Сподели со пријателите

Флексибилна емотивна агилност

Како да дојдете до оваа дарба што ќе ве направи посреќен човек?

„Ич не си добра мајка“. 
„Ни за работа не те бива“.
 „Колку лош другар си“. 
„Повторно ги изневери сите“. 


Вакви и други слични мисли се мотаат низ главата на секој од нас, секојдневно. Во просек, човекот изговара 16.000 зборови дневно, но внатрешниот глас учествува со десет пати поголема бројка. Нажалост, не сите зборови се позитивни, впрочем 60 % од луѓето размислуваат за себеси во негативна конотација барем еднаш неделно. 
Постојаната грижа за сѐ и сешто е клучен фактор за цел ранг психолошки нарушувања како депресија, анорексија или консумација на штетни супстанци. Според истражувачите од Универзитетот Кембриџ, жените двојно повеќе страдаат оданксиозност во однос на мажите, бидејќи по природа дамите се погрижливи.

КАКО ПОЧНУВА СЀ?
Дали е возможно да се извлечеме од лошите мисли штом почнат да се нижат една по друга? Соред д-р Сузан Дејвид, психолог на универзитетот Харвард и автор на Emotional Agility, штотуку ја направивме првата грешка. Таа е против етикетирање на мислите како лоши или добри, бидејќи сите се нормални, природни и очекувани. Непосакуваните мисли нудат можност да одговориме соодветно и на крај да имаме корист во однос на здравјето и среќата.
„Уште од најмала возраст ве советуваа да не бидете тажни, да не се лутите“, објаснува д-р Дејвид. А последниот култ на позитивизам гласи: „Само бидете позитивни и сѐ ќе биде во ред“. Но, овие емоции не ви се непријатели, преку нив телото ве упатува на она што ви е важно. 
Д-р Рита Сантос е когнитивен бихејвиорален терапевт чија специјалност е анксиозноста. Таа вели дека честопати мора да ги потсетува пациентите дека вознемиреноста не е нешто лошо што може да се излечи разменувајќи ги лошите мисли со добри. „Вознемиреноста, лутината, стравот, се легитимни колку среќата и возбудата“, вели д-р Сантос. 
„Сите мисли се составен дел од вас, токму тие ве прават човек. Затоа не казнувајте се себеси со заклучоци дека сте премногу слаби“. Од вас се бара само да ги зграбите мислите, бидејќи ќе ви помогнат да сфатите што најмногу ви значи. 
Сепак, ако се чувствувате заглавени во мислите од причина што прекумерно размислувате, има начин како да ги надминете емотивните пречки и да станете малку пофлексибилни во однос на вашите чувства. 
„Чувајте ги пријателите блиску, а непријателите уште поблиску“ – оваа поговорка важи и за тешките емоции. „Првиот чекор е да се разоткриете. Да ги препознаете и да ги прифатите емоциите“, вели д-р Сузан Дејвид. „Имам волја за овие емоции и сакам да ги искусам“ кажете си. Ако наместо да ги рационализирате, вие ги премолчувате емоциите, несомнено ќе се почувствувате немоќни. Ова особено се однесува на оние кои редовно ги потиснуваат емоциите или насила ги менуваат негативните со позитивни.
Без разлика што предизвикуваат немир во душата, д-р Дејвид вели дека колебањето, стравот и критиките нѐ одржале како вид на земјата. „Мозок го прави она за што е дизајниран: се обидува да ги предвиди и реши проблемите и да избегне потенцијални стапици. Едноставно обидете се да забележите кога процесот на негативно размислување станува проблем или можеби се врзавте за конкретно тврдење.
„Не ме бидува со бројки“ – кога некоја фраза премногу се повторува, голема е веројатноста да ја примите како факт или вистина, а не како емоција.
Мора да најдете начин да ги сопрете емоциите да ве водат, советува д-р Сантос. „Ќе го земеме за пример лицето кое се плаши да оди на интервјуа, бидејќи верува дека ќе каже нешто глупаво. Маскирајќи го својот страв со изговори, тоа лице ги напластува негативните емоции, па влошувањето на состојбата станува неизбежно. Не правете го ова! Едноставно запрашајте се: Што е најлошото и најдоброто што може да ми се случи? Форсирајте се себеси да размислувате на сите можни исходи, бидејќи само така ќе заклучите дека вашите стравови не се базираат на вистински докази“.

