Сподели со пријателите

Сѐ што треба да знаете за ХИВ и СИДА

Што е ХИВ?
ХИВ е вирус кој го напаѓа имунитетот – штитот на организмот од бактериите и вирусите со кои е во постојан контакт. Поточно, вирусот ги убива ЦД4 клетките кои се тип на имунолошки клетки наречени Т-клетки. Како што ХИВ вирусот напредува со својот напад врз овие клетки, така телото станува поранливо на различни видови инфекции и сериозни заболувања како рак.
ХИВ се пренесува преку телесните течности:
·      Крв
·      Семена течност
·      Вагинален секрет
·      Мајчино млеко
ХИВ не се пренесува преку воздух или вода или преку вообичаен контакт. 
За оваа доживотна состојба нема лек, иако научниците не се откажуваат од потрагата. Но, со соодветна медицинска нега, вклучувајќи го и третманот наречен антиретровирусна терапија, возможно е да се контролира и да се живее со него. 
Без третман, лицето позитивно на ХИВ може да заболи од СИДА. Во таа фаза, имунитетот е преслаб да се бори со останатите болести и инфекции. Заболениот од СИДА, кој не прима соодветни лекарства, во просек живее 3 години. Со антиретровирусната терапија, ХИВ вирусот се менаџира лесно, а животниот век речиси е ист колку на луѓето кои никогаш нема да стапат во контакт со него.

Што е СИДА?
Болест која се развива кај луѓето позитивни на ХИВ. Всушност, таа е најнапредната фаза на ХИВ вирусот. Но, индивидуата не мора да значи дека ќе заболи од СИДА само затоа што е ХИВ позитивна.
Како што напоменавме, ХИВ вирусот ги убива ЦД4 клетките. Здравите луѓе, генерално имаат од 500 до 1.500 вакви клетки на кубен милиметар. На лицето заразено со ХИВ чии ЦД4 клетки паднале под 200 на кубен милиметар, ќе му биде дијагностицирана СИДА.
СИДА може да се дијагностицира и кај луѓе кои имаат ХИВ и плус развиле опортунистичка инфекција или рак, кои многу ретко се среќаваат кај луѓе негативни на ХИВ. Опортунистичката инфекција, како пневмонија, ја користи деликатната ситуација како ХИВ вирусот, за да го нападне организмот. 
Доколку не се третира, ХИВ може да прогресира во СИДА за една декада. Болните од СИДА, кои не се лекуваат, во просек живеат 3 години, но времето се крати доколу телото во меѓувреме се судри со сериозна опортунистичка болест. Антиретровирусната терапија може да го спречи ХИВ вирусот да поттикне СИДА.
Но, во случај сепак да се развие СИДА, тоа значи дека имунитетот е сериозно компромитиран. Тој е ослабен до степен да не може да го возврати ударот и на најслабите инфекции. Луѓето стануваат ранливи на цела една палета од болести како пневмонија, туберкулоза, рак, менингитис, габични инфекции во устата и грлото и уште многу други.
Скратениот животен век кај случаите со нетретирана СИДА не е директен резултат на синдромот сам по себе, туку е резултат на болестите и компликациите кои се јавуваат поради срозениот имунитет.
 
ХИВ и СИДА: која е поврзаноста?
За да заболи од СИДА, човекот мора да биде заразен со ХИВ. Но, ХИВ позитивниот не мора да значи дека некогаш ќе заболи од СИДА. 
ХИВ случаите прогресираат во три фази:
·      1: Акутна фаза, првите неколку недели по заразувањето
·      2: Клиничка латенција или хронична фаза
·      3: СИДА
Колку брзо еден ХИВ случај ќе прогресира во хронична фаза варира од човек до човек. Без третман, може да трае до една декада пред да премине во СИДА. Со соодветни лекарства, може да трае доживотно.
Иако нема лек за ХИВ, со вирусот може нормално да се живее. Ниту за СИДА нема лек, но третманот може да го зголеми бројот на ЦД4 клетките до ниво кое налага дека организмот нема СИДА (200 или над, ЦД4 клетки на кубен мм). Антиретровирусната терапија е добра затоа што помага и во борбата со опортунистичките инфекции.
 
ХИВ трансмисија: научете ги фактите!
Секој може да се зарази со ХИВ вирус преку телесните течности наведени погоре. Од човек на човек, се пренесува преку:
·      вагинален или анален сексуален однос
·      споделување игли и останати алатки за инјектирање дрога
·      споделување опрема за тетовирање, без таа да биде стерилизирана меѓу две употреби
·      во текот на бременоста, породувањето, доењето, мајката може да го пренесе на бебето
·      преку џвакање на храната на бебето пред да му се даде во уста
Во теорија е возможно, но екстремно ретко се случува, ХИВ да се пренесе преку:
·       орален секс (но, само ако ХИВ позитивниот крвави од непцата)
·      каснување од страна на ХИВ позитивен (само ако плунката е крвава или има отворени рани во усната шуплина)
·      контакт со оштетна кожа, рани и крв со ХИВ позитивниот
ХИВ не се пренесува преку:
·      допир 
·      прегратки, држење за раце, бакнување
·      воздух или вода
·      споделување храна и пијалоци
·      плунка, солзи, пот, измет
·      споделување тоалет, кревет или пешкир
·      комарци и други инсекти
Важно е да се напомене дека ХИВ позитивното лице кое се лекува, но константно е без вирусно оптоварување, практично е невозможно да зарази друг.
 
