Сподели со пријателите

МЕЛАНОМ

30 до 50% од случаите на овој тип на рак на кожа настанале од веќе постоечките бенки – дали одговорното изложување на сонце може да направи разлика?
 
Дури и да се каже дека ракот на кожа е еден од највообичаените облици на рак е потценувачки, бидејќи секоја година бројот на заболени изнесува колку вкупната бројка на болни од рак на дојка, простата, крајници и рак на дебело црево. Над 5.4 милиони случаи се однесуваат само на меланомот или најсмртоносниот облик на рак на кожа. Ризикот од меланом е поголем кај луѓето над 40 години, особено кај жените. Бидејќи раната детекција може да ви го спаси животот, потрудете се да научите сѐ што има да се знае за оваа болест.

КАКО НАСТАНУВА?
Меланомот се развива во клетките (меланоцити) кои продуцираат меланин – пигмент кој ја одредува бојата на кожата. Меланомот може да се појави и во очите, а поретко и внатре во организмот - во носот или грлото. Точната причина за настанување на меланомот не е прецизно утврдена, но изложувањето на ултравиолетови (УВ) зраци од сонце или солариум, го зголемуваат ризикот. Преку ограничено изложување на УВ радијација несомено ќе го намалите тој ризик!

Вообичаено, клетките на кожата се формираат при контролирана и редовна процедура – новите, здрави клетки ги туркаат старите кон површината на кожата, а тие таму умираат и порано или подоцна паѓаат. Но, доколку некои клетки развијат ДНК оштетувања, доаѓа до неконтролирано размножување нови клетки и евентуално создавање маса од канцероегени примероци.
Она што не е јасно е што го поттикнува ДНК оштетувањето во клетките и како тоа води до меланом? Затоа, причинителот не е еден туку е комбинација од фактори, вклучувајќи ги оние од околината и генетските. 

СИМПТОМИ
Меланомите можат да се појават каде било на телото. Најчесто се погодени региите кои се изложени на сонце како грбот, рацете, нозете и лицето. Но, ова не значи дека оние регии кои имаат минимален контакт со сонцето се имуни, има случаи со меланом на внатрешната страна на стапалото и рацете или под ноктите. Овие скриени меланоми се почести кај луѓето со темна боја на кожа. 

2 клучни промени
·       Промена на постоечкиот невус (бенка)
·       Појава на нов пигментиран или невообичаен израсток на кожата
1 клучен факт
Меланомата не секогаш почнува со бенка, нејзината присутнос е потврдена и кај пациенти со сосем нормален изглед на кожата.
 
Како изгледа нормална бенка?
Нормалните бенки најчесто имаат униформирана боја – иста со онаа на тенот, кафена или црна, со јасна граница која ја одделува бенката од кожата. Тие се овални или кружни по облик, помали од 6 мм во дијаметар или колку една гума на врв од молив. Поголемиот број на бенки настануваат во детството, а нови се појавуваат околу 40тата година. Додека да станат возрасни, поголемиот број од луѓето имаат помеѓу 10 и 40 бенки. Тие можат да го менуваат изгледот со годините, а некои и да исчезнат.
 
Како изгледа невообичаена бенка? 
Правилото ABCDЕ ќе ви помогне да заклучите дали вашата бенка спаѓа во категорија  на потенцијален малиген меланом. Сепак, крајниот збор оставете му го на дерматологот!
А (Asymmetry) Асиметрија – ако ја поделите бенката со една замислена линија  и добиете две различни половини, појдете на лекар.
B (Borders) Граници – барајте бенки со нејасни, назабени, испрекинати, недефинирани рабови – нејасна граница помеѓу бенката и околната кожа.
(Color) Боја – барајте бенки со многу бои (црна, нијанси на кафена, црвена, темно сина, сива, траги на бела боја) или пак еднобојна бенка, но со нерамномерно распределена боја.
D (Diameter) Дијаметар - ако бенката е поголема од 6 милиметри, појдете на консултација.
E (Evolution) Еволуција - која било промена на бенката во однос на боја, форма, големина, плус проследена со чешање или крвавење треба да се сфати сериозно.
 
