото овошје, протеинските или житни барови и јатките. 

Вода
Треба да пиете почесто, а помалку. Секоја друга течност и не е добра опција, бидејќи само ќе ви поттикнува жед.

Ќебенце
Понесете го дури и во најтоплите денови, бидејќи ќе ви се најде за одмор и за пикник. Хартиените шамичиња се одлична замена за пешкир, но сѐ додека ветите дека искористените ќе ги понесете назад со себе.

Заштита од сонце
Капа, очила, СПФ фактор – изборот е ваш, но никако не потпирајте се на сенките од дрвјата. 

Мобилен телефон
Пред излегување од дома, проверете ја батеријата, бидејќи паметни телефони ќе ви послужат во низа евентуални незгоди.
 
 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.