Тестови за откривање ХИВ
Постојат неколку опции, некои даваат брзи резултати, за некои треба време, но лекарот е оној што одлучува кој тест е соодветен за дадениот случај. Во принцип тестовите се вршат преку анализа на крвта со цел да се провери дали има појава на антитела или антигени. Антителото е протеинска компонента која телото само ја создава со цел да се избори со инфекцијата. Антигенот, од друга страна, е составен дел на вирусот кој го активира имунитетот. 

ШТО Е ТОА ХИВ ПЕРИОД НА ПРОЗОРЕЦ?
Веднаш после првиот контакт со ХИВ, вирусот почнува да се множи во телото. Имунолошкиот систем на заразениот реагира на антигените така што создава антитела. 
Временскиот период помеѓу изложувањето на вирусот сѐ до моментот кога тој ќе стане воочлив преку анализа на крвта, се нарекува период на прозорец. Поголемиот број луѓе развиваат забележливи антитела од 23 до 90 дена после инфицирањето.
Ако лицето се тестира во текот на периодот прозорец, голема е веројатноста да добие негативен резултат. Но, и во овој период тој е заразен за другите. Затоа, тестот се повторува по одреден период (тајмингот зависи од тестот што се користел претходно). Во меѓувреме, лицето треба да користи кондом за да спречи ширење на ХИВ.
 
Рани сиптоми на ХИВ
Во текот на акутната фаза, некои луѓе не пројавуваат никакви симптоми или едноставно не ги поврзуваат со ХИВ, бидејќи тие потсетуваат на грип или на сезонски вирус. Симптомите се варијабилни, може да бидат благи или остри, може да се појават и да ги снема и може да траат неколку денови или неколку недели.
Во рани симптоми спаѓаат:
·      треска
·      студ
·      отечени лимфни јазли
·      општи болки
·      осип на кожата
·      воспалено грло
·      главоболка
·      гадење
·      вознемирен стомак
 
Кои се симптоми на ХИВ?
После 1 до 2 месеци, ХИВ влегува во хронична фаза која трае од неколку години до неколку декади. Некои луѓе немаат симптоми во оваа фаза, додека други имаат минимални или нетипични симптоми како:
·      главоболки и други болки
·      отечени лимфни јазли
·      чести трески
·      ноќно потење
·      замор
·      гадење
·      повраќање
·      дијареја
·      губење на тежината
·      осип на кожата
·      чести орални и габични вагинални инфекции
·      пневмонија
Исто како и во раната фаза, и во оваа, ХИВ е лесно пренослив без оглед на симптомите. Но, лицето нема да знае дека има ХИВ освен ако не се тестира. Преку тестот не ги штитите само другите, имајте на ум дека со рана детекција побрзо ќе стасате до лекарства кои комплетно ќе го забават вирусот. 
Ако лицето било изложено на ХИВ, тоа истовремено било изложено и на други сексуално преносливи болести како гонореја, кламидија, сифилис, трикомонијаза. Кај мажите, симптомите на СПБ се повоочливи, бидејќи се видливи на самите гениталии за разлика од жените. Но, жените побрзо реагираат и одат на лекар, за разлика од мажите.  
 
Кои се симптоми на СИДА?
СИДА или синдром на стекната имунодефициенција – фаза во која имунолошкиот систем е ослабнат од причина што ХИВ вирусот не бил третиран со години. ХИВ позитивните ќе развијат СИДА и во случај на доцно откривање на самиот вирус или ако знаат дека имаат ХИВ, но не се упорни со терапијата. СИДА-та е неизбежна и кај ХИВ случаите кои се отпорни на антиретровирусната терапија. 

Симптомите на СИДА се следни: 
·      зачестена треска
·      хронични отечени лимфни жлезди, особено на пазувите, вратот и препоните
·      хроничен замор
·      ноќно потење
·      темни дамки на кожата или во внатрешноста на устата, носот или очните капаци
·      рани, дамки или лезии на устата и јазикот, гениталиите или анусот
·      испакнатини, лезии или осип на кожата
·      честа или хронична дијареја
·      брзо губење на тежината
·      невролошки проблеми како што се проблеми со концентрацијата, губење на меморијата и конфузија
·      вознемиреност и депресија
 
Заштита и превенција
Едноставно е, користете кондом при вагинален, анален и орален секс!

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.