Кога да појдете на доктор?
Штом забележите каква било промена или нешто што ви се чини невообичаено! Не барајте бенката да ги има сите оние ABCDE промени, некои малигни бенки манифестираат само една видлива промена.
 
РИЗИК ФАКТОРИ

> Светла кожа Таа има помала количина на пигмент (меланин) што значи има помала природна заштита од УВ радијација. Тука спаѓаат црвенокосите, русокосите и луѓето со светли очи.

> Историја на изгореници од сонце Едно или неколку прегорувања под сонцето инстантно го зголемуваат ризикот од меланом.

> +УВ радијација Ламби и кревети за солариум во комбинација со сонцето надвор се вистинска канцерогена бомба за кожата.

> Преголем број на бенки Над 50тина вообичаени бенки по телото индицираат зголемен ризик од меланом. Само една поинаква бенка во однос на боја, дијаметар, облик, значи ризик од болеста.

> Историја на меланом во семејството Ако близок роднина, како родител или дете, се соочил со овој тип на рак на кожа, тогаш и вие имате зголемен ризик да поминете низ истото.

> Слаб имунитет Луѓето со ослабен имунитет имаат зголемен ризик од меланом или друг тип на рак на кожа, како заболени од сида или други имунолошки болести. 

 
ШТО СОВЕТУВААТ ДЕРМАТОЛОЗИТЕ?

Бидете одговорни под сонцето
Не плашете се од сонцето, сепак тоа ни дава живот. Но, впивајте го одговорно. Сменете ги навиките за да можете да уживате без да се изложувате себеси на ризик. Капа, СПФ и очила што ги блокираат УВ зраците се трите есенцијали без кои не смеете да го напуштите домот.

Секоја промена на кожата се важи
Луѓето најчесто не се потресуваат околу основниот тип на рак на кожа, базичниот клеточен карцином, бидејќи веруваат дека е 100% излечив преку крем за локална употреба или едноставна хируршка процедура. Проблемот со ваквото размислување е тоа што луѓето кои имале нискоризичен тип на рак, имаат 53% поголем ризик да заболат од друг посериозен тип на рак.

СПФ не е само за на плажа
Малкумина се свесни на колку УВ радијација сме изложени – просечното инцидентно време поминато на сонце е всушност 80% од вкупното изложување што една индивидуа ќе го оствари во својот животен век. Оттука, сосем логично е да нанесуваме млеко со заштитен фактор секој ден, без разлика дали има сонце или врне и без разлика дали ќе излеземе на кратко или на долго. 
 
Не штедете на СПФ
Истражувањата покажуваат дека луѓето нанесуваат само 1/3 до ½ од количината што е потребно да ја нанесат, за да го добијат нивото на заштита што е наведено на шишенцето. Што значи ако ставате СПФ 50, најверојатно не добивате ни СПФ 25. За едно тело на возрасен со просечна големина, доволно е една чаша за ракија крем за сончање, но доколу одите на плажа. Убаво е заштитниот фактор да го комбинирате со антиоксиданси - како - прочитајте на стр. 20

Реагирајте на прва
Ако бенките се менуваат на каков било начин, големина, облик, боја, реагирајте! Обрнете внимание на симптоми како сврбење и чувствителност. 

Не заборавајте ги усните
Тенката кожа на усните има недостиг од меланин, природниот заштитник од сонце, правејќи ги двојно ранливи. Само 37% од луѓето ги заштитуваат усните со СПФ додека се на плажа! Мажите се особено склони на рак на усните, но без разлика на полот, долната усна има 12 пати поголеми шанси да биде зафатена, бидејќи прима повеќе сонце. 
 
 
 

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.