Сподели со пријателите

Кога светот е разочаран, вие... БИДЕТЕ УТЕХА

Слободно кажете: Животот се смени после Ковид 19! Кога би имале двоглед да ѕирнете во домовите на луѓето, ќе видите дека секој води своја битка. Некој се бори да работи од дома додека децата врескаат, друг е во солзи што не си ги видел блиските, трет се обидува да го натера детето да седне да учи...Никому не му е лесно и не е чудно ако се чувствувате лошо, а веќе во следниот миг да ве преплави чувство на вина, бидејќи на други им е многу полошо. Вие сѐ уште го имате животот во свои раце! Не сте сами во ова! Има светло на крајот од тунелот! Затоа...

Простете си за лошите мисли
Не сте лоши луѓе ако мислите дека вам ви е најтешко. „Сите емоции и реакции се нормални, вклучувајќи ги и оние кои делуваат себично, а  во поглед на нив, луѓето речиси и да не се разликуваат“ вели Elena Welsh клинички психолог од Лос Анџелес. Адаптирањето на промената поттикнува чувство  на нервоза и лутина, затоа потсетувајте се дека не сте сами во ова и ќе се почувствувате подобро.
Не му правите услуга на менталното здравје со тоа што се критикувате себеси за слабостите. „Постои силна корелација помеѓу критицизмот и депресијата, но и помеѓу сочувството и доброто расположение,“ вели Welsh. Ако си судите, само ќе се чувствувате полошо, а тоа не ви е потребно во моментов. 
Пробајте да се уловите себеси кога ќе ве нападнат лоши мисли и документирајте ги. „Запишете ја иницијалната мисла, а потоа заменете ја со логична,“ советува Elena Welsh. На пример: „Се нервирам што мојот пријател ја пропушти работата во Лондон; навистина се радував што и јас ќе го видев градот.“ Јасно идентификувајте зошто одредена промена на плановите и условите предизвикале да се чувствувате разочарано, тоа ќе ви помогне да ја видите поголемата слика. 
Кога би ви се јавил некој близок да ви се жали, сигурно би го бомбардирале со совети и утешни зборови. Ајде сега истото сторете го за себеси. „Сите покажуваме поголема доза сочувство и разбирање за другите, а сме престроги кон себеси,“ се сложува и Welsh. 

Зошто се чувствувам вака?
Понекогаш одговорот е многу едноставен: Бидејќи требаше да откажете патување што едвај го организиравте. Зарем има логика да се нервирате кога ништо не можете да смените?
Пример за помалку јасен мотив за емоциите? Тажни сте што ги прекинавте часовите по вежбање, а само што стекнавте рутина. Спортувањето е изводливо и дома, можеби ви недостасува социјализација? Дали копнеете по новостекнатите пријателства, а не по вежбањето само по себе? Во вакви ситуации, технологијата може да ви послужи за добро, затоа практикувајте видео повици со блиските. 

Фокусирајте се на други
Како пријателите кои очекуваат бебе, оние што останаа без работа или баба и дедо. „Фокусирањето на други луѓе е одлично за да ги пренасочите мислите,“ вели Welsh. „Ваквата пракса ќе ви помогне да се чувствувате помалку анксиозно и депресивно.“ Ние би додале: Ова е одличен начин да сторите некому добро, макар и со збор. 
Студијата објавена во Journal of Clinical Psychology во која биле набљудувани 47 луѓе кои се бореле со клиничка анксиозност и/или депресија, покажала дека овие пациенти имале помалку симптоми поврзани со нивната состојба во периодите кога некому биле од помош. 
Со почитувањето на препораките вие делувате за општото добро, но ако тоа не ви е доволно за да се нахраните, тогаш преземете чекор плус. Бидете им поддршка на луѓето што ги сакате или пријавете се за добротворна работа. Бидете сигурни дека заедно со светската криза, ќе си замине и вашата депресија. 

Изразете благодарност
Сега е вистинско време за ментална задача од овој тип, бидејќи благодарноста е тесно поврзана со позитивните емоции. На дневна база, набројувајте ги нештата поради кои сте благодарни како фактот што имате стабилна работа, додека другите не, па сѐ до ситници како кикотењето на децата. Не мора да ги запишувате овие работи, кажете ги на глас или во себе. Уште подобро, вклучете го целото семејство и претворете ја вежбата во игра.

Надевајте се на подобро утре
Често мислите на искуствата и миговите што ги пропуштивте, а тоа е тешко да се проголта. Но, животот ќе се врати во нормала и морате редовно да се потсетувате на тој факт. И покрај сериозноста на ситуацијата, круцијално е да си дозволите моменти на радост. Имате потполно право да се смеете, да му се радувате на животот, всушност правете го тоа што почесто. Но, ако ви доаѓа да плачете - сторете го тоа! Почитувајте го својот начин на процесирање на ситуацијата. Во меѓувреме, грижете се за себеси, така ќе станете помалку ранливи за сѐ што треба да дојде. 
      

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.