СКРШНЕТЕ ОД ПАТЕКАТА
Според Џулиан Хал, емотивен експерт и основач на Calm People(сервис кој им помага на луѓето да најдат здрав начин да ги изразат емоциите) ниската самодоверба честопати е причината поради која луѓето заглавуваат со лоши емоции. Но, решението е едноставно и подразбира доаѓање до нова перспектива.
„За да ги препознаат вистинските емоции, ги тераме луѓето да напишат што е она што поттикнало лутина во нив или тага – можеби се работи за критика добиена на работа, од пријател или партнерот. Потоа одговараат на прашањето - што тоа значеше за мене? - набројувајќи ги сите мисли што им паднале напамет. Некаде при крај, скоро сите признаваат дека помислиле: Јас сум безвреден или Јас сум бескорисен“.
Препознавањето на ваквите мисли ќе ви помогне да разберете зошто кај вас поттикнуваат конкретна емотивна реакција. Истото ќе го постигнете ако ја етикетирате секоја емоција. Именувањето на емоциите е многу важно, бидејќи влијае на вашата реакција. Постои голема разлика помеѓу „Под стрес сум“, а всушност сакате да кажете „Тажен сум, бидејќи мислев дека досега ќе напредувам во кариерата“, објаснува д-р Дејвид. Вие можеби сте под стрес, бидејќи им велите не на можностите или премногу вложувате во работата, но ако се чувствувате деградирани на работа или истата не ви е предизвик, тогаш реагирате погрешно. 

ФОКУСИРАЈТЕ СЕ НА НАГРАДАТА
Штом ги идентификувавте лошите мисли и ги крстивте, време е да ги искористите во своја корист. „Честопати чувствуваме страв, лутина или сомнеж, кога некоја од клучните вредности е под закана“, вели д-р Дејвид. „На пример, ако помислите дека сте ужасен пријател/партнер/син“, прифатете го заклучокот како таков, како потсетување дека пријателството и семејството се најважни. Или ако се чувствувате како измамник на работа и се плашите дека ќе ве откријат, можеби е тоа начин на кој вашето тело ве учи да бидете задоволен со себеси“. Ако сѐ уште не сте сигурни што е она што ви е најважно во животот, можеби е време да се впуштите во подлабоки аналитични разговори. Зборувајте со пријателите што е она што најмногу го ценат во однос на пријателството. Со партнерот дискутирајте го одност што го имате со родителите. Одговорите ќе ви донесат низа откритија од кои ќе се изненадите. Ако и ова не ви помогне, обидете се со онлајн вежбата на на д-р Дејвид (susandavid.com)во која од листа вредности– автономија, доверба, поседувања и други, ќе ги подвлечете зборовите што ви се најважни, а потоа ќе го идентификувате патот преку кој ќе ги вметнете во вашиот живот.

ЦЕЛЕТЕ НА ЗЛАТО
Штом заклучивте што е она што вам ви е важно, сѐ се сведува на малечки, целни промени во навиките со цел да ги усогласите со основните вредности. Луѓето кои имаат усвоено силни вредности, се заштитени од секакви транзиции и назадувања. Земете за пример еден атлетичар или гимнастичар: тие имаат силен рбетен столб, но се доволно флексибилни да се соочат со други физички предизвици. Истото можете да го постигнете на ментално ниво. 
Денот носи илјадници избори како да го изведете тоа. Овие се клучни времиња за да направите чекор кон или назад од основнте вредности. Обидете се да ги споите новите вредносни навики со нештата кои веќе ги правите. Ако здравата храна е вашата основна вредност, но секогаш јадете чоколада на пладне, ставете овошје на бирото. Или се чувствувате виновно што и после работа висите на телефонот? Скријте го во фиока тие часови од денот. Светот може и без вас!
Реалноста гласи дека животот честопати е исполнет со неуспеси, откажувања, одбивања, потешкотии. Но, ако имате доволно волја да ги осветлите емоциите и да заклучите што е значајно за вас, ќе стасате до ефективни одговори кои ќе ве приближат до човекот кој сакате да бидете. А тоа е одлична цел за која вреди да трчате.

67 % е бројот на жени кои постојано се грижат за тоа како изгледаат, во споредба со 53 % од мажите

За Нас

Ваш Аптекар, наменето да ги задоволи вашите потреби за квалитетни информации во врска со употребата на лековите и другите средства кои ги земате во аптеките. Ние се грижиме за вашето здравје и ќе ви обезбедиме интересни содржини кои директно ќе влијаат врз вашиот приод кон лекувањето и начинот на живот воопшто.

Следете не на Facebook

Newsletter

Внесете ја вашата е-пошта и навремено дознајте за сите новости и информации поврзани со Ваш Аптекар.